Свет
Бајден: Молете се за американските трупи во странство
Не стивнуваат реакциите во САД, по нападот на Иран врз воени бази во Ирак во кои се сместени војници на САД. Нападите се извршени со проектили „земја-земја”. Станува збор за најмалку две воени бази и за повеќе од 12 проектили. Нападите на воените бази се случуваат откако во петокот САД со дрон го убија иранскиот генерал Сулејмани.
Претседателот Доналд Трамп најави обраќање до нацијата.
Сенаторката Линдзи Грем, републиканка од Јужна Каролина за „Фокс њуз“ изјави: „Ова беше чин на војна, според разумна дефиниција. Претседателот ги има сите овластувања што му се потребни согласно член II за да одговори и како тој реагира допрва треба да се утврди, но тој има авторитет да одговори“, рече Грем.
Нејзина проценка е дека Трамп сега би можел да се одлучи за напади врз воени или нафтени цели.Таа додаде дека постојано е на телефонска линија со Трамп при што упати порака и до иранските власти: „Вашата судбина е во ваши раце во однос на економската одржливост на режимот. Ако продолжите со овие глупости ќе се разбудите еден ден надвор од нафтениот бизнис“, рече Грем.
Од демократскиот табор реагираа претседателските кандидати.Џо Бајден на Твитер напиша: „Ќе се воздржам да ги коментирам вестите вечерва додека не знаеме повеќе, но има едно нешто што ќе кажам: Нашите трупи и Американците во странство се во нашите молитви. Се надеваме дека и вие ќе го сторите тоа”, напиша Бајден.
Поранешниот градоначалник на Саут Бенд, Индијана, Пит Бутигиг објави дека „вечерва Американците во Ирак се нападнати. Се молам за нив, нивните најблиски и нивните семејства“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
„Фокс њуз открива“: САД потрошиле најмалку 113 милијарди долари за војната во Украина
Американската влада потрошила најмалку 113 милијарди долари за војната во Украина, но таа сума може да се смета за многу поголема поради трошоците за замена на оружјето и муницијата испратени во Киев, процени Пентагон, дознава „Фокс њуз“.
„Фокс њуз“ во септември објави дека САД потрошиле вкупно 101 милијарда долари за војната во Украина.
Според документите од Канцеларијата за менаџмент и буџет на Белата куќа испратени до сенаторот Џ. Д. Венс од американската сојузна држава Охајо, до која имал пристап „Фокс њуз“, САД потрошиле најмалку дополнителни 13 милијарди долари од септември за војната во Украина.
Директорката на Канцеларијата за менаџмент и буџет на Белата куќа, Шаланда Јанг, во писмо до Венс рече дека американскиот Конгрес обезбедил 111 милијарди долари дополнителни средства како одговор на војната во Украина вклучувајќи безбедносна, економска и хуманитарна помош.
Јанг истакна дека вкупните средства вклучуваат и средства „кои не отишле директно во Украина“, туку се користат за поддршка на таа земја поради што понекогаш се појавуваат разни бројки за американската помош за Киев.
Регион
Завршено вештачењето на мобилниот телефон на мајката на Данка, биле бришени пораки и повици, објавија српските медиуми
Мобилниот телефон на мајката на Данка Илиќ бил испратен на вештачење по исчезнувањето на девојчето. Неофицијалните податоци говорат дека мајката избришала многу пораки и повици ден пред и на денот на исчезнувањето на Данка, објави српски „Блиц“.
Според неофицијални сознанија од истрагата, вештачењето на мобилниот телефон на Ивана Илиќ покажало дека се избришани многу пораки и податоци за повици, пишува српски „Информер“.
„На ден пред исчезнувањето и на денот на исчезнувањето на Данка Илиќ многу пораки и повици се избришани од телефонот. Ова го утврдиле инспекторите за високотехнолошки криминал. Пораките и повиците може да се избришат од телефонот, но да останат во базата на податоци“, рекол изворот.
Како што се дознава, пред исчезнувањето на Данка Илиќ мајката трипати го фотографирала детето од разни агли.
Да потсетиме, мајката на Данка Илиќ, Ивана, денеска повторно е во полициската станица во Бор, каде што е на распит за околностите на својата исчезната ќерка. Таткото помина на полиграфското тестирање.
Регион
„Клучот е кај родителите, тие мора да одговорат на едно прашање“, вели поранешен шеф на белградската полиција за случајот со исчезнувањето на Данка
Родителите се тие што имаат многу да објаснат. Прво, зошто чекаа да го пријават исчезнувањето? Колку што знам, чекаа два часа. Познато е дека кога ќе исчезне дете, веднаш се пријавува за да се реагира бргу, изјави Марко Ницовиќ, поранешен началник на белградската полиција, за „Телеграф.рс“.
Според Ницовиќ, полицијата оди во добра насока бидејќи ја проверува секоја педа од земјата, но се надеваат и дека темелно се проверуваат граничните премини бидејќи не ја исклучуваат можноста за киднапирање.
„Би можело да биде сè, не е исклучена никаква можност. Ако мајката рече дека го оставила девојчето на минута, го поставуваме прашањето каде би можело да оди двегодишното дете? Колку далеку, без мајка му да го најде? Второ, зошто чекаа два часа? Има простор и за киднапирање, а знаеме дека границата е блиску, но и за многу повеќе. Отворени се многу прашања и останува да се почека истражните органи да си ја завршат работата“, вели Ницовиќ за српски „Телеграф“.
Да потсетиме, потрагата по двегодишната Данка Илиќ влезе во четвртиот ден. Во потрагата од утрово се вклучени уште 18 пожарникари и кучето Зиги.
Багери вчера цел ден копаа и вадеа ѓубре и шут од куќата, а пред куќата каде што последен пат беше видена исчезнатата Данка по која трага цела Србија, пристигна тешка механизација, која ќе продолжи да работи денес за да се расчисти теренот.