Свет
Алекс Салмонд: Мадрид прави маченици од лидерите на независност на Каталонија
Со казнувањето на деветтемина каталонски политичари на вкупно 100 години затвор за противдржавно дејствување поради ненасилен отпор, Мадрид ги направи маченици и си ја потпиша својата смртна казна, изјави поранешниот шкотски прв министер, Алекс Салмонд, за РТ.
„Пресудата на шпанскиот суд за деветтемина каталонски политичари на девет до 13 години затвор, секој за архаичниот прекршок противдржавно дејствување поради нивните мирни напори за постигнување независност, ќе биде ден на демократскиот срам за Шпанија. Уште полошо – за Шпанија, барем тоа е знак дека шпанската контрола врз покраината завршувa“, рече Салмонд, кој како прв министер го водеше шкотскиот референдум за независност во 2014 година.
Пресудите, според Салмонд, се недемократски, угнетувачки и тотално контрапродуктивни за шпанската влада затоа што сега политичарите за независност ќе постигнат статус на мачеништво.
„Ова е ден кога овие шпански судии всушност ја запечатија судбината на шпанската држава. Не верувам дека каталонската криза ќе заврши на поинаков начин, освен со независност на Каталонија“, објасни Салмонд.
Каталонците беа прогласени за виновни за противдржавно дејствување, но не и за бунт, најсериозно од обвиненијата со кои се соочија поради прогласувањето независност во 2017 година. Обидот за отцепување следува по референдумот, забранет од владата на Мадрид, на кој 90 отсто од Каталонците се изјаснија за независност и покрај големиот притисок врз оние 42 отсто што излегоа на гласање.
Жестоко критикувајќи го Мадрид за архаичната дефиниција на противдржавното делување како кривично дело, дури и во отсуство на насилство, Салмонд повика Владата да биде судена поради нејзините недемократски дејства и предвиде дека каталонските политичари ќе добијат правда во Европскиот суд на правдата во Стразбур, каде ќе ја обжалат пресудата.
„Кога избраните политичари користат неизбрани судии за казнување на други избрани политичари на вкупно 100 години за деветмина од нив, тогаш работите достигнале точка што не може да се одржи и не мислам дека шпанската држава ќе го преживее овој бес“, посочи Салмонд.
Зборовите на Салмонд се совпаѓаат со оние на лидерот на партијата на Каталонската Републиканска левица, Ориол Јункерас, кој доби најдолга затворска казна во групата – 13 години. По изрекувањето на казната, Јункерас рече дека независноста на Каталонија е поблизу од кога било.
Карлос Пуџдемон, поранешниот премиер на Каталонија кој го предводеше обидот за независност во 2017 година, објави твит во знак на солидарност од Белгија, каде што избега за да избегне апсење по бунтот, нарекувајќи ја пресудата злосторство.
Шпанија досега не успеа да ги убеди другите европски земји да ги екстрадираат Пучдемон и неговите колеги, каталонски политичари поборници за независност, но тоа не го спречи Врховниот суд да ја реактивира европската потерница за него по изрекувањето на казната во понеделникот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
САД: Ќе го блокираме полноправното членство на Палестина во ОН, тие треба да преговараат со Израел
САД ќе гласаат против палестинската кандидатура за полноправно членство во Обединетите нации и ќе ја блокираат светската организација да признае палестинска држава.
„САД продолжуваат да тврдат дека најбрзиот пат до државност за палестинскиот народ е преку директни преговори со Израел и палестинската управа со поддршка на САД и други партнери“, рече американскиот претставник.
Планирано е 15-члениот совет да гласа за нацрт-резолуцијата со која се препорачува на Генералното собрание на ОН од 193 држави „Државата Палестина да биде примена во членство во ОН“.
За да усвои резолуцијата, потребни се најмалку девет гласа и никакво вето од САД, Велика Британија, Франција, Русија или Кина. Дипломатите проценуваат дека резолуцијата би можела да собере 13 гласа, што би ги принудило САД да стават вето.
„Одамна јасно ставивме до знаење дека предвремените акции во Њујорк, дури и ако се во најдобар интерес, нема да резултираат со државност за палестинскиот народ“, рече американскиот функционер. Палестинците во моментов имаат статус на набљудувач не-членка, што е де факто признавање на државноста доделена од Генералното собрание на ОН во 2012 година.
Меѓутоа, барањето за полноправно членство мора да биде одобрено од Советот за безбедност, а потоа од најмалку две третини од членовите на Генералното собрание. Засилените напори на Палестина за полноправно членство дојдоа шест месеци по масакрот на Хамас во јужен Израел и војната во Појасот Газа по започнувањето на израелската офанзива и проширувањето на еврејските населби на Западниот Брег.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, смета дека „повеќе од кога било, неопходно е да се поддржат напорите со добра волја за воспоставување траен мир меѓу Израел и независна, одржлива и суверена палестинска држава“.
Регион
Земјотрес во Србија
Земјотрес со јачина од 2,7 степени според Рихтеровата скала го погоди Чачак.
Според ЕМСЦ, епицентарот бил два километри северно од Чачак и 47 километри западно-северозападно од Крагуевац.
Земјотресот се случил на длабочина од осум километри.
Европа
Уапсен Полјак: „Планирал убиство на Зеленски“
Маж од Полска е уапсен под обвинение дека бил подготвен да шпионира за руското воено разузнавање и да и помогне да го испланира убиството на украинскиот претседател Володимир Зеленски, соопштија полските обвинители, а пренесе Асошиетед прес.
Полското национално обвинителство соопшти дека мажот, идентификуван само како Павел К., бил обвинет дека сакал да ги пренесе безбедносните информации на аеродромот на руски агенти и бил уапсен вчера во Полска.
Човекот побарал контакт со Руси директно вклучени во војната во Украина и се очекувало да пренесе детални информации за аеродромот Жешов-Јасионка во југоисточна Полска, во близина на границата со Украина, кој е портата за меѓународни воени и хуманитарни снабдувања за Украина. Аеродромот е под контрола на американски војници.
Доколку биде прогласен за виновен, тој може да добие и до осум години затвор, се вели во соопштението за печатот.
Обвинителите рекоа дека апсењето е резултат на блиска соработка со обвинителите и безбедносните служби на Украина, кои обезбедија клучни докази. Членката на ЕУ, Полска е цврст поддржувач на соседна Украина и Зеленски во одбрана од руската агресија повеќе од две години.