Свет
Шефот на ФБИ откри што „гуглал“ атентаторот на Трамп
Дваесетгодишниот маж осомничен за обид за атентат на поранешниот американски претседател, Доналд Трамп, пребарувал на Интернет за убиството на Џон Кенеди, дента кога се регистрирал за неговиот предизборен митинг во Батлер, Пенсилванија, изјави шефот на ФБИ, Кристофер Вреј.
„Анализата на лаптопот што истрагата го поврзува со напаѓачот откри дека на 6 јули тој пребарувал на „Гугл“ колку далеку (Ли Харви) Освалд бил од Кенеди“, рече Вреј во сведочењето пред Комитетот за правосудство на Претставничкиот дом.
„Тоа е истиот ден кога се чини дека се пријавил за митингот во Батлер“, рече тој, додавајќи дека осомничениот Томас Крукс потоа станал „многу фокусиран на претседателот Трамп и неговиот предизборен митинг“.
Поранешниот претседател Кенеди беше убиен од Ли Харви Освалд на 22 ноември 1963 година во Далас, Тексас.
Вреј рече дека Крукс, помошник во старечки дом, испукал најмалку осум куршуми со муниција од покрив во близина на митингот на 13 јули, погодувајќи го републиканскиот претседателски кандидат во увото, убивајќи еден од учесниците на митингот и ранувајќи двајца други.
Се уште не е познат мотивот за обидот за атентат. Вреј објасни дека многу луѓе го опишале Крукс како осаменик и дека листата на контакти во неговиот телефон е кратка.
Вреј, исто така, им кажа на пратениците дека Крукс го летал дронот на околу 600 стапки од бината каде што Трамп се обраќал на толпата и емитувал 11 минути снимка во живо околу два часа пред настанот.
Тој рече дека примитивни експлозивни направи дизајнирани да се активираат од далечина биле пронајдени во автомобилот и домот на Крукс. Крукс имал предавател со себе во моментот на пукањето, додаде Вреј. Но, тој рече дека ФБИ верува дека осомничениот не би можел да ги активира уредите доколку се обидел.
Кимберли Читл поднесе оставка како шеф на американската тајна служба, откако членовите на двете големи партии го побараа тоа поради неуспехот да се спречи обид за атентат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Марта Кос, предложена за нова комесарка за проширување на ЕУ
Новата комесарка за проширување во новата Европска комисија ќе биде Словенката Марта Кос, соопшти денеска во Европскиот парламент претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Словенечката дипломатка ќе биде задолжена и за источното соседство на ЕУ.
Кос ќе работи на поддршка на Украина, ќе продолжи да работи на обновата на таа земја и ќе ги поддржува земјите кандидати да се подготват за пристапување во ЕУ, изјави Фон дер Лајен на конференцијата на претседателите на политичките групи во Европскиот парламент.
Новата ЕК треба да ја преземе функцијата на 1 декември, еден месец подоцна од планираното.
Регион
(Видео) Докторка од итна помош во Белград, како реалити ѕвезда: се снимала за „Тик-ток“
Докторка на Заводот за итна медицинска помош во Белград Д.Т на својот „Тик-ток“ профил објавила серија снимки од своето работно место на кои таа влегува во камерата, снима и не се однесува согласно професијата.
Поради евидентирање на пациенти на снимката, како и корисници на домот за стари лица каде таа работела, против неа е поведена постапка пред етичката комисија, пренесуваат медиумите во соседството.
E moja doktorka…. pic.twitter.com/nSfmf2BdbR
— Lovac na neke od njih! (@Sabljalo) September 16, 2024
На видеата, кои Д.Т. ги објавила на профилот, таа е во преден план и им се обраќа на следбениците додека го опишува своето работно место, проследено со движења на риалити ѕвезда, стои во написите.
Имено, на видеото кое е снимено во дом за стари лица, докторката на почетокот е во бел мантил со стетоскоп, каде го претставува своето работно место и пациентите.
Таа одеднаш се појавува во виолетов фустан и објавува дека е време за излегување.
„Ајде да видите доктор во друга верзија, да ги разбиеме предрасудите дека сите доктори се стари, досадни, грди. Па не е така, има некои интересни”, вели таа на почетокот на видеото во домот.
„Прекрасни сте, многу ми е мило. Дали сте добро згрижени овде?“, ги прашува докторката, мислејќи на лицата згрижени во домот.
Видеото продолжува во возило кое се движи кон болницата. Зад неа, во задниот дел од автомобилот, каде што најчесто се превезуваат пациенти, е снимено едно лице.
Откако снимките се проширија на мрежите, а докторката беше изложена на осуди, таа брзо ги отстрани сите снимки, пренесуваат медиумите во регионот.
Свет
Фон дер Лајен го назначи новиот тим на Европската комисија
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен ја именуваше шпанската министерка за транзиција за животна средина Тереза Рибера за следен комесар за антимонополска политика на блокот, додека Естонката Каја Калас ќе биде одговорна за надворешната политика.
Литванецот Андриус Кубилиус ќе стане првиот комесар за одбрана на ЕУ – нова улога дизајнирана да го изгради европскиот воено производствен капацитет наспроти руската агресија на источното крило на Европа.
Меѓу другите имиња на списокот европски комесари е францускиот министер за надворешни работи Стефан Сежурн задолжен за индустриска стратегија, додека Словакот Марош Шефчовиќ ќе ја надгледува трговската политика.
Комисијата е најмоќната институција на Европската унија, која има 27 земји. Таа има моќ да предлага нови закони на ЕУ, да блокира спојувања на компании и да потпишува договори за слободна трговија.
Секоја земја-членка на ЕУ ќе има по едно место на масата на Комисијата, улога што може да се спореди со министер во кабинетот, иако нејзината политичка тежина многу варира во зависност од ресорот.
Сите кандидати ќе поминат низ сослушувања со членовите на Европскиот парламент.
Рибера ќе го надгледува ставот на ЕУ за странските субвенции, уште еден горлив проблем бидејќи компаниите во клучните сектори како што се електричните возила и производството на енергија се борат да ги одбранат своите деловни модели од евтината конкуренција од странство, особено Кина.