Европа
Шолц: Можна е измена на договорот за ЕУ

Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска изјави дека не ја исклучува можноста за измена на договорот за Европската Унија, договорот од Мастрихт.
Неговата изјава дојде во време на обновена дебата за можните промени во начинот на кој функционира ЕУ, делумно поттикната од конференцијата за иднината на Европа, која предложи подлабока интеграција, вклучително и укинување на националното вето.
Ова го поттикна Европскиот парламент да повика на ревизија на неколку договори на Европската Унија, иако идејата долго време предизвика сомнеж кај многу членки на ЕУ, кои веруваат дека тоа не е неопходно и би го оттргнало вниманието од поважни прашања.
Доколку е потребно, можеме да разговараме за измена на неколку договори, вклучувајќи го и договорот за ЕУ, што не е табу, рече Шолц во Бундестагот.
Но, нагласи дека за такво нешто ќе треба најголем можен консензус бидејќи во овој момент најмалку се потребни полемики за институционалните прашања.
По одлуката на Унгарија да ја блокира забраната за купување руска нафта, минатата недела многу се зборуваше за тоа дали ЕУ треба да ја укине одлуката за вето за надворешната политика.
Некои лидери на ЕУ поддржуваат укинување на ветото за некои прашања и промена на договорот, но далеку од јасно е дали тие би се договориле за тоа кои одлуки може да се усвојат со мнозинство гласови и кои елементи од договорот треба да се променат, пишува „Политико“.
Шолц денеска оцени дека мнозинството гласови е една од идеите чија цел е ЕУ да биде поефикасна и посочи дека е среќен што сè повеќе луѓе ја следат.
Некои членки на ЕУ веќе се изјаснија против промена на договорот за ЕУ, а на почетокот на мај, 13 земји, вклучително и балтичките и скандинавските, изјавија дека не ги поддржуваат несоодветните и предвремени обиди за почнување на процесот за промена на договорот, пренесуваат медиумите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Џонсон не планира да поднесе оставка: Во тешки околности работата треба да продолжи

Британскиот премиер Борис Џонсон најави дека ќе се бори да остане на власт и покрај зголемените повици да се повлече.
Позицијата на Џонсон ја разнишаа низа оставки од колеги и министри кои сметаат дека тој не е добар премиер. На неделниот распит премиерот во Парламентот пристигна со борбен став.
По оставката на повеќе од 20 функционери, некои претставници сметаат дека Џонсон не може да ги пополни тие позиции во време кога се повикува владата да одговори на растот на трошоците за живот и да ја поддржи економијата, чиј раст забавува и е загрозен со рецесија. Неговата судбина би можела да биде решена најрано в среда кога таканаречениот комитет 1922 ќе се состане за да ги утврди правилата за гласање доверба. Портпаролот на Џонсон рече дека Џонсон верува оти ќе преживее такво гласање.
„Работата на премиерот во тешки околности е да продолжи да работи“, рече Џонсон. Претходно, тој се обиде да го покаже својот авторитет со брзо назначување на Надим Захави за министер за финансии, а кој е популарен политичар во Конзервативната партија заслужен за брзата набавка на вакцината против Ковид-19.
Но, настапот на Џонсон во Парламентот наиде на брутален одговор, пишува „Ројтерс“. Тешката позиција во која се наоѓа се покажа кога некои негови колеги од власта не успеаја да се воздржат од смеење додека лидерот на опозицијата му кажа дека е лидер на лесната бригада.
Џонсон беше прашан за неговата оставка од тројца членови на неговата партија.
Го нападна и поранешниот министер за здравство, Саџид Џавид, наведувајќи ги сите афери и гафови. „Во одреден момент треба да одлучиме дека е премногу. Тој момент е денес“, рече Џавид. Според анкетата на YouGov, 69 отсто од Британците се согласуваат со поранешниот министер.
Европа
Владата на Орбан нема да испраќа оружје за Украина

Унгарскиот шеф на дипломатијата, Петер Сијарто, во разговор за CNN ја брани одлуката на владата на Виктор Орбан да продолжи да купува руски енергенти, но и да не испраќа оружје во Украина.
Унгарскиот шеф на дипломатијата рече дека обидот за замена на руски енергенти со некои други „вклучува префрлање трошоци за унгарскиот народ“.
За одлуката да не ѝ праќаат оружје на Украина, Сијарто рече дека Унгарија „не сака да ризикува руски напад на 150.000 Унгарци кои живеат на западот на Украина“.
„За нас главна цел е да не се мешаме во оваа војна“, рече Сијарто.
Европа
Украинско обвинителство: Русите убиja најмалку 340 деца

Најмалку 340 деца се убиени во руските напади врз Украина, објавија од кабинетот на главната украинска обвинителка.
Од почетокот на војната на 24 февруари година досега се повредени 645 деца, се наведува во соопштението.
„Овие бројки не се конечни и Обвинителството работи на утврдување на точната бројка на самото место на случувањата. Поголемиот дел од овие бројки се однесуваат за регионот на Донбас, па следуваат регионот на Харков и Киев. Голем број жртви се потврдени во Чернихив, Миколаев и Запорожје“, се наведува во соопштението.