Свет
Археолозите откриле легендарен ров на крстоносците во близина „Ерусалимските ѕидини“
Археолозите откриле ров од 11 век во близина на ѕидините на стариот град во Ерусалим – првиот цврст доказ за опсадата на крстоносците против градот пред 920 години. Иако неколку историски документи содржат сведоштва за неа, многу научници сепак веруваа дека опсадата е мит, пренесува „Брејтбарт“.
Откритие е дел од археолошкиот проект „Маунт Зајон“, заеднички меѓународен проект предводен од професорот Шимон Гибсон и професорот Џејмс Табор од Универзитетот на Северна Каролина во Шарлот во соработка со Рафи Луис од колеџот „Ашкелон“.
Археолошката локација е дел од националниот парк „Ерусалемски ѕидини“, каде што археолозите претходно откриле еврејски замок од првиот век и ретка златна монета со печат со ликот на римскиот император Нерон.
Петтенеделната битка за Ерусалим меѓу армиите на крстоносците и Фатимидскиот калифат, кој го контролирал регионот во 1099 година, добила разрешница на 15 јули истата година кога Рејмонд Четврти, грофот од Тулуз, еден од водачите на Првата крстоносна војна, го нападнал градот од југ, а друга христијанска сила подигнала кула за да пробие градските ѕидини од север.
Рејмонд Дагије, кој напишал современ извештај за битката, опишал ров што муслиманите го бранеле за да ги спречат напаѓачите на југ. Според неговите летописи, грофот им ветил златни динари на сите крстоносци што би помогнале да се пополни ровот за да може да изгради стабилна опсадна кула над ѕидот.
Според извештајот на Рејмонд, опсадата на крајот успеала, но кулата била запалена. Кога северните сили го освоиле градот, крстоносците поминале една недела убивајќи ги муслиманските и еврејските жители на градот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
САД: Ќе го блокираме полноправното членство на Палестина во ОН, тие треба да преговараат со Израел
САД ќе гласаат против палестинската кандидатура за полноправно членство во Обединетите нации и ќе ја блокираат светската организација да признае палестинска држава.
„САД продолжуваат да тврдат дека најбрзиот пат до државност за палестинскиот народ е преку директни преговори со Израел и палестинската управа со поддршка на САД и други партнери“, рече американскиот претставник.
Планирано е 15-члениот совет да гласа за нацрт-резолуцијата со која се препорачува на Генералното собрание на ОН од 193 држави „Државата Палестина да биде примена во членство во ОН“.
За да усвои резолуцијата, потребни се најмалку девет гласа и никакво вето од САД, Велика Британија, Франција, Русија или Кина. Дипломатите проценуваат дека резолуцијата би можела да собере 13 гласа, што би ги принудило САД да стават вето.
„Одамна јасно ставивме до знаење дека предвремените акции во Њујорк, дури и ако се во најдобар интерес, нема да резултираат со државност за палестинскиот народ“, рече американскиот функционер. Палестинците во моментов имаат статус на набљудувач не-членка, што е де факто признавање на државноста доделена од Генералното собрание на ОН во 2012 година.
Меѓутоа, барањето за полноправно членство мора да биде одобрено од Советот за безбедност, а потоа од најмалку две третини од членовите на Генералното собрание. Засилените напори на Палестина за полноправно членство дојдоа шест месеци по масакрот на Хамас во јужен Израел и војната во Појасот Газа по започнувањето на израелската офанзива и проширувањето на еврејските населби на Западниот Брег.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, смета дека „повеќе од кога било, неопходно е да се поддржат напорите со добра волја за воспоставување траен мир меѓу Израел и независна, одржлива и суверена палестинска држава“.
Регион
Земјотрес во Србија
Земјотрес со јачина од 2,7 степени според Рихтеровата скала го погоди Чачак.
Според ЕМСЦ, епицентарот бил два километри северно од Чачак и 47 километри западно-северозападно од Крагуевац.
Земјотресот се случил на длабочина од осум километри.
Европа
Уапсен Полјак: „Планирал убиство на Зеленски“
Маж од Полска е уапсен под обвинение дека бил подготвен да шпионира за руското воено разузнавање и да и помогне да го испланира убиството на украинскиот претседател Володимир Зеленски, соопштија полските обвинители, а пренесе Асошиетед прес.
Полското национално обвинителство соопшти дека мажот, идентификуван само како Павел К., бил обвинет дека сакал да ги пренесе безбедносните информации на аеродромот на руски агенти и бил уапсен вчера во Полска.
Човекот побарал контакт со Руси директно вклучени во војната во Украина и се очекувало да пренесе детални информации за аеродромот Жешов-Јасионка во југоисточна Полска, во близина на границата со Украина, кој е портата за меѓународни воени и хуманитарни снабдувања за Украина. Аеродромот е под контрола на американски војници.
Доколку биде прогласен за виновен, тој може да добие и до осум години затвор, се вели во соопштението за печатот.
Обвинителите рекоа дека апсењето е резултат на блиска соработка со обвинителите и безбедносните служби на Украина, кои обезбедија клучни докази. Членката на ЕУ, Полска е цврст поддржувач на соседна Украина и Зеленски во одбрана од руската агресија повеќе од две години.