Свет
Херметички сефови со шифрирани хард дискови и тајни документи: испливаа тајни од потонатата јахта во Сицилија
Смртта на британскиот технолошки магнат Мајк Линч, неговата ќерка и соработниците во трагично потонатата суперјахта кај брегот на Сицилија пред речиси еден месец предизвика огромно внимание не само поради необичниот начин на кој се случи инцидентот туку и поради низа чудни настани што му претходеа. Сега целата приказна вклучува херметички сефови со шифрирани хард дискови и тајни документи, пренесуваат светските медиуми.
Потсетуваат дека пред нешто повеќе од еден месец суперјахтата на милијардерот Мајкл Линч, долга 56 метри, ненадејно потона. Закотвена на брегот на Сицилија, каде што била по ноќна прослава, ненадејно била нападната од воден вител, кој го потопил бродот за 16 минути.
Во неа биле заробени и се удавиле Линч, неговата 18-годишна ќерка, адвокат и уште неколку соработници.
Трагичниот инцидент веднаш предизвика многу сомнежи поради чудниот момент во кој се случил. Линч организира крстарење со луксузната јахта за да ја прослави неговата неодамнешна победа и ослободителна пресуда во долготрајната тужба поврзана со продажбата на неговата компанија.
По повеќе од десет години правна битка, американскиот суд, само два месеца пред трагичниот инцидент кај Сицилија, го ослободи од сите обвиненија поврзани со случајот.
Медиумите јавуваат дека јахтата имала вградени сефови, кои не протекуваат, а во кои се чуваат шифрирани хард дискови и тајни документи.
Линч наводно носел хард дискови со себе каде и да патувал. Тие потенцијално содржат „многу чувствителни податоци поврзани со неколку западни разузнавачки служби“, пишува Си-ен-ен.
Во прилог на тоа се наведуваат врските на Линч со високи функционери на многу земји поради што тој бил поврзан со „британски, американски и други разузнавачки служби преку своите многубројни компании“.
Линч беше силно вклучен во индустријата за сајбер-безбедност, која често соработува со владини агенции, а во минатото беше советник на неколку британски премиери, меѓу кои Дејвид Камерон и Тереза Меј, пренесува медиумот.
Тој ја основал „Дарктрејс“, компанија специјализирана за развој на системи за вештачка интелигенција одговорни за заштита од сајбер-криминал. Подоцна, му ја продаде за пет милијарди долари на Орландо Браво, основач и партнер во чикашката компанија „Тома Браво“.
Тој ја основа „Дарктрејс“ во Кембриџ заедно со Стивен Хакстер, висок функционер во тимот за сајбер-безбедност на МИ5, кој стана генерален менаџер на компанијата. Хакстер го ангажирал Ендрју Франс, 30-годишен ветеран на GCHQ – британската разузнавачка и безбедносна служба, пишува РТС.
Место во одборот на „Дарктрејс“ имаше и поранешниот шеф на МИ5, Џонатан Еванс, заедно со Џим Пенроуз, кој 17 години работел во американската Агенција за национална безбедност, пренесува „Политико“.
Надлежните сега се обидуваат да дојдат до сефовите и да заштитат што има во нив. Италијанската полиција ја зголеми безбедноста околу местото на потонувањето на јахтата и внимателно го следи потонатиот брод.
Наодите за хард дисковите и потенцијално чувствителните безбедносни податоци донесоа нов пресврт во и онака комплицираната приказна за трагичниот инцидент во близина на Сицилија, стои во написите.
Стивен Чембрлен, деловниот партнер на Линч, кој го бранеше во деценискиот судски спор, почина на денот на потонувањето на јахтата.
Чембрлен беше удрен од автомобил додека џогирал на 17 август и починал од повредите два дена подоцна.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
