Свет
Австрија нема да го прекине „Северен тек 2“ поради труењето на Навални
Австрија соопшти дека сè уште го поддржува гасоводот „Северен тек 2“ и покрај зголемените резерви за проектот во делови од Европа по труењето на рускиот опозиционер Алексеј Навални.
Австрискиот претседателот, Александар ван дер Белен, вчера рече дека не треба да се поставува никаква врска помеѓу случајот со Навални и „Северен тек 2“, речиси комплетен гасовод што ќе носи гас од Русија во Европа под Балтичкото Море.
Ван дер Белен зборуваше со украинскиот претседател Владимир Зеленски, чија земја добива витален приход од транзитот на руски гас. Претходно, претседателот на Австрија го оцени гасоводот „Северен тек 2“ како економски позитивен проект.
Подоцна во текот на денот, и австрискиот канцелар, Себастијан Курц, изјави дека не треба да се поврзува труењето на критичарот на руската власт Алексеј Навални со гасоводот „Северен тек 2“.
„Не постои никаква поврзаност помеѓу нападот врз критичарот на Кремљ и ‘Северен тек 2’. Гасоводот е економски позитивен проект“, истакна Курц по средбата со Зеленски во Виена и додаде дека проектот се однесува на диверзификација на енергијата за Европа.
Зеленски рече дека ги разбира економските и деловните интереси на Австрија, но дека „Северен тек 2“ е поврзан со енергетската безбедност на Украина и идниот проток на енергија кон Европа. Тој рече дека се надева оти гасоводот ќе се гледа „од нивна гледна точка“.
По нападот на Навални сè погласни се барањата да се стопира изградбата на гасоводот „Северен тек 2“ со цел да се изврши притисок врз Москва. Додека Германија сè уште не се има изјаснето за тоа, Австрија се залага за проектот во кој учествува и компанијата ОМВ.
Курц и Зеленски го осудија нападот врз Навални и побараа истрага. Австрискиот канцелар нагласи дека виновниците мора да бидат изведени пред лицето на правдата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Во Индија почнаа изборите, кои ќе траат шест недели, а ќе гласаат речиси 970 милиони
Денеска, почнаа најобемните избори во светот, а речиси 970 милиони регистрирани гласачи во Индија учествуваат во овој огромен процес, кој ќе се одвива во седум фази и ќе трае дури шест недели.
Премиерот Нарендра Моди се надева дека ќе освои трет последователен мандат во земјата со 1,4 милијарда жители. Гласачите, всушност, не го избираат директно премиерот, туку 543-те пратеници на Лок Сабха, долниот дом на парламентот на најнаселената земја во светот, објави „Дојче веле“.
На натпреварот учествуваат шест национални партии, 57 партии од индиските сојузни држави и 2.597 помали партии. Сепак, главната трка ќе биде меѓу двете најголеми политички партии во Индија: владејачката Индиска народна партија (БЈП) и опозицискиот Индиски национален конгрес (ИНЦ) или скратено Конгресната партија.
За да се спротивстави на владејачката БЈП и премиерот Моди, Конгресната партија формира сојуз од 28 партии, наречен Индиски национален развој – инклузивен сојуз.
Според анкетите, премиерот Моди и неговата хинду-националистичка БЈП се очекува да победат на изборите оваа година.
Моди е популарен лидер, делумно благодарение на агендата насочена кон хинду-мнозинството во Индија, кое сочинува 80 отсто од населението.
Свет
Русија повика на воздржаност помеѓу Израел и Иран
Русија повика на воздржаност по информациите за напад на Израел врз Иран.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави денеска за новинарите дека Русија ги проучува деталите за нападот и дека ќе го коментира кога ќе се разјасни неговата природа.
„Во секој случај, без разлика на сѐ, продолжуваме да се залагаме за воздржаност од двете страни за да нема дејства што би предизвикале натамошна ескалација на тензиите во регионот“, рече Песков.
Русија и Иран имаат блиско партнерство. За време на инвазијата на Украина, Москва користи беспилотни летала „Шахед“ од иранско производство.
Свет
(Видео) Туристи малтретирале мечиња за селфи, па ги фатила полиција во Северна Каролина
Во станбен комплекс во округот Бункомб, Северна Каролина, шест лица се снимени како влечат мали мечиња од гранките на дрвото за кои се држеле, а сè со цел да позираат за фотографија. Шестемина ги тегнеле двете мечиња, а едното дури им испаднало од рацете во текот на снимањето.
Кога снимките од инцидентот стигнале до експертите што се занимаваат со заштита на дивите животни, тие веднаш излегле на терен и повикале полиција. Меѓу нив бил и биологот Ешли Хобс, која за „Еј-би-си 13 њуз“ рекла дека кога пристигнала до дрвото каде што луѓето се фотографирале, пронашла само едно мече. Целото било влажно и смрзнато, па било дадено на човечка грижа и нега за да закрепне. Поради тоа, сосема е можно никогаш да не може да се вратат во дивината бидејќи мечките што растат со луѓе потоа не сакаат да ги напуштат. Неверојатно, но можно е некој да ѝ го уништил животот на мечката само за да добие убава фотографија за социјалните мрежи.
„Мечето преживеа големо трауматско искуство. На луѓето што го направија тоа им објаснивме колку е неодговорно и потенцијално смртоносно за мечето да се одвои од мајка си, а особено на овој начин да го влечат од дрвото“, рекла Хобс, пренесува „Унилад“.
По објавувањето на видеото, многумина се згрозиле од она што го направиле овие луѓе. За сето тоа морало да разговараат и со полицијата.