Свет
Харис: Го признавам поразот, но не се откажувам од борбата за слободата и идеалите
Потпретседателката на САД и демократска кандидатка на изборите, Камала Харис, не успеа да и’ обезбеди победа на својата партија, а сега првпат се огласи по поразот. Таа уште на почетокот им се заблагодари на сите луѓе кои гласаа за неа. Илјадници луѓе дојдоа да ја слушнат и видат Камала во живо, а громогласен аплауз го придружуваше нејзиното појавување на сцената, додека многумина плачеа во публиката.
„Моето срце е полно денес, полно со благодарност, љубов кон нашата земја. Исходот не е онаков каков што сакавме, за што се боревме, за што гласавме. Но, слушајте ме, светлината секогаш ќе гори, се додека се бориме“, изјави Харис, која и самата беше на работ на солзите.
Истакна дека е горда на борбата и како таа се водеше, но и дека нема да се откаже од неа.
„Го признавам поразот, но не се откажувам од борбата што ја водев во кампањата. Борбата за слобода, правда… Тоа е борба од која никогаш нема да се откажам. Никогаш нема да се откажам од фактот дека Американците можат да ги остварат своите аспирации, во Америка каде жените имаат избори, во која училиштата и улиците се заштитени од оружено насилство“, рече таа.
Соопшти дека демократите ќе се придржуваат до принципот на мирен трансфер на власта.
„Ова ја разликува демократијата од монархијата и тиранијата. Не му должиме лојалност на претседателот и партијата, туку на американскиот Устав“, рече таа.
Камала претходно му се јави на Трамп на телефон и му ја честиташе изборната победа. Според нејзиниот висок функционер, таа разговарала за важноста на мирен трансфер на власта и статусот на претседател за сите Американци.
Републиканскиот кандидат Доналд Трамп победи на претседателските избори во САД откако освои мнозинство електорски гласови во сојузните држави, како и поголем број гласови на сојузно ниво од противкандидатот од Демократската партија, Камала Харис.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Се бараат оставки поради трагедијата во Домот за пензионери
Голем број граѓани на Тузла денеска излегоа на улиците на градот и одржаа протест, изразувајќи го своето незадоволство поради трагедиите и скандалите што го погодија Тузланскиот кантон.
Пожарот што избувна во вторникот во Домот за пензионери во Тузла однесе 13 животи, а 12 пациенти сè уште се наоѓаат во болница. Како што беше утврдено, жртвите починале од труење со јаглерод моноксид.
Една седмица претходно, Тузланскиот кантон го потресе случајот со подведување малолетнички, за што се осомничени полициски службеник и еден професор. Нивното подведување траело неколку месеци во текот на минатата и оваа година.
Присутните граѓани од Тузла, но и оние кои допатуваа од други градови на Босна и Херцеговина, денеска побараа оставки од надлежните.
Свет
Три девојки планирале терористички напад во Париз
Девојки на возраст од 18, 19 и 21 година, беа уапсени и обвинети за терористичка завера и планирање напад во Париз, соопштија денеска истражните органи.
Како што е наведено, тие неколку недели планирале насилен терористички напад врз кафуле или концертна сала во Париз, јави РТЛ.
Апсењето и обвинението против трите жени е резултат на истрагата на Националното обвинителство за борба против тероризмот, која беше успешно завршена пред 10-годишнината од смртоносниот терористички напад на 13 ноември 2015 година во Париз.
Свет
Се запали магацин за парфеми во Турција, загинаа шест лица
Најмалку шест лица загинаа, а две се повредени во пожар што утрово избувна во магацин за парфеми во градот Диловаси, во северозападниот дел на Турција.
Според снимките што ги емитуваше турскиот канал НТВ, изгореле два ката од зградата во која се наоѓале магацинот и работилницата за производство на парфеми.
Засега нема информации за тоа што го предизвикало пожарот.

