Свет
Австралиските научници објавија револуционерно откритие за коронавирусот
Научниците од Австралија тврдат дека откриле како имунолошкиот систем во човечкото тело се бори против коронавирусот. Ова го открија научниците од Институтот „Питер Доерти“, кој е првиот во светот што успеа да го создаде вирусот Ковид-19 надвор од Кина.
Нивното откритие беше објавено вчера во научното списание Nature Medicine и се наведува дека луѓето закрепнуваат од новиот вирус на сличен начин како и од грипот. Ова откритие треба да биде од голема помош во развивањето на најефикасната вакцина, велат научниците.
Речиси 200.000 случаи се потврдени во светот, а околу 8.000 луѓе починале.
„Овој наод е важен затоа што првпат разбираме како нашиот имунолошки систем се бори со коронавирусот“, вели коавторката на студијата, Кетрин Кеџиерска. Научниците го фалат откритието нарекувајќи го револуционерно, пренесува Би-би-си.
Многу луѓе веќе закрепнале од коронавирусот, што значи дека веќе е познато оти нашиот имунолошки систем може да се бори против него. Но, првпат досега научниците открија четири вида клетки во нашиот имунолошки систем, кои се борат со новиот вирус.
Тие биле забележани при следење пациент кој имал умерена форма на болеста и немал други здравствени проблеми, пренесува Би-би-си.
47-годишна жена од Вухан, која научниците ја посматрале, оздравела за 14 дена. Три дена пред целосно да оздрави во нејзината крв биле забележани специјални клетки. Кај пациенти со грип овие клетки се појавуваат и пред закрепнување, вели професорката Кеџиеска.
„Препознавањето на моментот кога клетките на имунолошкиот систем ќе почнат да дејствуваат, може да помогне да се предвиди текот на дејството на вирусот“, велат научниците, кои се уверени дека ова откритие ќе помогне да се најде лек.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
(Видео) Во Хрватска падна снег
На подрачјето на Горски котар во Хрватска синоќа падна снег, а на места имаше и вистинска снежна покривка.
Снег ја зафати и Горанската делница на автопатот А6 Риека-Загреб, но работниците на зимската служба минаа низ снегот и до утрово нема ограничувања во сообраќајот, јавува Н1.
Свет
Лидерот на Северна Кореја ја надгледуваше воената вежба: се симулираше нуклеарен контранапад
Северна Кореја ги изведе своите први воени вежби кои симулираа нуклеарен контранапад, објави државната новинска агенција на земјата KCNA, како и други државни медиуми.
Врховниот водач Ким Џонг-ун ја надгледуваше вежбата која беше дел од тестот на системот за управување со нуклеарно оружје на нацијата.
Покрај тоа што севернокорејското раководство сака да ја тестира различноста на сопствените нуклеарни капацитети, тоа беше, според КЦНА, протест против американските и јужнокорејските „провокативни и инвазивни“ воени вежби.
Симулациските вежби на севернокорејската војска вклучуваа маневрирање на војниците во позиција за нуклеарен контранапад и истрелување на лажни нуклеарни боеви глави во случај на предупредување за нуклеарна криза.
Во таа прилика беа истрелани неколку балистички ракети со краток дострел кон морето, во близина на источниот севернокорејски брег.
Резолуциите на ОН и забрануваат на Северна Кореја да тестира балистички ракети од кој било дострел, од кои некои се способни да носат нуклеарни боеви глави.
Свет
Британија усвои нов закон, ќе испраќа мигранти во Руанда, реагираа претставниците на ОН
Двајца високи функционери на Обединетите нации денеска ја повикаа Британија да го разгледа својот план за префрлање на барателите на азил во Руанда, предупредувајќи дека потегот ќе има штетно влијание врз човековите права и заштитата на бегалците.
Во заедничката изјава, Филипо Гранди, Високиот комесаријат на ОН за бегалци и Волкер Турк, Високиот комесаријат за човекови права на ОН, ја повикаа ОК наместо тоа, да преземе практична акција за справување со нерегуларните текови на мигранти и бегалци.
„Новиот закон означува уште еден чекор подалеку од долгата традиција на Обединетото Кралство за обезбедување засолниште за оние на кои им е потребно, што исто така ја прекршува Конвенцијата за бегалци“, рече Гранди.
Британскиот парламент вчера усвои закон со кој се дозволува илегалните мигранти да се испраќаат во Руанда каде ќе се разгледуваат нивните барања за азил. Британскиот премиер Риши Сунак вчера вети дека ќе почне да испраќа баратели на азил во Руанда во рок од 10 до 12 недели. Сунак објави дека владата резервирала комерцијални чартер авиони и обучила персонал да испраќа мигранти во Руанда.
Десетици илјади мигранти, од кои многумина бегаат од војните и сиромаштијата во Африка, Блискиот Исток и Азија, стигнаа до Велика Британија во последниве години поминувајќи го Ла Манш со мали чамци на ризични патувања организирани од шверцери.
Запирањето на протокот на мигранти е приоритет за британската влада, но критичарите велат дека планот за депортирање на луѓе во Руанда наместо да се работи со барателите на азил во Британија е нехумано.
Според политиката формулирана пред две години и договорена со Руанда, секој барател на азил кој ќе пристигне во Британија илегално ќе биде испратен во Руанда според шемата за која владата вели дека ќе го спречи преминувањето на каналот и ќе ја разбие сегашната шема на шверц на луѓе. Ова ќе важи и за оние кои поднеле барање за азил во Велика Британија и никогаш досега не стапнале на африканскиот континент.