Свет
Бајден и Меркел ја повикаа Русија да ги повлече војниците од украинската граница
Германската канцеларка, Ангела Меркел, и американскиот претседател, Џо Бајден, ја повикаа Русија да ги повлече војниците од украинската граница поради деескалација на ситуацијата во регионот, изјави денеска портпаролот на германската влада, Штефен Зајберт.
Русија и Украина одржаа истовремени воени вежби во средата, а министрите за надворешни работи и одбрана на НАТО почнаа итни разговори за акумулирањето на руските трупи во близина на украинската граница, според „Ројтерс“.
Меркел и Бајден разговараа на телефон за последните случувања во источна Украина и ја повикаа Русија да избегне каква било понатамошна ескалација.
„Канцеларката и претседателот се согласија дека Русија треба да ја намали најновата акумулација на војници за да придонесе за деескалација на ситуацијата“, рече Зајберт.
Во Вашингтон портпаролката на Белата куќа, Џен Псаки, изјави дека Бајден разговарал со рускиот претседател Владимир Путин во вторникот за да ги нагласи последиците од руските активности.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Таткото на осомничениот за убиството на Данка Илиќ го откажал полномошното на адвокатот
Небојша Живановиќ, адвокатот на Радослав Д., таткото на Дејан Д., кој е осомничен за убиството на двегодишното девојче Данка Илиќ, за Танјуг изјави дека неговиот клиент го откажал полномошното.
Радослав Д. е осомничен дека му помогнал на својот син да го премести телото на девојчето од депонијата на засега непозната локација.
Со оглед на тоа што го откажал полномошното на избраниот бранител, сега треба да му се определи бранител по службена должност на Радослав Д.
Биолошкиот брат на осомничениот Дејан Д., Далибор Д., почина на 7 април во Полициската станица во Бор, каде беше осомничен дека му помогнал на својот брат да го скрие телото на двегодишното девојче.
Двегодишната Данка Илиќ исчезна на 26 март во Бањско поле кај Бор, а полицијата по 10-дневна потрага и детални проверки и информации ги уапси Срѓан Ј. и Драган Д. од Бор, кои се осомничени дека го удриле девојчето со автомобил, а потоа нејзиното тело го ставиле во багажникот на автомобилот и го однеле на депонија.
Телото на девојчето се уште не е пронајдено.
Европа
Судот во Русија ја одби жалбата на американскиот новинар кој е во затвор поради шпионажа
Руски суд денеска ја отфрли последната од серијата жалби на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, против истражниот затвор под обвинение за шпионажа.
Гершкович (32) е првиот американски новинар уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна. На 29 март минатата година тој беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ), а беше уапсен на задача во рускиот град Екатеринбург.
Руските власти тврдат дека тој се обидувал да дојде до доверливи информации кои требало да и ги пренесе на американската влада, но новинарот, весникот за кој работи и американската влада негираат дека тој е шпион.
Датумот на судењето се уште не е одреден, а притворот минатиот месец му беше продолжен за уште три месеци и треба да трае до 30 јуни.
Минатомесечното рочиште беше затворено за печатот, но во вторникот на новинарите им беше дозволено да го снимат Гершкович додека тој стои во стаклената кутија во судницата и им се насмевнува на колегите од медиумите.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во одреден момент Гершкович би можел да биде ослободен во замена за рускиот затвореник кој се држи во странство, но таков договор се уште не е постигнат.
Европа
Нова корупциска афера во Украина, осомничен министер за земјоделство
Украинската антикорупциска полиција го именуваше министерот за земјоделство Микола Солски како осомничен во кривичната истрага за незаконско стекнување на државно земјиште во вредност од седум милиони долари.
Солски, кој го надгледува производството на жито во Украина за време на војната од март 2022 година, рече дека не разбира зошто сега се појавија наводите поврзани со настаните од 2017 и 2018 година.
„Не се согласувам со обвинувањата“, им рече тој на новинарите во Киев откако Украинското национално биро за борба против корупцијата објави соопштение со резултатите од истрагата.
Канцеларијата соопшти дека министерот го предводел планот за стекнување на државно земјиште во вредност од околу 6,9 милиони евра и обид да се стекне земјиште во вредност од 190 милиони гривни.
Солски е првиот министер во владата на претседателот Володимир Зеленски кој е осомничен во корупциски скандал.
Зеленски се обидува да спроведе стапка на нулта толеранција за корупција, а минатата година го отпушти министерот за одбрана поради обвинувања за примање мито поврзани со одбранбената индустрија.
Законодавците изминативе денови порачаа дека очекуваат реконструкција на Владата, секако до крајот на пролетта.