Свет
Австрија прогласи тродневна жалост поради терористичкиот напад
Австриската влада прогласи тридневна жалост по терористичкиот напад синоќа во Виена, во кој беа убиени четири лица, а од целиот свет пристигнуваат пораки за поддршка и сочувство, пренесуваат новинските агенции.
„Нашите мисли и сочувство се со жртвите, повредените и нивните семејства во овие многу тешки часови за Република Австрија“, рече канцеларот Себастијан Курц пред седницата на владата.
Две жени и двајца мажи ги загубија своите животи во терористички напад во центарот на Виена, а убиен е и еден од напаѓачите. Петнаесет лица се повредени, од кои седум се во животна опасност.
По терористичкиот чин, пораките за поддршка и сочувство од целиот свет продолжуваат да пристигнуваат во Австрија.
Германската канцеларка, Ангела Меркел, изјави дека е шокирана од нападот во центарот на Виена и дека Германија изразила сочувство до соседна Австрија и е со неа во борбата против „исламистичкиот тероризам“.
Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, рече дека „Европа силно го осудува овој кукавички чин кој не го почитува животот и ги крши нашите човечки вредности … Ние сме со Австрија“.
Рускиот претседател, Владимир Путин, исто така го осуди нападот во Виена и рече дека Русија е подготвена да ја засили антитерористичката соработка со Австрија.
Во телеграмата испратена до австрискиот канцелар Себастијан Курц, Путин го нарече нападот „сурово и цинично злосторство“.
Генералниот секретар на ООН, Антонио Гутереш, исто така, остро го осуди нападот.
„Со сериозна загриженост го следев нападот во Виена, едно од нашите седишта на ООН. Силно го осудувам нападот и ја потврдувам солидарноста на ООН со народот и владата на Австрија“.
Британскиот премиер, Борис Џонсон, изјави дека е шокиран и дека Велика Британија е обединета со австрискиот народ.
Американскиот претседател, Доналд Трамп, на Твитер го осуди терористички акт, нагласувајќи дека „злобните напади“ мора да престанат.
„Соединетите Држави стојат заедно со Австрија, Франција и цела Европа во борбата против терористите, вклучително и радикалните исламистички терористи“, напиша актуелниот претседател и републикански кандидат пред изборите. „Овие напади на злото врз невините мора да престанат“, додаде тој.
Се огласи и кандидатот за демократски претседател, Џо Бајден, кој ги осуди „ужасните терористички напади“.
„Сите мора да се спротивставиме на омразата и насилството“, рече Бајден.
Осуда за нападот изрази и премиерот Зоран Заев, кој изрази сочувство до семејствата на жртвите.
„Шокантни вести пристигнуваат од Виена, во време кога треба да стоиме обединети и да градиме солидарност. Јас силно ги осудувам терористичките напади и секое дело на насилство. Моите мисли се со семејствата и пријателите на жртвите, луѓето во Виена и мојот пријател Себастијан Курц“, напиша Заев на Твитер.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
САД: Ќе го блокираме полноправното членство на Палестина во ОН, тие треба да преговараат со Израел
САД ќе гласаат против палестинската кандидатура за полноправно членство во Обединетите нации и ќе ја блокираат светската организација да признае палестинска држава.
„САД продолжуваат да тврдат дека најбрзиот пат до државност за палестинскиот народ е преку директни преговори со Израел и палестинската управа со поддршка на САД и други партнери“, рече американскиот претставник.
Планирано е 15-члениот совет да гласа за нацрт-резолуцијата со која се препорачува на Генералното собрание на ОН од 193 држави „Државата Палестина да биде примена во членство во ОН“.
За да усвои резолуцијата, потребни се најмалку девет гласа и никакво вето од САД, Велика Британија, Франција, Русија или Кина. Дипломатите проценуваат дека резолуцијата би можела да собере 13 гласа, што би ги принудило САД да стават вето.
„Одамна јасно ставивме до знаење дека предвремените акции во Њујорк, дури и ако се во најдобар интерес, нема да резултираат со државност за палестинскиот народ“, рече американскиот функционер. Палестинците во моментов имаат статус на набљудувач не-членка, што е де факто признавање на државноста доделена од Генералното собрание на ОН во 2012 година.
Меѓутоа, барањето за полноправно членство мора да биде одобрено од Советот за безбедност, а потоа од најмалку две третини од членовите на Генералното собрание. Засилените напори на Палестина за полноправно членство дојдоа шест месеци по масакрот на Хамас во јужен Израел и војната во Појасот Газа по започнувањето на израелската офанзива и проширувањето на еврејските населби на Западниот Брег.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, смета дека „повеќе од кога било, неопходно е да се поддржат напорите со добра волја за воспоставување траен мир меѓу Израел и независна, одржлива и суверена палестинска држава“.
Регион
Земјотрес во Србија
Земјотрес со јачина од 2,7 степени според Рихтеровата скала го погоди Чачак.
Според ЕМСЦ, епицентарот бил два километри северно од Чачак и 47 километри западно-северозападно од Крагуевац.
Земјотресот се случил на длабочина од осум километри.
Европа
Уапсен Полјак: „Планирал убиство на Зеленски“
Маж од Полска е уапсен под обвинение дека бил подготвен да шпионира за руското воено разузнавање и да и помогне да го испланира убиството на украинскиот претседател Володимир Зеленски, соопштија полските обвинители, а пренесе Асошиетед прес.
Полското национално обвинителство соопшти дека мажот, идентификуван само како Павел К., бил обвинет дека сакал да ги пренесе безбедносните информации на аеродромот на руски агенти и бил уапсен вчера во Полска.
Човекот побарал контакт со Руси директно вклучени во војната во Украина и се очекувало да пренесе детални информации за аеродромот Жешов-Јасионка во југоисточна Полска, во близина на границата со Украина, кој е портата за меѓународни воени и хуманитарни снабдувања за Украина. Аеродромот е под контрола на американски војници.
Доколку биде прогласен за виновен, тој може да добие и до осум години затвор, се вели во соопштението за печатот.
Обвинителите рекоа дека апсењето е резултат на блиска соработка со обвинителите и безбедносните служби на Украина, кои обезбедија клучни докази. Членката на ЕУ, Полска е цврст поддржувач на соседна Украина и Зеленски во одбрана од руската агресија повеќе од две години.