Свет
„Амазон“ ги чести со 100 долари новите работници што имаат потврда за вакцина
Американскиот технолошки гигант „Амазон“ денес објави дека ќе отвори 75.000 работни места во целата мрежа на магацини и дистрибутивни центри во САД и Канада. Компанијата исто така најави дека ќе им понуди бонус од 100 долари на новите вработени што имаат потврда дека биле вакцинирани против Ковид-19.
Од „Амазон“ тврдат дека ќе понудат просечна почетна плата од 17 долари на час на тие работни места, што е одраз на неодамнешното зголемување на платата во опсег од 50 центи до три долари на час за повеќе од половина милион вработени во САД што работат во таа компанија, пренесува Си-ен-би-си.
Нудењето разни поволности со цел да се привлечат кандидати е сè пораспространета појава меѓу американските компании што бараат работна сила на сè пореткиот пазар на трудот.
Некои компании велат дека имаат проблем да најдат работници, што им го припишуваат на зголемените бенефиции што ги уживаат невработените. Критичарите велат дека работодавците треба да размислат за зголемување на платите за да привлечат работници.
Компаниите, вклучувајќи ги „Чипотл“ и „Мекдоналд“, најавија покачување на платите за да привлечат работници.
Од истата причина „Амазон“ нуди бонус до 1.000 долари за потпишување договор за работа на некои локации со цел да привлечат работници.
Компанијата водеше агресивна политика за вработување нови луѓе за време на пандемијата на коронавирусот вработувајќи дури 500.000 работници во 2020 година, со цел да одговори на силниот скок на побарувачката од онлајн-купувачите.
Во исто време профитот беше инвестиран во физичко проширување на бизнисот, отворање нови магацини, бази за воздушен транспорт и други објекти со исклучително брзо темпо, додава Си-ен-би-си.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шолц: Војната во Украина може да трае уште неколку години
Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека верува оти војната во Украина може да се пролонгира уште неколку години.
„Никој не може да каже дали оваа војна ќе трае можеби пет години“, рече Шолц вечерва во источниот германски град Кемниц.
Тој ја бранеше германската воена помош за Украина и додаде дека заедно со неа мора да се негува и дипломатијата.
„Меѓутоа, од почетокот на војната, рускиот претседател Владимир Путин не покажа знаци на движење напред“, рече тој.
„Диктиран мир е неприфатлив. Не смее да се дозволи да се извлече со ова“, додаде германскиот канцелар.
Свет
Шефот на НАТО: Никој нема корист од војната на Блискиот Исток
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг изрази загриженост за ситуацијата на Блискиот Исток по израелскиот напад врз Иран.
„Клучно е конфликтот да не излезе од контрола и затоа ги повикуваме сите страни на воздржаност“, изјави Столтенберг денеска во Брисел. „Никој нема корист од војната на Блискиот Исток“, рече тој.
Израел го нападна иранскиот Исфахан
Според извештаите на медиумите, Израел ја нападнал иранската провинција Исфахан рано во петокот како одговор на големиот ирански напад со беспилотни летала и ракети минатиот викенд.
Според израелскиот весник Jerusalem Post, нападот бил насочен кон воздушна база во Исфахан, недалеку од иранските нуклеарни постројки. Сепак, според Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), нуклеарните капацитети не биле погодени.
Свет
Шефот на МААЕ: Не ги напаѓајте иранските нуклеарни постројки
Шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Гроси, ги предупреди земјите да не ги напаѓаат иранските нуклеарни постројки.
Во Исфахан, каде што беше извршен нападот, има неколку нуклеарни постројки во земјата. Гроси за програмата на Би-би-си Радио 4 изјави дека му олеснало кога слушнал дека ниту една нуклеарна постројка не била погодена во нападот.
„Нападот врз иранските нуклеарни постројки би бил страшна работа“, вели Гроси.
Тој смета дека во светот деновиве се појавува прашањето за таргетирање на нуклеарни постројки и дека МААЕ го смета за жално.