Свет
Америка испраќа купишта оружје во Украина, објавени фотографии
Вчера доцна навечер авион со големо количество оружје испратено од Америка слета на аеродромот во близина на Киев, главниот град на Украина.
Според фејсбук-страницата на американската амбасада во Киев, ова е 14. лет со кој Американците испраќаат воена помош за Украина. Во соопштението се наведува дека во најновата пратка има и противтенковски ракети „џавелин“.
„САД во јануари испратија околу 1.200 тони воена опрема со одобрение на претседателот Бајден. Тоа е опрема што ѝ е потребна на Украина за да се заштити од руската агресија“, се вели во соопштението на американската амбасада.
Објавени се и фотографии од опремата испратена во синоќешната пратка.
Русија испрати дополнителни трупи на границата со Украина и може да изврши инвазија во секој момент, вклучително и за време на Зимските олимписки игри, изјави денеска американскиот државен секретар, Ентони Блинкен.
Тој рече дека Вашингтон продолжува да го повлекува персоналот од својата амбасада во Украина и го повтори повикот на Стејт департментот до сите граѓани на САД во Украина веднаш да ја напуштат земјата.
„Едноставно кажано, сè уште гледаме многу загрижувачки знаци за руска ескалација, вклучително и повеќе војници кои пристигнуваат на украинската граница“, рече Блинкен на прес-конференција во австралискиот град Мелбурн.
„Како што веќе рековме, инвазијата може да започне во секој момент и да биде јасно, тоа го вклучува и времето на одржување на Олимписките игри“, додаде тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Полицаец од Бор е приведен поради давање информации за исчезнувањето на девојчето
Полицаец од Бор е приведен поради давање информации од истрагата за исчезнувањето на девојчето Данка Илиќ (2).
Не се знае за какви информации станува збор и кому полицаецот ги дал, но се работи за информации од истрагата кои евентуално би можеле да ја загрозат.
Се уште трае потрагата по двегодишното девојче Данка Илиќ од околината на Бор, чие исчезнување беше пријавено во вторникот.
Се претресуваат куќи и населба, се расчистува дворот.
Две специјалистички екипи за спасување од урнатините од Белград и Нови Сад започнаа детално пребарување на просторот околу куќата, соопшти полицијата.
Свет
Украински дрон удрил во станбена зграда во Белгород, има мртви
Едно лице загина кога украинско беспилотно летало удри во станбена зграда во рускиот град Белгород и одекна силна експлозија, изјави регионалниот гувернер Вјачеслав Гладков.
„Повредена е сопругата на починатиот, има расекотини на лицето и површна изгореница на бутот. Екипата за брза помош ја однела жената во регионалната клиничка болница. Како резултат на експлозијата, за жал, еден човек загина“, објави Гладков, а пренесува Риа Новости.
Друг жител со рана од шрапнел сам отишол во градската болница, додаде тој.
Оштетени се прозорците во пет стана, како и автомобил. Оперативните услуги се на лице место.
Европа
Бремена жена дошла на редовен преглед, лекарите по грешка ѝ направиле абортус во болница во Прага
Во трагичен инцидент претходно оваа недела во Универзитетската болница „Буловка“ во Прага 8 дошло до забуна кај лекарите за две жени што не биле од Прага, а тоа резултирало со абортус на бремена жена без нејзино знаење или желба, пренесуваат тамошните медиуми.
Здравствениот експерт вели дека, освен големата негрижа од страна на персоналот, за шокантниот настан придонела и јазичната бариера.
Кобната грешка се случила на 25 март, јавуваат чешките медиуми. Имено, една трудница дошла во болница на редовен преглед на бременоста. Меѓутоа, медицинските сестри, лекарите, гинеколозите и анестезиолозите ја помешале со друга трудница, која имала закажана киретажа (метод на абортус).
Така, бремената мајка била ставена под општа анестезија и лекарите по грешка ѝ направиле абортус.
„Министерството за здравство изразува најдлабоко жалење до пациентот и целото семејство“, рече портпаролот на Министерството, Онџеј Јакоб, во соопштението за печатот во четвртокот.
„Имаше неопростлива човечка грешка, а одговорните се разрешени“, додаде тој.
Од самата болница за информативниот портал „Новинки.чз“ изјавија дека се подготвени да платат отштета.
Според чешките медиуми, и двете пациентки биле странски државјанки, кои живееле во Чешка.
Официјалните лица не објавија никакви информации за идентитетот на жените.