Свет
Шефот на ОН за изборот на новиот претседател на САД: Подготвени сме да соработуваме и покрај претходните напади на Трамп
Генералниот секретар на ОН изјави дека е подготвен да работи „конструктивно“ со новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, и покрај тоа што неговиот прв мандат беше обележан со напади врз ОН и буџетски кратења.
„Соработката меѓу САД и Обединетите нации е суштински столб на меѓународните односи“, рече Антонио Гутереш, честитајќи му ја победата на Доналд Трамп.
„Обединетите нации се подготвени да работат конструктивно со следната администрација за да се справат со драматичните предизвици на нашиот свет“.
Антонио Гутереш стана шеф на ОН кога Доналд Трамп влезе во Белата куќа во јануари 2017 година. Потоа мораше да се бори со американската политика која фаворизира унилатерализам, што го принуди да работи на ограничувањето на резовите на Вашингтон на мултилатералната соработка, движечката сила на ОН.
Доста успешен напор, велат набљудувачите кои веруваат дека генералниот секретар им овозможи на Обединетите нации да преживеат четири години од Трамп.
Четири години за време на кои Соединетите Држави ги намалија своите финансиски придонеси за клучните агенции на ОН, како што е Светската здравствена организација, или, исто така, за буџетот на мировните операции на ОН.
„Мислам дека Гутереш и неговиот тим веќе некое време се подготвуваа за враќањето на Трамп. Тие очекуваат дека САД ќе го намалат финансирањето на многу делови од ОН доста драстично“, изјави Ричард Гован од Меѓународната кризна група за АФП, бидејќи Обединетите нации веќе се соочува со буџетската криза.
Некои набљудувачи се особено загрижени за финансирањето на програмите поврзани со репродуктивните права.
За време на првиот мандат на Доналд Трамп, САД ги напуштија и УНЕСКО и Парискиот климатски договор, додека борбата против глобалното затоплување е приоритет на Антонио Гутереш.
„Фактот дека тие имаа различни мислења за голем број теми им беше јасен на сите“, рече во средата портпаролот на генералниот секретар Стефан Дужарик, но тој ги нарече односите меѓу Антонио Гутереш и претседателот Трамп „многу добри“.
Но, светот се промени за четири години, особено во текот на оваа последна година, обележана со ескалација на конфликтите на Блискиот Исток.
Генералниот секретар не штедеше зборови за да предупреди на „кошмарот“ на Палестинците во Појасот Газа, опустошен од израелската одмазда по нападот на Хамас на 7 октомври 2023 година – што тој исто така го осуди.
Поради овие критики на Израел, „многу членови на Републиканската партија во Конгресот се жестоко против ОН“, така што на Антонио Гутереш ќе му биде „потешко да управува со односите со Вашингтон“, оценува Ричард Гован.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
ЕУ забранува уништување на непродадена облека и обувки
Европската комисија денеска усвои мерки со кои се спречува уништување на непродадена облека, модни додатоци и обувки, со цел да се поттикне рециклирањето и да се намалат штетите врз животната средина.
„Ова е уште еден чекор во промовирањето на кружната економија низ целата Европска Унија“, соопшти Комисијата.
Забраната за уништување на непродадена облека и обувки ќе биде задолжителна за големите компании од 19 јули оваа година, а за средните претпријатија од 2030 година.
Дополнително, постојните обврски за известување на големите компании за непродадената облека што се прогласува за отпад ќе се прошират и на средните компании до 2030 година.
Се проценува дека секоја година во Европа меѓу 4 и 9 проценти од непродадените текстилни производи се уништуваат пред воопшто да бидат облечени. Овој отпад создава околу 5,6 милиони тони емисии на CO₂, што е речиси еднакво на вкупните нето-емисии на Шведска во 2021 година.
Со Регулативата за еколошки дизајн на одржливи производи, која стапи во сила во јули 2024 година, се настојува значително да се подобри одржливоста на производите што се пласираат на пазарот на ЕУ, преку зголемување на нивната кружност, енергетска ефикасност, можност за рециклирање и трајност.
Со неа се бара од компаниите да објавуваат информации за непродадените производи за широка потрошувачка што ги отфрлаат како отпад. Исто така, се воведува забрана за уништување на непродадена облека, додатоци и обувки.
Свет
Провалил во куќа во Германија, си зготвил вечера и се капел во када, полицијата го привела
Полицијата во Германија добила пријава за провала, а на местото затекнала гол маж кој си подготвил вечера и се капел во кадата.
Провалникот си зготвил оброк и се искапалeл во куќа во која провалил, на балтичкиот остров Риген, соопшти германската полиција.
Соседот во неделата навечер ја алармирал полицијата во градот Ломе, откако забележал дека светлата се вклучени во неколку простории.
Од дворот, полицајците забележале маж како седи во кадата на горниот кат. Кога ги забележал, наводно излегол од бањата.
Полицијата го затекнала гол во куќата. За 25-годишникот е соопштено дека се однесувал агресивно и пружал отпор.
Тој бил приведен, а криминалистичката полиција обезбедила докази на местото на настанот.
Свет
Документите за Епстин ја разнишаа британската политичка сцена, Стармер под притисок
Британскиот премиер Кир Стармер се соочува со силен политички притисок поради одлуката во 2024 година да го именува ветеранот на Лабуристичката партија, Питер Манделсон, за амбасадор на Обединетото Кралство во САД, откако станаа извесни неговите врски со Џефри Епстин.
Контроверзијата дополнително се засили по објавувањето на милиони страници документи од американското Министерство за правда, кои укажуваат на блиски односи меѓу Манделсон и Епстин. Манделсон веќе беше сменет во септември, откако беа објавени мејлови што покажаа дека го одржувал пријателството со Епстин и по неговата осуда во 2008 година за сексуални кривични дела.
Лидерот на лабуристите во Шкотска, Анас Сарвар, побара оставка од Стармер, со што притисокот врз премиерот дополнително се зголеми.
Иако Стармер лично не го познавал Епстин, неговата проценка за именувањето на Манделсон е под сериозна критика. Документите наводно покажуваат дека Манделсон споделувал чувствителни информации со Епстин по финансиската криза во 2008 година, како и уплати во износ од 75.000 долари во 2003 и 2004 година поврзани со негови сметки.
Доколку Стармер поднесе оставка, како можни наследници се споменуваат министерот за здравство Вес Стритинг, поранешната заменик-премиерка Анџела Рејнер и градоначалникот на Манчестер, Енди Барнам.
Стармер се обидува да ја консолидира поддршката во партијата, но дополнителен ризик може да претставува објавувањето на британските досиеја поврзани со проверката при именувањето на Манделсон. Доколку тие не ја разјаснат ситуацијата, позицијата на премиерот би можела дополнително да се разниша.

