Свет
Што претставува иранскиот нуклеарен договор?
Американскиот претседател, Доналд Трамп, вечерва треба да ја објави историската одлука дали САД ќе се повлечат од нуклеарниот договор склучен меѓу шест земји и Иран.
Трамп веќе претходно се закани дека САД ќе се повлечат од нуклеарниот договор, така што ќе ги обноват санкциите кон Иран, освен ако европските држави потписнички не ги поправат, како што рече, недостатоците на договорот.
Договорот од 2015 година меѓу Иран и водечките светски сили го намали бројот на нуклеарни активности на Техеран и според Обединетите нации го создаде најмоќниот систем за ревизија во светот. Со овој договор Техеран се обврза дека ќе ја суспендира нуклеарната програма во замена за укинување на санкциите.
Повлекувањето на САД од договорот ќе ги промени работите во однос на нуклеарната контрола наметната од ОН, односно нивното следење на нуклеарните активности на Иран. Главната цел на договорот потпишани од САД, Русија, Кина, Германија, Франција и од Велика Британија е да се осигури дека Иран би бил најмалку една година зад собирањето доволно нуклеарен материјал за изработка на бомба.
Овој договор наметна Техеран да го намали бројот на машини за збогатување ураниум. Исто така, договорот наметнува строги ограничувања за степенот за сатурација на ураниум, што всушност е многу помал степен отколку што е потребно за производство на атомска бомба. Со потпишувањето на договорот, Иран се согласи дека Меѓународната агенција за атомска енергија при ОН може детаљно да ги следи сите нуклеарни централи. Ова вклучува дневен пристап на инспекции и континуиран мониторинг.
Сепак, Иран нема да остане пасивен доколку американскиот претседател одлучи да се откаже од меѓународниот нуклеарен договор и е подготвен за најлошото сценарио, велат високи ирански официјални претставници. Официјален Техеран порача дека повторното воведување санкции би значело колапс на целиот договор. Иранскиот претседател, Хасан Рохани, предупреди дека САД ќе зажалат како никогаш досега доколку одлучат да излезат од договорот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Емануел Макрон: Постои ризик Европа да умре
Францускиот претседател Емануел Макрон за време на говорот на Универзитетот „Сорбона“ во Париз изјави дека постои ризик Европа да умре.
Макрон истакна дека битката за изградба на силна Европа е далеку од завршена и ризикува да заостане зад светските ривали во наредната деценија, пренесува „Ројтерс“.
Европа, како што оцени Макрон, е на пресвртна точка и мора да стори повеќе за да се натпреварува со забрзаното вооружување на своите глобални ривали.
Свет
Хамас: Ќе станеме политичка партија ако се формира палестинска држава
Заменик-претседателот на политбирото на Хамас за Газа, Калил ал-Хаја, рече дека палестинската милитантна група е подготвена да се договори за петгодишно примирје со Израел и да се претвори во политичка партија доколку се формира палестинска држава со границите од 1976 година.
Ал Хаја, претставник на Хамас во преговорите за прекин на огнот и враќање на заложниците, рече дека групата ќе прифати „целосно суверена палестинска држава на Западниот брег и Појасот Газа и враќање на палестинските бегалци во согласност со меѓународните резолуции“.
Во интервју за „Асошиетед прес“ тој додаде дека во тој случај военото крило на Хамас ќе биде распуштено.
„Сите искуства на луѓето што се бореле против окупаторите, кога се осамостоија и ги освоија своите права и својата земја, се претворија во политички партии, а нивните борбени сили се претворија во национална армија“, рече тој.
Тој оцени дека долго најавуваната израелска копнена офанзива во градот Рафа нема да го победи Хамас.
Свет
Погодена железница во Украина, оштетен и облакодер: Русите нападнаа со моќниот „Искандер“
Руски проектил оштети критична инфраструктура и повреди шест лица во регионот Черкаси во централна Украина, изјави регионалниот гувернер.
Во нападот беше погодена цивилната и железничката инфраструктура во градот Смила, изјави портпаролот на украинските воздухопловни сили, Илја Јевлаш, во телевизиски пренос. Според првичните информации, во нападот бил употребен проектил „Искандер-К“, додаде Јевлаш.
Оштетени се и 47 приватни станбени згради и искршени се прозорци во станбена висококатница, објави на „Телеграм“ гувернерот на Черкаси, Ихор Табурец. Украинската воздушна одбрана ја собори воздушната цел, рече тој, додавајќи дека службите за итни случаи се на терен.
Руските сили претходно ја оштетија железничката инфраструктура во нападот на реонот на Днепар на 19 април, како што објавија украинските железници „Укрзализница“ на „Телеграм“.