Европа
Франција ги советува граѓаните да го одложат патувањето во Украина

Франција ги советува своите граѓани да го одложат патувањето во Украина што не им е потребно и да не патуваат во пограничните области на северот и на истокот на земјата поради ескалација на тензиите со соседна Русија.
Ако е можно, препорачуваме да ги одложите патувањата во Украина кои не се од клучно значење за вас, се вели во соопштението на француското Министерство за надворешни работи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
„Фајненшл тајмс“: Турција со прва блокада за Шведска и Финска на патот кон НАТО

Турција ја блокираше првичната одлука на НАТО да ги процесира барањата на Финска и Шведска за пристапување во воената алијанса, пишува угледниот британски весник „Фајненшл тајмс“.
Ова ги доведува во прашање надежите за брзо приклучување на двете нордиски земји во сојузот.
Амбасадорите на НАТО се состанаа денеска за да ги отворат разговорите за пристап на истиот ден кога Финска и Шведска ги поднесоа своите апликации, но противењето на Анкара го прекинало секое гласање, тврди извор со директни информации по однос на ова прашање.
Одложувањето предизвикува сомнеж дека НАТО ќе може да ја одобри првата фаза од барањата на Финска и Шведска во рок од една или две недели, како што најави генералниот секретар Јенс Столтенберг.
Тоа, исто така, го поставува теренот за неколкудневна интензивна дипломатија меѓу САД, Турција, Финска и Шведска по ова прашање.
Сите 30 актуелни членки на НАТО мора да ги ратификуваат апликациите на Финска и Шведска, но тој процес започнува дури кога одбранбената алијанса ќе издаде протокол за пристапување и официјално ќе ги покани двете земји да се приклучат.
Европа
Руски војник призна дека убил цивил, му се заканува доживотен затвор

Рускиот војник на кој му се суди за воени злосторства во Украина се изјасни за виновен за убиство на невооружен цивил.
Вадим Шишимарин е обвинет дека убил невооружен 62-годишен цивил и му се заканува доживотен затвор.
Како што беше претходно објавено, станува збор за 21-годишен војник од тенковската дивизија „Кантемировскаја“ од Московската Област.
Според обвинението, војникот во обид да им побегне на украинските војници од украден автомобил застрелал 62-годишен маж на велосипед, кој зборувал на мобилен телефон.
Обвинителите велат дека би можеле да следат повеќе судења откако ќе се идентификуваат илјадници потенцијални злосторства извршени од руските сили.
Москва негираше дека нејзините војници гаѓале цивили.
Европа
Мајмунски сипаници почнаа да се шират низ Европа? Пријавени случаи во Шпанија и Португалија

Случаи на мајмунска сипаница се откриени во Португалија и Шпанија, што би можело да биде првата глобална епидемија на оваа ретка болест, објавија светските медиуми.
Шест лица во Португалија биле позитивно тестирани, а состојбата на десетици од нив се контролира, соопштија денеска тамошните здравствени власти.
Шпанија следи осум лица за кои верува дека би можеле да бидат заразени, а се спроведуваат тестови за да се потврди вирусот, соопштија тамошните власти.
Најновите случаи биле регистрирани кај мажи, од кои повеќето биле млади, но сè уште не е јасно како се заразиле.
Досега случаите на мајмунска сипаница беа ограничени на патници и нивните роднини кои се враќаа од Западна и Централна Африка, каде што вирусот е ендемичен.
Но, експертите сега стравуваат дека таа за прв пат се шири во заедницата, откако на седум Британци им беше дијагностицирана болеста во последните две недели.
Шест од нив се чини дека се заразени во Велика Британија, а повеќето се неповрзани, што сугерира дека повеќе случаи остануваат неоткриени.
Д-р Сајмон Кларк, микробиолог на Универзитетот во Ридинг, изјави за „Дејли меил“ дека се сомнева дека бројот на случаи во ОК веќе е десетици лица.
Кларк инсистирал на тоа дека болеста нема да се шири како ковид, додавајќи дека ќе биде изненаден ако се регистрираат повеќе од 100 случаи.
Регионите низ Шпанија се ставени во состојба на готовност по објавувањето на осумте сомнителни случаи во Мадрид.
Сè уште се чека потврда од Националниот центар за микробиологија.
Шефот на јавниот здравствен сектор во земјата, Фернандо Симон, рече дека мајмунските сипаници веројатно нема да предизвикаат значителен пренос, но тоа не може да се исклучи.
Шпанскиот здравствен систем за предупредување ги повика заедниците „итно“ да ги информираат јавните здравствени служби за пациентите со симптоми.