Свет
Шефицата на европската дипломатија: Времето не е на страната на Русија, ама не е ниту на нашата

Русија е егзистенцијална закана за безбедноста на Европската Унија и единствен начин да се спречи тоа е да се зголемат трошоците за одбрана, изјави шефицата на европската дипломатија, Каја Калас, додавајќи дека ЕУ предолго ѝ нуди на Русија алтернативи.
„Русија е егзистенцијална закана за нашата безбедност денес, утре и инвестициите во нашата одбрана се недоволни“, рече таа во говорот на годишната конференција на Европската агенција за одбрана (ЕДА).
„Луѓето велат дека сум јастреб кога станува збор за Русија. Мислам дека сум само реална“, рече Калас.
Калас, која е меѓу најгласните противници на рускиот претседател Владимир Путин во ЕУ, изјави дека американскиот претседател Доналд Трамп е во право кога вели дека земјите членки на ЕУ не трошат доволно за одбрана.
Трамп овој месец рече дека членките на НАТО треба да потрошат 5 проценти од БДП на одбраната, што е големо зголемување од сегашната цел од два процента и ниво што во моментот не го исполнува ниедна членка на НАТО, вклучително и Соединетите Американски Држави.
„Времето не е на страната на Русија. Но, не е нужно ниту на наша страна бидејќи сè уште не правиме доволно. Не треба да се сомневаме дека треба да трошиме повеќе за да спречиме војна. Но, исто така треба да се подготвиме за војна“, рече Калас.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
(Видео) „Вечерва пијат вотка директно од шише во Кремљ, одличен ден за Москва“, рече поранешен советник на Трамп

Џон Болтон, кој беше советник за национална безбедност во првиот мандат на Доналд Трамп, рече дека претседателот Трамп практично му се предаде на Владимир Путин пред преговорите за судбината на Украина.
„Сосема е јасно дека Путин вечерва извојува неколку победи. Тој не сака да преговара со Зеленски, тој сака да преговара со Трамп, бидејќи мисли дека тоа ќе биде поповолно за Русија. И тој е апсолутно во право“, рече Болтон.
„Путин не може да биде посреќен. Ви велам, тие вечерва пијат вотка директно од шише во Кремљ. Тоа беше одличен ден за Москва“, додаде тој.
Европа
Медведев: Бајден го доведе светот на работ на апокалипсата

Дмитриј Медведев, заменик-претседател на рускиот Совет за безбедност, изјави дека вчерашниот разговор меѓу Доналд Трамп и Владимир Путин бил „исклучително важен“.
Тој остро ја критикуваше администрацијата на Џо Бајден за прекин на официјалните контакти, тврдејќи дека тоа го донело светот „на работ на апокалипсата“.
Според руската државна новинска агенција Тас, Медведев тврдел дека ниту една американска администрација пред Бајден не ја „блокирала комуникацијата меѓу лидерите“.
„Напротив, светските лидери отсекогаш наоѓале начин за дијалог и токму тоа овозможило да се надминат кризите“, рече тој.
Тој, исто така, предупреди дека ако непријателите на Москва не сфатат дека Русија е невозможно да се победи, „нуклеарниот часовник на судниот ден ќе продолжи незапирливо да отчукува кон полноќ“.
Свет
Најмалку едно лице загина во обид за самоубиствен бомбашки напад во Кабул

Најмалку едно лице загина денеска во обид за самоубиствен бомбашки напад во Кабул, изјави портпаролот на Министерството за внатрешни работи.
Бомбашот се обидел да влезе во зградата на Министерството за урбан развој.
Припадник на безбедносните сили отворил оган и го активирал експлозивот што го носел бомбашот самоубиец.
Во експлозијата загина едно лице кое се наоѓало во близина, а тројца се повредени, изјави портпаролот.