Европа
Актерка доби отштета поради загаден воздух
Актерката Гражина Волшчак и неколку други јавни личности во декември 2018 година ја тужеа полската држава дека не презема доволно мерки за градовите во Полска да не бидат меѓу првите на непопуларната листа на најзагадени места за живеење во Европа.
Волшчак побара од државата да ѝ плати отштета на невладина организација за да им помогне на заболените од рак, а судот, повикувајќи се на извештајот на Националниот завод за ревизија (НИК) во септември, ги призна наводите дека поради загадениот воздух, повредено е нејзиното право на слободно движење, правото да излезе од дома кога сака и да дише чист воздух. Судијата нареди да се исплати отштета од 1.190 евра.
Актерката е прва личност што пред полските судови, со пресуда што во моментот не е правосилна, се избори за потврда дека нејзино право е да дише воздухот кој не е загаден од смог.
Надоместокот е симболичен, но има далекосежно значење како преседан бидејќи е при крај процесот што се води по слична колективна тужба од стотици Полјаци. Со таа тужба, покрај поефикасни мерки за спречување на загадувањето, од државата се бара да исплати отштета и да го снабди населението со маски против смог и домашни апарати за прочистување на воздухот.
Според извештајот на Фондот за здравство на Полска од крајот на минатата година, 40.000 Полјаци годишно умираат од последиците на загадениот воздух.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Кремљ за евентуалното блокирање на „Телеграм“: „Сè повеќе станува алатка во рацете на терористите“
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, денеска изјави дека во моментот не се планира блокирање на социјалната мрежа „Телеграм“ во Русија.
„Не, во моментот нема такви планови“, изјави Песков за каналот „Шот“ на прашањето дали Русија планира да го блокира „Телеграм“.
Тој додаде дека основачот на оваа платформа, Павел Дуров, треба повеќе да внимава како се користи оваа социјална мрежа.
„Секако, би очекувале поголемо внимание од Павел Дуров бидејќи овој уникатен и феноменален ресурс од технолошки аспект, кој порасна, всушност, пред очите на нашата генерација сè повеќе станува алатка во рацете на терористите, се користи за терористички цели“, рече портпаролот на Кремљ, пренесува „РИА новости“.
Како што изјави во средата за „РИА новости“ извор запознаен со ситуацијата, сторителите на терористичкиот напад во предградието на Москва биле регрутирани преку каналот на „Телеграм“, „Глас Хорасан“, сопственост на авганистанското крило на Исламската држава.
Пратеникот на државната Дума од Обединета Русија, Олег Морозов, денеска оцени дека е неопходно да се развие механизам за автоматско блокирање на каналите на „Телеграм“, кои регрутираат терористи користејќи клучни зборови користејќи вештачка интелигенција.
Европа
Шолц: Мирот во Украина е можен во секој момент, само ако Путин ги повлече своите војници
Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави денеска дека мирот во Украина е можен во секој момент доколку рускиот претседател Владимир Путин ја прекине својата, како што наведе, варварска кампања и ги повлече војниците.
Шолц за „Маркише Агемајне цајтунг“ изјави дека секогаш имало иницијативи за посредување.
„На пример, веднаш по избувнувањето на војната, Русија и Украина директно преговараа меѓу себе. Преговорите потоа пропаднаа затоа што Русија ги искористи само како изговор за истовремено да ги премести своите трупи на исток за голема офанзива“, посочи тој.
Како што тврди, токму тогаш на виделина излегле масакрите во Буча и Ирпин, злосторства против човековите права извршени од страна на руските вооружени сили врз цивилното население, со што разговорите се лишени од секаква основа, пренесува медиумот.
„Малку подоцна се разговараше за договорот за жито, со успех. За жал, Путин во одреден момент повторно го откажа“, додаде Шолц.
Тој изјави дека имало разговори и за безбедноста во нуклеарната централа „Запорожје“ и за размена на затвореници.
„Голем број земји, вклучително и Украина, во моментот разговараат на ниво на советници за безбедност за тоа што би можело да изгледа како нешто што може да доведе до мировен процес, но дозволете ми да бидам многу јасен: мирот е можен во секое време. Путин само треба да стави крај на неговата варварска кампања и да ги повлече трупите“, истакна Шолц.
Европа
В недела голем тест за Ердоган: ќе успее ли „султанот на Турција“ повторно да ја освои власта во Истанбул и Анкара
В недела во Турција ќе се одржат општински избори, а во оваа пригода партијата на претседателот Реџеп Таип Ердоган (АКП) ќе се обиде да ја врати контролата врз Истанбул и Анкара, градови што гласаа против АКП во 2019 година.
Аналитичарите тврдат дека овие избори ќе бидат мерка за поддршка на Ердоган на национално ниво, но и за силата на опозицијата, особено на градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу. Според „Ројтерс“, се очекува тесна трка за градот Босфор, кој е дом на повеќе од 16 милиони луѓе и придонесува повеќе од една четвртина од националниот БДП.
На последното локално гласање во 2019 година главната опозициска Републиканска народна партија (ЦХП) го изненади Ердоган кога преовлада во Истанбул и Анкара ставајќи крај на повеќе од две децении владеење на АКП и нејзините исламистички претходници.
Главниот противник на актуелниот градоначалник на Истанбул, пратеникот на ЦХП, Имамоглу, е членот на АКП, Мурат Курум, поранешен министер во кабинетот, а анкетите покажуваат мала предност за Имамоглу. Анкетите велат дека актуелниот градоначалник на Анкара, Мансур Јавас, е далеку пред противникот на АКП, Тургут Алтинок, поранешен претседател на општина во тој град.
Речиси 11 милиони луѓе имаат право на глас во Истанбул, според Врховниот изборен совет. Одѕивот на општите и локалните избори е многу висок во Турција, речиси 90 проценти. Минатиот мај Ердоган беше реизбран за претседател и неговата алијанса освои мнозинство во парламентот на тесни општи избори, резултат што, според „Ројтерс“, ја поделил и деморализирал алијансата ЦХП и другите опозициски партии.
Буџетот на Истанбул е многу поголем од сите други 80 града во земјата со 516 милијарди лири (16,05 милијарди долари) во 2024 година вклучувајќи ги и нејзините подружници, а буџетот за главниот град Анкара, од друга страна, е 92 милијарди лири.
Освен во Истанбул и Анкара, резултатите се очекува да бидат блиски и во градовите Бурса, Адана и Анталија. В недела Турција ќе гласа и во другите 79 провинции во земјата за лидери и окружни шефови на провинции, окружни совети и локални администратори.