Свет
Џабаров: Со доаѓањето на Трамп на власт се отвораат перспективите за односите меѓу Русија и САД
Доаѓањето на републиканецот Доналд Трамп на позицијата американски претседател отвора одредени перспективи за односите меѓу Русија и САД, изјави Владимир Џабаров, првиот заменик-шеф на меѓународниот комитет на Советот на Руската Федерација.
„Мислам дека се отвораат одредени перспективи за нашите односи. Се разбира, треба да имаме на ум дека Трамп е, пред сè, американски државјанин и дека за него интересите на САД се на прво место“, рече Џабаров, пренесува РИА Новости.
Истовремено, тој посочува дека изјавите на Трамп дека за 24 часа ќе ја прекине војната во Украина, сепак се од категоријата изборна реторика.
„Секако дека нема да може да го направи тоа за 24 часа, но факт е дека тој има таков став да стави крај на војната и да стави крај на сите војни што се водат во светот и за тоа зборуваше јавно“, истакна Џабаров.
Рускиот политичар рече и дека, со оглед на сегашните околности, Русија поинаку ќе ги оцени своите способности и условите за мировните преговори, но, како што нагласи, не примирјето, пренесува Танјуг.
Доналд Трамп, кој веќе беше претседател на САД по изборите во 2016 година, победи на претседателските избори на 5 ноември, со што стана првиот американски политичар од 19 век кој се врати во Белата куќа по четиригодишна пауза.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Песков: Путин лично му даде азил на Асад
Сирискиот претседател Башар ал Асад и неговото семејство добија азил во Русија, јавуваат руските државни медиуми.
Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков во своето секојдневно обраќање рече дека претседателот Владимир Путин лично ја донел одлуката за давање азил, но одбил да потврди каде се наоѓа моментално Асад, пренесува Фена, а пренесува Дневни аваз.
Песков исто така не кажа кога последен пат се сретнале Путин и Асад и додаде дека не планираат да се сретнат во блиска иднина, јавува Би-Би-Си.
Песков нагласи дека Русија е подготвена да одржува контакти „со оние кои ќе бидат на власт во Сирија“.
Свет
Хеликоптерска несреќа во Турција: 6 лица загинаа, повреден припадник на вооружените сили на Босна и Херцеговина
Министерството за одбрана на Турција соопшти дека шест членови на екипажот загинале при пад на хеликоптер УХ-1, кој изведувал тренажен лет во Испарта во југозападна Турција.
„Еден од нашите хеликоптери УХ-1, кој изведуваше тренажен лет во Испарта, доживеа несреќа и вкупно шест членови на нашиот персонал загинаа“, се вели во соопштението.
Забележано е дека еден член на персоналот кој бил пренесен во болница со сериозни повреди здобиени во хеликоптерската несреќа починал, со што бројот на загинати се искачи на шест.
Министерството за одбрана на Турција упати сочувство до семејствата на загинатите и турските вооружени сили, а на повредениот персонал му посака брзо закрепнување.
Меѓутоа, како што изјави генерал-мајор на вооружените сили на Босна и Херцеговина Мирсад Ахмиќ, во несреќата учествувал и припадник на вооружените сили на Босна и Херцеговина.
„Врз основа на информациите што ги разменивме со нашите колеги од Турција, во моментот на хеликоптерската несреќа во еден хеликоптер имало еден припадник на вооружените сили на Босна и Херцеговина. Нашиот член е добро и моментално сме во комуникација со него и неговото семејство. Министерството за одбрана изразува жалење за несреќата и испративме телеграми со сочувство до Република Турција во врска со смртта на припадниците на вооружените сили на Република Турција. Во контакт сме со родителите, ќе ја следиме понатамошната состојба, а моментално се на редовни лекарски прегледи“, објасни Ахмиќ за Н1.
Свет
Кадиров: Трамп не поставува услови, одлучувачкиот потег за решавање на конфликтот во Украина е на Путин
Чеченскиот лидер Рамзан Кадиров изјави денеска дека новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп „не поставува услови“ и дека одлучувачкиот чекор во мирното решавање на конфликтот во Украина е на рускиот претседател Владимир Путин.
Кадиров рече дека Трамп може да престане да финансира и испраќа платеници „кои се испратени да го убиваат рускиот народ“, но само Путин може да го направи одлучувачкиот чекор.
„Само нашиот претседател става крај. Се друго се празни муабети“, рече Кадиров, пренесува агенцијата ТАСС.