Свет
Американскиот поморски институт објави сценарио за можен воен конфликт со Турција
Американскиот поморски институт, едно од најголемите професионални воени здруженија во САД, во кое членуваат многу поранешни врвни воени стратези, објави сценарио за конфронтација меѓу американската и турската флота во третото издание на книгата „Флотни тактики и поморски операции“.
Книгата, објавена на 15 јуни 2018 година, го привлече вниманието на турскиот весник „Јени шафак“, кој објави кус осврт на замислениот конфликт опишан во нејзиното 15-то поглавје.
Книгата опишува наводно сценарио во кое турската морнарица потопува грчки бродови што носат балистички ракети во јужен Кипар иницирајќи воен конфликт помеѓу земјите. Според сценариото, Турција потоа ги напаѓа островите Лимни, Лезбос, Хиос, Самос и Кос во Егејското Море. Двете држави кои се вклучени во конфликтот се опишуваат како заколнати непријатели.
Понатаму, според сценариото опишано во книгата, Шестата флота на САД ќе интервенира во конфликтот во обид да го спречи тоа поддржувајќи ја Грција и дејствувајќи против турските војници.
„Сценариото, според кое Шестата флота на морнарицата на САД ја напаѓа турската морнарица, ги покажува почетокот на конфликтот меѓу Атина и Анкара и акциите на САД, кои ја поддржуваат Грција во овој конфликт“, пишува весникот.
Понатаму, во сценариото се опишуваат УСС „Хари Труман“ и локалните американски воени бродови кои се подготвуваат за конфронтација, а американската војска распоредена на островите Хиос и Аморгос ги напаѓа турски градови Ајвалик, Измир, Чешме, Кушадаси и Бодрум. Во исто време американската флота се очекува да ја нападне турската морнарица северно од Крит.
Иако воведот на книгата нагласува дека сите сценарија и настани во неа се чиста фикција и го претставуваат личното мислење на авторите, „Јени шафак“ посочува дека сите оние што придонеле за нејзината содржина, како и шефот на американскиот поморски институт, се поранешни врвни американски воени стратези – факт што го става под сомнеж фикцискиот карактер на опишаните сценарија и води кон помислата дека книгата дава навестувања за можниот став на Вашингтон во случај да избувне вистински конфликт меѓу Атина и Анкара.
Гореспоменатиот наводен конфликт се однесува на тековните тензии помеѓу Грција и Турција во Егејското Море предизвикани од судирот во врска со статусот на Кипар, кој останува поделен уште од 1974 година кога Турција го нападна северниот дел на островот. Овие тензии доведоа до неколку поморски инциденти во близина на Кипар и други спорни острови во кои беа вклучени грчки и турски воени бродови.
И односите меѓу САД и Турција неодамна влегоа во надолна линија кога Турција потпиша договор за купување руски системи за воздушна одбрана „С-400“. Вашингтон е загрижен дека неговите радари ќе може да го откриваат нивниот најнов авион „С-35“, кој требаше да биде испорачан во Турција.
САД се заканија дека ќе ја замрзнат испораката ако Турција не се откаже од договорот за „С-400“. Анкара одби да го стори тоа, но во исто време нагласи дека бара навремена испорака на „Ф-35“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Се истражува случајот со жената што донесе мртовец во банка за да подигне кредит, стинаа резултатите од обдукцијата
Бразилската полиција уапси жена осомничена дека донела во банка мртов маж, за којшто вели дека и е вујко, за да подигне кредит.
На социјалните мрежи се појави видео на кое се гледа како жена на шалтерот на банката Итау во Рио де Жанеиро ја крева главата на постар маж во инвалидска количка и се обидува да му стави пенкало во раката.
Од полицијата кажаа дека осомничената се обидувала да земе кредит во износ од 3.000 долари, кој банката веќе и’ го одобрила, но било потребно одобрение и од вујкото. Мажот од видеото не реагирал на барањата на жената. Додека се обидувала да му го даде пенкалото, неговата рака се спуштала, а главата му паѓала назад, пишува „Си-ен-ен“.
