Свет
Хамас: Израел продолжи со бомбардирањето по ослободувањето на заложникот, убиен новинар
Израелската армија, според Хамас, продолжи со бомбардирањето на Појасот Газа напаѓајќи болница во вторникот вечерта убивајќи еден новинар по паузата да се ослободи израелско-американскиот заложник Еден Александар.
Додека Доналд Трамп денес тргнува на турнеја на Блискиот Исток, ослободувањето на единствениот жив заложник, кој има американско државјанство, беше можност за редок одмор за населението на Блискиот Исток.
Но, израелската армија рано утрово објави дека погодила „команден и контролен центар лоциран во болницата ‘Насер’ во Кан Јунис“ на јужната палестинска територија.
„Високи функционери на Хамас продолжуваат да ја користат болницата за терористички активности, цинично и брутално експлоатирајќи го цивилното население во и околу болницата“, се вели во објавата.
Властите на Хамас подоцна објавија дека загинале неколку пациенти, без да го наведат бројот. Тие го обвинија Израел за убиството на новинарот Хасан Аслих, директор на палестинската новинска агенција „Алам 24“, кој беше на лекување откога беше ранет во претходен напад на 7 април кога беа убиени уште двајца палестински новинари.
Израелската армија потоа објави дека цел на бомбардирањето бил токму Аслих, наречен терорист што дејствува под маската на новинар и наводно учествувал во масакрот на 7 октомври.
По двомесечното примирје, Израел ја продолжи својата офанзива врз Газа на 18 март заземајќи големи области од палестинската територија, а на 5 мај објави план за освојување на Газа.
Од 2 март израелската војска го забрани влезот на хуманитарна помош во Газа, каде што речиси 2,4 милиона луѓе живеат под опсада.
Прекинот на огнот што стапи во сила помеѓу 19 јануари и 17 март им овозможи на 33 израелски заложници, вклучувајќи осум тела, да ја напуштат Газа во замена за ослободување на приближно 1.800 палестински затвореници.
Нападот на Хамас на 7 октомври 2023 година резултира со смрт на 1.218 лица на израелска страна, повеќето од нив цивили, според податоците на АФП, базирани на официјални информации.
Од 251 лице киднапирани тој ден во Израел, 57 сè уште се во Газа, вклучувајќи 34, кои беа прогласени за мртви од страна на израелската војска.
Израелските одмазди во Газа оставија најмалку 52.862 мртви, повеќето од нив цивили, според бројките објавени во неделата од Министерството за здравство на Хамас, кои Обединетите нации ги оценија како веродостојни.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Тајани: Италија може да ја предводи меѓународната борба против корупцијата
Италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани денес изјави дека Италија има потенцијал да ја предводи меѓународната борба против корупцијата нагласувајќи ја важноста на соработката и размената на информации во борбата против овој глобален феномен.
„Италија е во добра позиција да го искористи своето искуство во борбата против корупцијата. Веќе ја ставаме Финансиската полиција (Guardia di Finanza) на располагање на Албанија и на Црна Гора, а преку работата на амбасадите и присуството на безбедносните службеници можеме да обезбедиме Италија да биде на првите редови во борбата против корупцијата“, рече Тајани на маргините на 24. состанок на Меѓуинституционалниот меѓународен координативен комитет за борба против корупцијата, кој се одржува во Рим.
Тој зборуваше и за неговата неодамнешна посета на Мексико, каде што соработката во борбата против криминалот беше централна тема.
Регион
(Видео) Автомобил удри во група луѓе во Белград, има повредени
Тешка сообраќајна несреќа се случи денес во Бањица кога автомобил се судри со група луѓе.
Екипата за итни случаи е на местото на настанот, пренесуваат тамошните медиуми.
Sieh dir diesen Beitrag auf Instagram an
Според очевидци, две лица биле заробени под возилото.
„Неколку лица се повредени. Според неофицијални информации, возачот починал зад воланот“, се вели на инстаграм-профилот на 192.rs.
Свет
Венс ги отфрли шпекулациите за соперништво со Рубио
Потпретседателот на Соединетите Американски Држави, Џеј-Ди Венс, изјави дека не го гледа државниот секретар на САД, Марко Рубио, како соперник и покрај шпекулациите за можно соперништво пред претседателските избори во 2028 година, објави „Хил““.
Во интервју за „Фокс њуз“, Венс рече дека ниту тој ниту Рубио нема право на претседателската функција и дека ќе разговара за идните претседателски планови со американскиот претседател Доналд Трамп, дури по среднорочните избори в година, односно меѓуизборите за Конгресот.
„Ќе направиме сè што можеме за да ги добиеме меѓуизборите, а потоа, потоа ќе седнам со претседателот на Соединетите Американски Држави и ќе разговарам со него за тоа“, рече Венс нагласувајќи дека во моментот е фокусиран на сегашноста и на работата на администрацијата.
Фото: принтскрин

