Економија
Шолц: Германија сака гас од Сенегал

Германија настојува да почне енергетски проекти со Сенегал, рече канцеларот Олаф Шолц за време на неговото прво патување во Африка во време кога војната во Украина исто така ги зголемува цените на енергијата и храната.
Шолц ја почна тридневната посета на Африка во Сенегал, земја со милијарди кубни метри резерви гас и се очекува да стане главен производител на гас во областа.
Германија се обидува да ја намали зависноста од рускиот гас поради инвазијата на Украина. Таа почна разговори со сенегалските власти за екстракција и втечнување природен гас, рече Шолц.
„Ова е прашање што треба сериозно да се реши“, рече тој на прес-конференција со сенегалскиот претседател Меки Сал додавајќи дека во интерес на двете земји е да се постигне напредок.
Шолц рече дека Германија е заинтересирана и за сенегалските проекти за обновлива енергија.
Сал рече дека Сенегал е подготвен да работи на снабдување на европскиот пазар со течен природен гас ЛНГ. Тој предвидува дека Сенегал в година ќе произведе 2,5 милиона тони, а до 2030 година 10 милиони тони.
Што се однесува до истражувањето на гасот, финансирањето на проектите и други прашања, Сал рече дека ќе земе се предвид и дека е подготвен да соработува со Германија во овој контекст.
Германија ги покани Сенегал, кој моментно претседава со Африканската унија, и Јужноафриканската Република да бидат гости на самитот на Г7, што во јуни ќе се одржи во Германија.
Двете африкански земји се воздржаа од гласање за резолуцијата на ОН против рускиот напад врз Украина, кој Москва го нарекува специјална воена операција.
Како претседател на Африканската унија, Сал рече дека многу африкански земји не сакаат да изберат страна во војната, иако ја осудуваат инвазијата.
„Многу е јасно дека сакаме мир. Работиме на деескалација, прекин на огнот, дијалог, тоа е позицијата на Африка“, рече тој.
Сал додаде дека во наредните недели ќе ги посети Москва и Киев.
Конфликтот во Украина, која е главен снабдувач на жито и храна, предизвика прекин на снабдувањето што ги зголеми цените на храната и енергијата во Африка.
„Му изразив голема загриженост на канцеларот Шолц за влијанието на војната“, рече Сал и побара меѓународна помош за ублажување на последиците што ги трпи Африка, пренесуваат медиумите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
НЛБ Банка Скопје по шести пат прогласена за Најдобра банка во Македонија

На годинешните 14-ти „Европски банкарски награди“ (Europe Banking Awards), што ги доделува реномираниот магазин EMEA Finance, НЛБ Банка Скопје ја доби наградата „Најдобра банка во Македонија за 2021 година“.
Ова е шеста година по ред во која НЛБ Банка, од страна на магазинот ЕМЕА Finance, е прогласена за најдобра банка во земјата. Главните критериуми според кои се доделува оваа престижна наградата се: остварените финансиски резултати на банката, нејзината посветеност кон клиентите, воведувањето на иновации во работењето, особено во делот на дигитализацијата, поддршката што ја обезбедува за постигнување на одржлив развој и транзиција кон „зелена економија“, како и реализацијата на општествено одговорните проекти значајни за пошироката заедница.
„Среќни сме и особено горди што нашата Банка, шеста година по ред, ја добива наградата за најдобра банка. Тоа е големо признание и верификација на нашите континуирани напори за постигнување одлични резултати во сите сегменти од нашето работење и покрај отежнатите економски текови и пазарни услови присутни во текот на цела 2021 година. Следејќи ги потребите на нашите клиенти и современите трендови во банкарството и во текот на 2021-ва продолживме да вложуваме во развојот на нашите производи и севкупниот квалитет на услугите, ставајќи посебен акцент на дигитализацијата, како и на обезбедување кредитна поддршка на проекти кои придонесуваат за севкупниот економски развој на земјата и истовремено ја штитат животната средина. Со голем ентузијазам и посветеност продолживме да реализираме и бројни општествено одговорни проекти, за кои ја добивме и националната награда за најдобра општествено одговорна практика за 2021 година. Како и претходните, така и најновата награда за најдобра банка во земјата, ни дава дополнителен ‘ветер во грб’ и мотив да продолжиме да вложуваме во развојот на нашата Банка, посветени на грижата за нашите клиенти, на проширување на понудата со иновативни производи и секако многу важно, во придонесот во заедницата во која делуваме“, велат во НЛБ Банка.
ЕМЕА Finance e реномиран магазин кој во финансискиот свет е познат како „независен глас на финансиската заедница, нејзините клиенти и партнери“ во регионите на Централана и Источна Европа, Блискиот Исток и Африка.
Инаку, покрај НЛБ Банка Скопје, и во Словенија NLB e добитник на престижната награда „Најдобра банка за 2021 година“ од ЕМЕА Finance.
(ПР)
Економија
Киев: Брод со 23.000 тони пченица замина за Африка

Украинскиот извоз на жито е намален од почетокот на војната поради затворањето на нејзините црноморски пристаништа, клучен канал за снабдување, што ги зголеми глобалните цени на храната и ги зголеми стравувањата од недостиг во Африка и на Блискиот Исток.
Бродот „Храбар командант“ го напушти украинското пристаниште Пивдени, превезувајќи го првиот товар хуманитарна помош и храна за Африка од Украина по рускиот напад на таа земја, пренесува „Ројтерс“.
Товарен брод со 23.000 тони пченица се упати кон африканското пристаниште Џибути со товар наменет за потрошувачите во Етиопија, соопшти украинското Министерство за инфраструктура.
Економија
Бензините поскапуваат за половина денар, цената на дизелот останува иста

Регулаторната комисија за енергетика донесе одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,58 отсто во однос на одлуката од 11.08.2022 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување кај бензините во просек за 2,140%, кај дизелот зголемување во просек за 2,090%, кај екстра лесното масло зголемување во просек за 2,044% и кај мазутот зголемување во просек за околу 1,868.
Малопродажната цена на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-95, се зголемува за 0,50 ден/лит,
Малопродажните цени на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-98 и на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1), се зголемуваат за 1,00 ден/лит,
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) не се менува.
Од 16.8.2022 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
– Моторен бензин – ЕУРОСУПЕР БС – 95 – 88,50 (денари/литар)
– Моторен бензин – ЕУРОСУПЕР БС – 98 – 91,00 (денари/литар)
– Дизел гориво – ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 90,00 (денари/литар)
– Масло за горење – екстра лесно 1 (ЕЛ-1) – 86,50 (денари/литар)
– Мазут М-1 НС – 52,814 (денари/килограм)
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,418 %.
Напоменуваме дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 16.8.2022 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени.