Свет
Асад смета дека победата во Алепо го отворила патот до конечен успех
Сирискиот претседател Башар ал-Асад во интервјуто во неделата за три француски медиуми кои ги придружуваат француските пратеници при посетата на северниот сириски град Алепо, изјави дека ослободувањето на овој град претставува „пресвртен момент“ во граѓанската војна којашто избувна во март 2011 година, како и дека неговата влада сега се наоѓа „на патот на победата“.
По четирите години жестоки борби, на 22-ри декември сириската влада објави дека во целост го ослободила Алепо, вториот по големина град и некогашна финансиска престолнина на Сирија, откако ги истисна бунтовничките групи од источните квартови.
„Ослободувањето на Алепо преставува решавачка фаза во оваа војна и ние сме на патот на победата“, вели сирискиот претседател Башар ал-Асад во првото интервју за француските медиуми дадено по ослободувањето на Алепо, за радиото RTL, телевизиската мрежа LCP и радио-телевизијата France Info.
„Меѓутоа, не го сметаме тоа за победа, бидејќи победата ќе биде кога ќе ги отстраниме сите терористи“, додава Асад.
Одговарајќи на прашањето за жестоките бомбардирања во кои е разорен порано еден од најубавите градови во регионот и загинаа голем број луѓе, меѓу кои цивили, Асад оценува дека тоа е „цената која понекогаш мора да се плати“.
„Секако, ние Сиријците жалиме поради тоа што дел од земјата е уништен и поради крвопролевањата, но никогаш не сум слушнал дека во историјата се зборува за добра војна (…) Сите војни се грди“, истакнува сирискиот претседател.
Асад, исто така, истакнува едно од најтешките прашања било ослободувањето на цивилите, кои се наоѓаат на територии кои се под контрола на терористите, како што официјален Дамаск ги нарекува сите вооружени групи кои се борат против владините сили.
„Дали е подобро (цивилите) да се остават под нивна (на терористите) власт, којашто им ги отсекува главите? Во тоа ли е улогата на државата? Не, мораме да ги ослободиме (…) и таа цена понекогаш мора да се плати“, заклучува Башар ал-Асад.
Во Сирија од 30-ти декември е прогласено примирје, постигнато со посредство на Русија и Турција, коешто главно се почитува. Тоа треба да создаде услови за одржување на мировните преговори за политичка транзиција на земјата, кои треба кон крајот на јануари да се одржат во казахстанската престолнина Астана./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Повеќе од половина Србија обоена во жолто: Итно предупредување поради можно невреме
Жолта метеоролошка тревога е на сила на повеќе од половина од териториите во Србија и тоа во Бачка, Банат, Срем, Белград, Западна Србија, Поморавље и Шумадија, со цел да се предупреди за можна појава на грмежи.
Се очекува слаб до умерен дожд во областа Бачка.
Во Бачка во следните два часа на места ќе има врнежи од дожд со слаб до умерен интензитет.
Инаку, жолтиот метео аларм се „вклучува“ кога времето може да биде потенцијално опасно, поточно кога се предвидуваат опасни временски појави.
„Тие се со таков интензитет што можат да предизвикаат материјална штета и да бидат опасни за луѓето и животните. Треба да бидете многу внимателни, свесни за ризиците и редовно информирани за деталите за очекуваните метеоролошки услови“ велат од надлежните државни служби.
Свет
Американскиот Сенат одобри помош од 95 милијарди долари за Украина, Израел и Тајван
Американскиот Сенат усвои закон со кој се одобрува пакетот безбедносна помош за Израел, Украина и Тајван во вкупна вредност од 95 милијарди долари.
За усвојување на законот кој го изгласа Конгресот по неколкумесечно одложување гласаа 79 сенатори, а против 18, што е многу повеќе од потребното мнозинство во Сенатот од 100 членови за законот да биде усвоен.
За да стапи на сила законот, треба да го потпише американскиот претседател Џозеф Бајден.
Пакетот за помош предвидува 61 милијарда долари за Украина, 26 милијарди за Израел и околу 8,12 милијарди за „контра комунистичка Кина“ во Индо-пацификот, додека четвртиот дел од пакетот е наменет за мерки што ќе доведат до потенцијална забрана на апликацијата TikTok во САД, мерките според кои замрзнатите руски средства ќе бидат префрлени во Украина и ќе бидат воведени нови санкции кон Иран, пренесува Ројтерс.
„Ќе го потпишам овој предлог-закон веднаш штом ќе пристигне на моето биро утре и ќе им помогнам на Американците за да започнеме со испраќање оружје и опрема во Украина оваа недела. Потребата е итна: за Украина, која се соочува со немилосрдно бомбардирање од Русија, за Израел, кој штотуку се соочи со невиден напад од Иран, за бегалците и оние кои се погодени од конфликти и природни катастрофи низ светот, вклучително и во Газа, Судан, Хаити. “, рече Бајден.
Свет
Пентагон испраќа милијарда долари воена помош за Украина
Пентагон е подготвен брзо да испрати пакет воена помош од милијарда долари за Украина, изјавија неколку американски претставници, додека горниот дом на американскиот Конгрес ја започнува расправата за долгоочекуваниот нацрт-закон за финансирање на Украина и другите сојузници на САД, којa веќе го помина долниот дом.
Членовите на Конгресот беа длабоко поделени околу средствата, поради што претседателот на Претставничкиот дом, Мајк Џонсон, формираше сојуз од двете водечки партии за усвојување на законот.
Пакетот за странска помош од 95 милијарди долари беше усвоен од Претставничкиот дом во саботата, а денеска или утре се очекува одобрување од Сенатот.
Од вкупниот пакет помош околу 61 милијарда долари се наменети за Украина.