Европа
Бајден носел потсетници додека одговарал на прашања за Путин
Американскиот претседател Џо Бајден беше исмеан на социјалните мрежи бидејќи многумина забележаа дека користел потсетници додека одговарал на прашања на новинарите за војната во Украина и за рускиот претседател Владимир Путин, пренесуваат агенциите.
Бајден во саботата беше во Полска, а големо внимание привлече неговата изјава во Варшава дека рускиот претседател Владимир Путин не може да остане на власт.
Запрашан за неговите забелешки, поради кои многумина сметаа дека се залага за промена на режимот, 79-годишниот претседател се потпираше на подготвени картички со текстот што го држеше во рака за да одговори на прашањата.
Тој истакна дека не се извинува за своите коментари и дека тие не биле дел од подготвениот говор.
„Тоа е повеќе аспирација отколку што било друго. Не треба да биде на власт. Ваквите луѓе не треба да бидат на чело на државата, но тие се. Факт е дека тие се, но тоа не значи дека јас не можам да изразам лутина поради тоа“, рече тој додека ги држеше потсетниците во раката.
„Разговарав со рускиот народ. Последниот дел од говорот беше разговор со рускиот народ, им кажав што мислиме“, рече тој.
„Го изразив моралното огорчување што го чувствував кон постапките на овој човек. Не зборував за промена на политиката“, додаде тој.
Се чини дека Бајден очекуваше прашање и за францускиот претседател Емануел Макрон и неговата реакција, па одговори и на тоа.
Во белешките на Бајден може да се прочита следново: „Дали ова сега е закана да го наруши единството со вашите сојузници во НАТО?“. Одговорот е: „Не. НАТО никогаш не бил пообединет“.
Ова не е првпат Бајден да користи потсетници кога има јавни говори и настапи.
Ги користеше и за време на кампањата, како и за време на средбата со рускиот претседател Владимир Путин во 2021 година. Тој исто така користел картички со однапред подготвен текст кога ги обиколувал областите погодени од ураганот Ајда во Луизијана и кога зборувал со новинарите на самитот на Г20 во Рим.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Приходите на Русија од нафта и гас се речиси двојно зголемени
Приходите од нафта и гас на Русија ќе достигнат 1,29 трилиони рубљи (14 милијарди долари) во април, што е речиси двојно повеќе од истиот месец минатата година благодарение на зголемените цени, покажуваат пресметките на Ројтерс.
Ројтерс ги заснова проценките на податоците од индустриските извори и официјалната статистика за производство, преработка и снабдување со нафта и гас на рускиот и меѓународниот пазар.
Руското Министерство за финансии на почетокот на мај ќе ги објави податоците за април. За цела 2024 година, владата буџетираше приходи од продажба на нафта и гас од 11,5 трилиони рубљи, за 30 отсто повисоки отколку во 2023 година, кога се намалија за 24 отсто поради пониските цени на нафтата и намалениот извоз на гас под притисок на санкциите.
Благодарение на закрепнувањето на приходите од продажбата на енергетски производи, рускиот буџетски дефицит се намали во првите три месеци од оваа година на 607 милијарди рубљи, што одговара на 0,3 отсто од бруто домашниот производ (БДП), наведува Ројтерс.
Западните земји воведоа бројни санкции кон Русија поради нејзината инвазија на Украина, настојувајќи да ги намалат приходите на Русија од продажбата на нафта и гас, кои сочинуваат околу една третина од федералниот буџет. Казнените мерки вклучуваат забрана за водење бизнис со руски финансиски институции.
Европа
Русија и се закани на Полска
Заменик-министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Рјабков се закани дека Русија ќе ги таргетира нуклеарните оружја и објектите на НАТО, доколку тие бидат распоредени во Полска. Тој рече дека заедничките нуклеарни мисии на НАТО во близина на руската граница се сметаат за закана за нејзината безбедност, пренесува руската државна агенција ТАСС.
„Да не кажам ништо за трајно распоредување, за што зборуваат жешките глави во Варшава. Затоа сите оние политичари кои разговараат за таква опција во Полска и во странство треба да разберат: соодветните капацитети неизбежно ќе бидат цел. Тие ќе бидат први на список на нашето воено планирање“, се закани тој.
Полска во понеделникот објави дека е подготвена да прифати нуклеарно оружје на своја територија доколку НАТО, чиј член е, одлучи да го зајакне своето источно крило бидејќи Русија распоредува ново оружје во Калининград и Белорусија.
„Доколку нашите сојузници одлучат да распоредат нуклеарно оружје на наша територија како дел од дистрибуцијата на нуклеарно оружје за да ја зајакнеме безбедноста на источното крило на НАТО, ние сме подготвени на тоа“, изјави Анджеј Дуда за весникот Факт.
„Војната меѓу Русија на Владимир Путин и НАТО би завршила со неизбежен пораз на Москва“, изјави денеска полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски.
„Ние, Западот, не треба да се плашиме од конфликт со Путин, туку обратно“, рече Сикорски за време на говорот во Сејм, Долниот дом на полскиот парламент. Сикорски додаде дека рускиот воен и економски потенцијал „бледи во споредба со оној на Западот“, бидејќи НАТО има три пати повеќе воен персонал, три пати повеќе воздушен персонал и четири пати повеќе бродови од Русија.
Европа
Писториус: Русија произведува повеќе оружје отколку што и е потребно за војната во Украина
Германскиот министер за одбрана Борис Писториус тврди дека Русија произведува повеќе оружје отколку што и е потребно за да ја продолжи својата специјална воена операција во Украина.
Во интервју за телевизијата „АРД“, тој беше прашан дали го дели стравот на балтичките земји дека Русија ќе може да ја нападне територијата на НАТО за неколку години, тој одговори дека нема кристална топка за да ја предвиди иднината, пренесе ТАСС.
„Но, она што го велат воените експерти и специјалистите за оружје е дека Русија го зголемува производството на оружје“, рече тој.
Писториус истакна дека поголемиот дел од произведеното не се испраќа на фронт, туку оди во магацини. Според германскиот министер за одбрана, во случај на ескалација ќе биде вклучено целото НАТО.
„Во тој случај треба да можеме да се одбраниме, да водиме војна која ќе ни биде наметната. Затоа не штедиме напори за соодветно опремување на вооружените сили во Европа, во НАТО“, додаде тој.