Европа
Швајцарски професор порачува: Невакцинираните треба да плаќаат поскапо осигурување

Мариус Брилхарт, професор по економија на Универзитетот во Лозана, смета дека невакцинираните пациенти во иднина самите треба да ги плаќаат трошоците за лекување или да земат соодветно осигурување.
„Факт е дека невакцинираните луѓе имаат многу поголем ризик да стигнат до болница, а лекувањето е многу скапо“, објасни Брилхарт за швајцарскиот јавен сервис СРТ.
Тој нагласи дека секој што може да се вакцинира против коронавирусот, но одбива да го стори тоа, треба да земе дополнително осигурување.
Брилхарт проценува дека трошоците за престој во болница поради инфекцијата со Ковид-19 во Швајцарија се околу 30.000 франци.
„Невакцинирањето е слободна и свесна одлука“, напиша Брилхарт на „Твитер“ додавајќи дека невакцинираните луѓе свесно преземаат поголем ризик.
Тој потсетува дека принципот во осигурувањето од несреќи е луѓето што се занимаваат со ризични работи треба да платат повеќе.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Голем шумски пожар во Шпанија, евакуирани над 1.500 лица

Голем шумски пожар избувна во четвртокот на истокот на Шпанија во Вилануева де Вивер, во провинцијата Кастелон, недалеку од Валенсија.
Опустоши околу 4.000 хектари шума, а од загрозената област беа евакуирани околу 1.500 луѓе.
Повеќе од 500 пожарникари, поддржани од 20 авиони и хеликоптери, се распоредени за да го стават огнот под контрола во близина на селото Вилануева де Вивер, соопшти денеска шпанската служба за итни случаи, пренесува Ројтерс.
Во соопштението се наведува дека пожарникарите успеале да спречат пожарот да се прошири и на други подрачја. Властите објавија дека се истражуваат причините за пожарот, објави шпанскиот весник „Ел Паис“.
Европа
Берлин планира да протера над 30 руски дипломати, Москва подготвува остар одговор

Министерката за надворешни работи на Германија, Аналена Бербок, планира да протера повеќе од 30 руски дипломати акредитирани во Берлин, додека од Москва велат дека веќе имаат подготвен одговор.
Според германските безбедносни власти, руските дипломати го користат својот имунитет за илегално да регрутираат германски доушници од светот на политиката, бизнисот, науката и војската.
Информаторите, меѓу другото, се користат и за диверзантски и дезинформациски операции.
Ако Германија протера руски дипломати, Москва ќе реагира жестоко, одговорот е веќе готов, изјави за Спутник извор од руското Министерство за надворешни работи.
Европа
Напад со нож и рачна бомба во Берлин, има повредени

Германската полиција објави дека 61-годишен осомничен напаѓач е уапсен по напад со нож и рачна бомба во Берлин, пришто се повредени три лица.
Напаѓачот во петокот вечерта активирал граната во влезот на станбена зграда во населбата Рајникендорф во главниот град на Германија и ранил две жени на возраст од 42 и 48 години, како и еден 61-годишен маж, пренесува АП.
Во полицискиот извештај се наведува дека по детонацијата, осомничениот притрчал кон жртвите и ги нападнал и ги ранил со нож.
Сите три жртви се пренесени во болница, но животот на повредениот е во опасност, се вели во полициското соопштение. Напаѓачот веднаш по нападот побегнал, но набрзо е приведен.