Свет
Хегсет: Русија, престанете со крвопролевањето или ќе одговориме како што само ние можеме
Американскиот секретар за одбрана, Пит Хегсет, им се обрати на своите колеги за време на денешниот состанок на земјите-членки на НАТО.
„Европските лидери испраќаат јасна порака до Русија дека сега е време да се стави крај на војната во Украина. Ако оваа војна не заврши, ако нема пат кон мир на краток рок, тогаш Соединетите Американски Држави, заедно со нашите сојузници, ќе преземат потребни чекори за да ѝ наметнат цена на Русија за нејзината континуирана агресија“, рече Хегсет на состанок во Брисел.
„Ако мора да го направиме овој чекор, Министерството за одбрана на САД е подготвено да го направи својот дел на начини на кои што само Соединетите Американски Држави можат“, објави тој.
Тој истакна дека САД го гледаат смртоносниот и способен НАТО под водство на Европа и украинската армија способна да се одбрани како најефикасно средство за одвраќање од руската агресија.
„Под цврстото водство на претседателот Трамп, а особено со нашите европски сојузници, ќе ја завршиме војната во Украина. Војната мора да заврши“, рече тој.
Хегсет ги повика сојузниците да ги зголемат инвестициите во програмата „Приоритетна листа на барања за Украина“ (PURL), која ги замени донациите за оружје од САД за Украина и бара од сојузниците да плаќаат за испораките на оружје од САД.
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, потврди дека две милијарди долари веќе се ветени преку тој механизам, но ова е помалку од 3,5 милијарди долари што украинскиот претседател Володимир Зеленски се надеваше дека ќе ги обезбеди до октомври.
Шведска, Естонија и Финска во средата ветија дека ќе придонесат, но земјите како Шпанија, Италија, Франција и Велика Британија се соочија со критики за воздржување. Украина останува во голема мера зависна од американското оружје додека се подготвува за уште една зима на конфликт со Русија.
Килскиот институт за светска економија денес објави дека воената помош за Украина се намалила за 43 проценти во јули и август во споредба со првата половина од годината.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Се бараат оставки поради трагедијата во Домот за пензионери
Голем број граѓани на Тузла денеска излегоа на улиците на градот и одржаа протест, изразувајќи го своето незадоволство поради трагедиите и скандалите што го погодија Тузланскиот кантон.
Пожарот што избувна во вторникот во Домот за пензионери во Тузла однесе 13 животи, а 12 пациенти сè уште се наоѓаат во болница. Како што беше утврдено, жртвите починале од труење со јаглерод моноксид.
Една седмица претходно, Тузланскиот кантон го потресе случајот со подведување малолетнички, за што се осомничени полициски службеник и еден професор. Нивното подведување траело неколку месеци во текот на минатата и оваа година.
Присутните граѓани од Тузла, но и оние кои допатуваа од други градови на Босна и Херцеговина, денеска побараа оставки од надлежните.
Свет
Три девојки планирале терористички напад во Париз
Девојки на возраст од 18, 19 и 21 година, беа уапсени и обвинети за терористичка завера и планирање напад во Париз, соопштија денеска истражните органи.
Како што е наведено, тие неколку недели планирале насилен терористички напад врз кафуле или концертна сала во Париз, јави РТЛ.
Апсењето и обвинението против трите жени е резултат на истрагата на Националното обвинителство за борба против тероризмот, која беше успешно завршена пред 10-годишнината од смртоносниот терористички напад на 13 ноември 2015 година во Париз.
Свет
Се запали магацин за парфеми во Турција, загинаа шест лица
Најмалку шест лица загинаа, а две се повредени во пожар што утрово избувна во магацин за парфеми во градот Диловаси, во северозападниот дел на Турција.
Според снимките што ги емитуваше турскиот канал НТВ, изгореле два ката од зградата во која се наоѓале магацинот и работилницата за производство на парфеми.
Засега нема информации за тоа што го предизвикало пожарот.

