Свет
Шефот на НАТО: Путин мисли дека може да ја скрши украинската и нашата решителност, не е во право
Членките на НАТО мора да ја зголемат воената помош за Украина за да се осигурат дека таа е во силна позиција за преговори со Русија кога и да почнат, изјави генералниот секретар на алијансата, Марк Руте, на прес-конференција пред дводневниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите членки.
„Ќе мораме да направиме повеќе, неопходно е сега да се осигуриме дека воената помош ќе стигне до Украина бидејќи тоа е од клучно значење за, доколку решат да го сторат тоа, да може да влезат во преговорите со Русија од силна позиција“, рече Руте.
„Колку е посилна нашата воена помош за Украина, толку посилна ќе биде нејзината позиција во преговорите и толку побргу ќе ставиме крај на руската агресија еднаш засекогаш“, додаде Руте.
Посочи дека рускиот претседател Владимир Путин не е заинтересиран за мир, дека руската агресија не покажува знаци на опаѓање, туку, напротив, се засилува.
„Путин продолжува да притиска, да освои повеќе украинска територија бидејќи мисли дека на тој начин може да ја скрши украинската и нашата одлучност. Но, тој греши“, рече Руте.
Министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО попладнево ќе разговараат со шефот на украинската дипломатија, Андрија Сибих, кој ќе ги информира за актуелната состојба на бојното поле.
Руте одби директно да одговори на прашањето за предлогот на украинскиот претседател Володимир Зеленски дека ќе се согласи на прекин на огнот со Русија доколку НАТО заштити делови од земјата под украинска контрола.
Тој рече дека веќе е одлучено оти иднината на Украина е во НАТО, дека тој пат е неповратен, дека приближувањето се случува чекор по чекор, но дека сега е клучно да се обезбеди што е можно поголема воена помош за Киев да може да влезе во преговорите од посилна позиција.
Руте рече дека утре министрите на земјите членки на НАТО ќе разговараат за честите обиди на Русија и Кина во изминатите неколку години да ги дестабилизираат членките на алијансата со сајбер-напади, кампањи за дезинформации, напади врз енергетската инфраструктура и саботажа.
„Затоа сојузниците ќе продолжат да бидат обединети и да се спротивстават на овие закани со низа мерки, вклучително и поголема размена на разузнавачки информации и подобра заштита на критичната инфраструктура“, рече тој.
Додаде дека војната не смее да заврши со исход на кој ќе се радуваат Иран, Кина и Северна Кореја.
Руте рече дека Кина е активна во заобиколувањето на санкциите против Русија и овозможувањето испорака на производи со двојна употреба и дека е вклучена во војната заедно со Иран и Северна Кореја.
Тој исто така посочи дека сојузниците мора да ги зголемат трошоците за одбрана бидејќи 2 отсто од БДП не се доволни и дека долгорочното одвраќањето во тој случај нема да биде доволно. Потребно е и зајакнување на одбранбената индустрија.
Руте изрази загриженост поради насилството на грузиските власти врз проевропските демонстранти, кои излегоа на улиците откога проруската грузиска влада објави дека ги прекинува разговорите за приближување со Европската Унија.
„Недвосмислено го осудувам насилството врз демонстрантите“, рече Руте.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
На вонредна седница во Србија ќе се расправа за доверба на Владата
Претседателката на српскиот Парламент, Ана Брнабиќ потврди дека вонредна седница на Парламентот ќе биде закажана за в среда и дека ќе се расправа за гласање доверба на Владата.
Конечниот дневен ред ќе се знае утре.
Вели дека најважно за неа е пратениците, меѓу другото, да го донесат законот за станбени кредити за млади, кој Владата го испрати во собраниска процедура, а дека за опозицијата е најважно што ќе се расправа за доверба на Владата.
Брнабиќ рече дека тоа ќе било и порано на дневен ред, но дека опозицијата злоупотребила два потписи.
Свет
(Видео) Израелка со македонско потекло е ослободена по 477 дена минати во заробеништво
По 477 дена поминати во заробеништво Наама Леви, Израелка со македонско потекло, беше ослободена од Хамас и вратена во Израел. Таа беше дел од групата четири заложнички кои вчера беа ослободени, а нејзиното спасување ја трогна целата земја.
Леви, која беше киднапирана на 7 октомври 2023 година при нападот на Хамас во Израел, конечно се врати дома благодарение на напорите на израелските власти и поддршката од меѓународната заедница.
„Знаевме дека овој момент ќе дојде. Не се сомневавме. Помина долго време. Очекувавме тоа да се случи и претходно. Но, ова е тоа, тие се враќаат дома“, вели роднина на ослободената заложничка.
По ослободувањето, Леви и другите заложнички беа пренесени со хеликоптер на израелската армија, каде што први ги сретнале нивните најблиски роднини. На видеото што го објави израелската армија, Леви напиша на табла: „Конечно дома“, на англиски и хебрејски јазик.
Македонската врска на Леви потекнува од нејзината чукун баба, Грасиа Бивас, која била родена во Македонија во 1893 година. Баба Бивас, како девојче заминала во Израел, каде што основала семејство и оставила наследство
Свет
Во напад врз болница во Судан загинаа најмалку 70 луѓе
Најмалку 70 луѓе загинаа во напад врз болница во градот Ал Фашер, Судан, соопшти денеска Светската здравствена организација (СЗО).
Се работи за напад врз единствената функционална болница во тој град.
Бројката од 70 смртни случаи ја објави генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус на социјалната мрежа „Икс“.