Европа
Австрискиот ловец на плагијати најде нова жртва – министерот за внатрешни работи
Ловецот на плагијати, Штефан Вебер, најде нова жртва, австрискиот министер за внатрешни работи, Герхард Карнер, за кого тврди дека го плагирал дипломскиот труд.
Вебер вели дека Карнер направил плагијат на голем дел од работата, па дури и го преработил теоретскиот дел од својата теза. Тој истакнува, како што пренесува виенскиот дневен весник „Стандард“, дека, имајќи ги предвид тогашните правила за цитирање, делото е плагијат.
Според Вебер, во својот труд што го доставил во 1995 година Карнер го препишал делото „Информации и одлуки за купување“ од Алфред Кус.
Карнер го цитирал Кус во неколку наврати и го споменува во списокот на користена литература, но тој без цитати препишал комплетни блокови од текстот од книгата на Кус.
Вебер тврди дека првите 30 страници од делото се „амалгам од туѓи текстови, кои не се доволно цитирани“.
Карнер во изјавата ги отфрли тие тврдења и рече дека својата работа ја напишал во согласност со тогашните важечки научни стандарди и технички можности од таа ера.
„Затоа сум целосно опуштен во врска со можните дополнителни проверки“, нагласи тој.
Во минатото Вебер постојано ги разоткриваше плагијатните дела на политичарите, што доведе до оставка на некои од нив. Врз основа на истрагата на Вебер, во 2017 година Универзитетот во Грац му ја укина докторската титула на поранешниот провинциски секретар за економија на Штаерска, Кристијан Бухман.
Поради ова, Бухман поднесе оставка. Минатата година, во јануари, тогашната министерка за труд на Австрија, Кристине Ашбахер, поднесе оставка откако Вебер, кој изјави дека нејзината работа, која ја доставила до Универзитетот во Братислава и до Универзитетот за применети науки во Винер Нојштад, е плагијат.
Тој ја обвини и министерката за жени и интеграција, Сузана Раб, дека нејзината дипломатска работа содржи многубројни плагијати, а во јануари годинава го критикуваше квалитетот на работата на министерката за правда, Алма Задиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Два питбула убија 13-месечно дете, трагедија во Италија
Утрово, во Италија, во провинцијата Салерно, два питбула го нападнале тринаесетмесечното момче Франческо Пио Д’Амара и го убиле. Кучињата го нападнале во дворот на селската куќа. Мајка му и вујко му се обиделе да го спасат, но кучињата ги повредиле и нив. Според првите информации на полицијата, која на местото на несреќата пристигнала со возило на брзата помош, сопствениците на кучињата биле познајници на мајката. Кучињата биле пуштени на слобода во дворот на семејната куќа, а тие го нападнале детето бидејќи го гледале или како играчка или како закана.
Паола, мајката на детето, по несогласувањата со сопругот, се преселила во Камполонго, каде што изнајмила дел од селската куќа во која живеела сама со синот. Питбулите им припаѓале на сопствениците на куќата, кои живееле во друг дел од двокатната зграда, пишува „Салерно кориере“.
Според соседите, кучињата досега не покажале знаци на агресија. Градоначалникот на Еболи, Марио Конте, изјави дека администрацијата ќе ги сноси трошоците за погребот на детето. Во Италија не постои список на потенцијално опасни кучиња. Во 2006 година Министерството за здравство донесе правилник во кој беше вклучен список на раси што се сметаат за опасни, но оваа одредба подоцна беше укината.
Европа
Европа се загрева најбргу: објавен алармантен извештај
Заедничкиот извештај објавен од „Коперник“ (Службата за следење на климатските промени на ЕУ) и Светската метеоролошка организација (СМО) откри загрижувачки нови податоци. Имено, Европејците преку ден страдаат од невидена топлина, а навечер се под стрес поради непријатните горештини.
Европа е континентот што најбргу се загрева, предупредуваат експертите, затоплување со стапка далеку над глобалниот просек.
Стапката на смртност од топлина е зголемена 30 % во последните две децении во Европа. Економските загуби поврзани со временските услови и климата се проценуваат на 13,4 милијарди евра, според извештајот, како што објави „Гардијан“.
Според извештајот, температурите во Европа биле над просекот 11 месеци минатата година вклучувајќи го и најтоплиот септември од почетокот на евиденцијата. Поради жештините и сушата, имаше големи пожари, кои ги опустошија селата и ги задушија жителите на градовите.
Пожарите беа најинтензивни во јужноевропските земји, како Португалија, Шпанија и Италија. Грција беше погодена од најголемиот шумски пожар во ЕУ, изгореа 96.000 хектари шума, се вели во извештајот.
Од друга страна, обилните дождови предизвикаа смртоносни поплави. Во 2023 година Европа беше околу 7 % повлажна од просекот во последните три децении. „Минатата година Европа беше погодена од најголемиот шумски пожар. Во исто време бевме сведоци на една од највлажните години, силни морски топлотни бранови и разорни поплави“, изјави Карло Буонтемпо, директор на „Коперник“.
Континентот ја доживеа најтоплата година досега. Северозападна Европа го доживеа најтоплиот јуни досега, а поголемиот дел од Европа беше погоден од топлотни бранови за време на продолженото лето од јуни до септември.
На врвот на топлотниот бран во јули, 41 отсто од јужна Европа беше погодена од силен до екстремен топлотен стрес, што ги влошува постојните здравствени состојби и може да го зголеми ризикот од болести.
На Пиринејскиот Полуостров и во Источна Европа имаше суша. Бројот на денови со снежни врнежи беше под просекот, се вели во извештајот, а недостигот на зимски снег во комбинација со летните топлотни бранови значеше дека глечерите на Алпите исклучително се топат. Во последните две години алпските глечери изгубија околу 10 % од преостанатиот волумен.
Сè уште не е сосема јасно како глобалното затоплување предизвикува сè повеќе и повеќе обилни врнежи. Потоплиот воздух може да задржи повеќе влага, што овозможува поекстремни бури. Но, од друга страна, поради сложеноста на климатските промени, врнежите не мора секогаш да се случуваат. Постои многу посилна врска помеѓу глобалното затоплување и топлотните бранови.
Извештајот не дава податоци за минатата година за бројот на смртни случаи поврзани со топлина, но се знае дека имало 70.000 дополнителни смртни случаи поврзани со топлина во 2022 година. „Бројот на смртни случаи поврзани со топлина веројатно ќе биде поголем во 2023 година“, рече климатологот Фридерике Ото од Империјал колеџ во Лондон.
Европа
Напад во Русија, двајца полицајци загинаа, еден повреден
Двајца полицајци се убиени, а еден е ранет кога неидентификуван напаѓач нападнал руска полициска единица во градот Карачаивск во Карачаевско-Черкезија, во Северен Кавказ, соопшти регионалниот оддел на Истражниот комитет на Русија.
Како што се наведува, денеска, непознато лице со огнено оружје пукало неколкупати во полициски одред во градот Карачајевск, а потоа напаѓачот ги украл службеното оружје и муницијата на полицијата, пренесува „Интерфакс“.
Потрагата по напаѓачот е во тек.