Свет
Бајден во обраќање до нацијата: Ќе бидам претседател кој не гледа црвени или сини, туку само обединети држави
Новоизбраниот американски претседател Џо Бајден и се обрати на нацијата откако американските медиуми ја прогласија неговата победа.
Камала Харис, новата потпретседателка прва се појави на сцената. Таа ги поздрави сите собрани и им се заблагодари.
„За демократијата треба да се бориме затоа што ние луѓето имаме моќ да ја градиме својата иднина“, рече Харис.
„Ви благодариме што ја направивте можна оваа победа. Нашата нација им должи благодарност и на оние што ги броеја гласовите. Вие ја зачувавте американската демократија. Ви благодариме што гласавте во рекорден број и се заложивте за тоа вашиот глас да се чуе. Имаше солзи и горчина, но успеавме”, порача Харис.
„Знам дека времево носи големи предизвици, особено последните неколку месеци кои се исполнети со болка, страдање. Но, вие избравте надеж, наука и вистина. Го избравте Џо Бајден за следен претседател на САД!“, рече Харис во своето обраќање.
Бајден излезе пред толпата со песна од Брус Спрингстин. Тој ги поздрави сите собрани и рече:
„Драги мои Американци, луѓето во оваа земја го кажаа своето и ни донесоа убедлива победа со најмногу гласови досега, дури 74 милиони. Почестен сум од довербата што ми ја дадовте. Јас ќе бидам претседател кој не дели, туку обединува. Кој не гледа црвени или сини држави, туку само обединети држави“, рече Бајден.
Тој повтори дека влегол во трката за Белата куќа за да ја врати душата на Америка и дека Америка ќе биде повторно почитувана во светот. Бајден не пропушти да ја спомене и неговата сопруга Џил.
„Јас сум сопруг на Џил и не би бил тука без неа. Таа ќе биде одлична прва дама”, рече Бајден, заблагодарувајќи и се на Камала Харис. Тој посочи дека таа е првата Афроамериканка, првата жена и првата личност со азиско потекло што ја зазема потпретседателската позиција и дека е доказ дека ништо во Америка не е невозможно.
Тој исто така им се заблагодари на оние што овозможија овие избори да се одржат среде пандемија.
На приврзаниците на Трамп им порача дека разбира како се чувствуваат затоа што тој самиот неколку пати бил неуспешен и ги повика да ја прекинат поделбата. Бајден ја започна својата политичка кариера во Сенатот пред половина век и по неуспешните обиди за освојување на Белата куќа во 1988 и 2008 година, овие избори беа негова трета среќа.
Иако Трамп продолжува силно да се спротивставува на какво било споменување на изборниот пораз во јавноста, а вчера неговиот штаб упати соопштение во кое најави судска битка, функционер од Белата куќа вели дека претседателот сепак ќе ги прифати резултатите.
„Претседателот ќе ги прифати резултатите од слободните и фер избори“, изјави претставникот за американските медиуми.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Пленковиќ по победата на изборите во Хрватска: Набргу ќе дознаете со кого ќе имаме мнозинство
Актуелниот премиер на Хрватска, Андреј Пленковиќ, чија партија ХДЗ победи на парламентарните избори во Хрватска, објави дека набргу ќе се знае со кого ќе формираат влада.
„Одлично е чувството, трета победа во низа и убедлива, тоа никој не успеа да го направи пред нас. Презадоволни сме, урнат е митот дека високиот одѕив не ѝ одговара на ХДЗ“, изјави Пленковиќ.
„Многу набргу ќе дознаете со кого ќе формираме ново мнозинство во Собранието. Разговаравме со некои наши колеги уште синоќа, а денеска ги продолжуваме разговорите. Сè оди добро, победниците ќе ја водат владата и во третиот мандат“, порача Пленковиќ.
Неофицијалните резултати по обработката на речиси сите избирачки места, според пресметките, покажуваат дека ХДЗ убедливо победува на парламентарните избори и освојува 61 мандат, а Риека правде на СДП добива 42 мандата.
Свет
Шефот на дипломатијата на ЕУ: Треба да испратиме противракетни системи во Украина
Земјите членки на ЕУ треба да ги испратат своите противракетни системи за зајакнување на воздушната одбрана на Украина додека Русија ги напаѓа нејзините градови, изјави денеска шефот на европската дипломатија предупредувајќи дека Европа не може да се потпира само на Вашингтон кога станува збор за помошта на Киев.
Повеќе од две години по почетокот на руската инвазија Украина се соочува со недостиг на муниција, републиканците во американскиот Конгрес ја блокираат клучната воена помош, а ЕУ не успева да достави доволно муниција навреме.
„Имаме патриоти, имаме противракетни системи. Мораме да ги извадиме од нашите касарни, каде што се за секој случај, и да ги испратиме во Украина, каде што беснее војната“, изјави шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, за новинарите на состанокот на министрите за надворешни работи од земјите членки на групата Г7 на островот Капри.
„Во спротивно, електроенергетскиот систем на Украина ќе биде уништен. И ниедна земја не може да се бори без струја во домовите, во фабриките, за интернетот, за сè“, додаде тој.
Украинската воздушна одбрана е клучно прашање за министрите собрани во Италија откако Германија вчера апелира до Европската Унија и НАТО да направат повеќе за да му помогнат на Киев.
„Сигурен сум дека ќе го направиме тоа, но мораме да го направиме тоа бргу“, рече Борел,ж додавајќи дека жали што внатрешната политика во Соединетите Американски Држави го одложува многу потребниот пакет-помош за Украина во вредност од 60,84 милијарди долари.
„Не можеме да зависиме само од САД. Мораме да ја преземеме сопствената одговорност“, изјави тој.
Свет
Бајден за својот вујко: Го изедоа канибали
Американскиот претседател Џо Бајден изјави дека неговиот вујко, кој исчезна на Пацификот за време на Втората светска војна, бил изеден од канибали.
Вториот поручник Амброуз Финеган од воздухопловните сили на американската армија беше прогласен за исчезнат во мај 1944 година кога неговиот лесен бомбардер се урна во морето.
„Тој беше соборен во област во која во тоа време имаше многу канибали“, им рече Бајден на новинарите на кампањата пред Air Force One во Скрентон, Пенсилванија.
„Никогаш не го пронајдоа неговото тело, но владата се врати кога јас заминав и тие проверија и најдоа некои делови од авионот“, ја продолжи својата приказна американскиот претседател.
Неколку часа подоцна, на состанокот со членовите на синдикатот на United Steelworkers во Питсбург, Бајден ја раскажа истата приказна.
„Тој беше убиен во Нова Гвинеја и тие никогаш не го пронајдоа телото – навистина имаше многу канибали во тој дел на Нова Гвинеја“, рече 81-годишниот демократ.
Сепак, според агенцијата на Пентагон за воени зароебници и исчезнати, Финеган никогаш не бил соборен. Ниту бил во извидничка мисија, како што тврдеше Бајден.
Според официјалниот извештај за инцидентот, лесниот бомбардер „А-20 хавок“ бил на „курирско бегство“ од островот Лос Негрос кога му откажале моторите на мала височина. Авионот се урнал во морето кај северниот брег на Нова Гвинеја и двајца од тројцата членови на екипажот никогаш не успеале да излезат од остатоците што тонеле, кои никогаш не биле пронајдени. Еден човек, кој преживеал, бил спасен од брод што поминувал.