„Вујко слушаш, мораш да потпишеш. Ако не потпишеш нема шанси. Не можам да потпишам јас, мораш ти. Ајде не прави проблем, направи го тоа“, се слуша како му вели жената. Еден од вработените во банката во тој момент рекол дека постарата личност најверојатно не се чувствува добро.
Шефот на цивилната полиција во Рио де Жанеиро, Фабио Луис Соуза, изјави дека вработените во банката потоа решиле да повикаат брза помош. Кога пристигнале болничарите, утврдиле дека човекот бил мртов неколку часа. Полицијата води истрага и се обидува да утврди каква е точно поврзаноста на осомничената и загинатиот маж, а засега не е покренато обвинение.
Адвокатот на семејството го демантираше полицискиот извештај:
„Работите не испаднаа така. Човекот беше донесен жив во банка. Мојата клиентка е целосно потресена, зема лекови“, рече тој.
Обдукцијата откри нови детали
Бразилскиот медиум „Метрополес“ добил извештај од обдукцијата што укажува дека смртта на мажот била предизвикана од „бронхоаспирација и срцева слабост“. Утврдено е и дека бил неухранет.
„Таквите податоци ги потврдуваат некроскопските наоди за неухранетост и бронхоаспирација. Претходните срцеви заболувања исто така придонеле за смртта“, се вели во извештајот.
Судскиот совет ги чека резултатите од дополнителното испитување за да се утврди дали мажот бил отруен.
Бизнис инсајдер известува дека експертот кој ја потпишал прелиминарната форензичка анализа заклучил дека нема доволно докази за да се заклучи дали Пауло починал на пат кон или внатре во банката или починал пред тоа.
Меѓутоа, обдукцијата покажала дека згрутчувањето на крвта во неговиот врат сугерирало дека тој умрел легнат.
Адвокатот и натаму тврди дека неговата клиентка е невина, а нагласува и дека има сведоци. Истрагата продолжува.
Свет
ЕУ и Кина повикаа на воздржаност на Блискиот Исток
Кина објави дека се противи на каква било ескалација на тензиите на Блискиот Исток.
„Кина се противи на какви било активности што би можеле дополнително да ги ескалираат тензиите“, изјави денеска Лин Џијан, портпарол на кинеското Министерство за надворешни работи.
Реагираше и со претседатката на Европската комисија, Фон дер Лајен.
Таа ги повика Иран, Израел и нивните сојузници да се воздржат од ескалација на ситуацијата на Блискиот Исток.
„Апсолутно е неопходно регионот да остане стабилен и сите страни да се воздржат од понатамошни активности“, рече Урсула фон дер Лајен.
Претходно утрово, светските медиуми објавија дека Израел го нападнал Иран и дека се слушнале три експлозии во близина на воена база во централниот град Исфахан.
Сепак, засега нема официјални информации од двете држави за тоа што се случувало.
Свет
Разузнавачки извор за Си-ен-ен: Директните напади меѓу Израел и Иран завршија
Регионален разузнавачки извор рече дека директните напади меѓу Израел и Иран се завршени.
Изворот разговарал за Си-ен-ен под услов да остане анонимен околу два и пол часа по објавувањето на нападите. Изворот вели дека, според неговите сознанија, не се очекува Иран да одговори на нападот, но не наведе причина.
Претходно и висок ирански функционер изјави за „Ројтерс“ дека „Иран нема план за итна одмазда против Израел“.
Израел сѐ уште не потврдил дека го извршил нападот врз Иран, а тврдењата за нападот дојдоа од Вашингтон.
Од друга страна, од Иран доаѓаат контрадикторни информации, но нема официјален извештај.
Пред само еден час ирански аналитичар изјави за иранската државна телевизија дека „мини дроновите соборени од противвоздушната одбрана во Исфахан биле управувани од инфилтратори од Иран“.
Претходно, пак, ирански функционер изјави за „Ројтерс“ дека немало ракетен напад и дека експлозиите биле резултат на активирање на иранските системи за противвоздушна одбрана.