Свет
Бајден се обидува да стапи во контакт со Ким Џонг-ун, тој го игнорира
Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден минатиот месец неколку пати се обидела да стапи во контакт со севернокорејските власти.
Сепак, официјален Пјонгјанг не одговорил на повиците.
Цитирајќи неименувани дипломатски извори, Си-ен-ен известува дека администрацијата на Бајден безуспешно преку неколку канали се обидела да ја контактира администрацијата на севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун.
„Се обидовме да контактираме со севернокорејските власти преку неколку канали за да работиме заедно и да го намалиме ризикот од ескалација на тензиите. Од Пјонгјанг не добивме никаков одговор. И покрај едногодишните американски иницијативи, не е воспоставен активен дијалог со Северна Кореја“, изјавил високиот функционер за Си-ен-ен.
Без откривање повеќе детали за обидите за контакт со Пјонгјанг, неименуваниот извор рекол дека администрацијата на Бајден ја разгледува заканата што Северна Кореја ја претставува врз САД и регионот.
Поранешниот американски претседател Доналд Трамп се состана со Ким Џонг-ун во Сингапур во јуни 2018 година, а потоа разменија писма, но не беше постигнат напредок во решавањето на несогласувањата околу планот на Северна Кореја за развој на нуклеарно оружје и арсенал со балистички ракети.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шолц: Војната во Украина може да трае уште неколку години
Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека верува оти војната во Украина може да се пролонгира уште неколку години.
„Никој не може да каже дали оваа војна ќе трае можеби пет години“, рече Шолц вечерва во источниот германски град Кемниц.
Тој ја бранеше германската воена помош за Украина и додаде дека заедно со неа мора да се негува и дипломатијата.
„Меѓутоа, од почетокот на војната, рускиот претседател Владимир Путин не покажа знаци на движење напред“, рече тој.
„Диктиран мир е неприфатлив. Не смее да се дозволи да се извлече со ова“, додаде германскиот канцелар.
Свет
Шефот на НАТО: Никој нема корист од војната на Блискиот Исток
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг изрази загриженост за ситуацијата на Блискиот Исток по израелскиот напад врз Иран.
„Клучно е конфликтот да не излезе од контрола и затоа ги повикуваме сите страни на воздржаност“, изјави Столтенберг денеска во Брисел. „Никој нема корист од војната на Блискиот Исток“, рече тој.
Израел го нападна иранскиот Исфахан
Според извештаите на медиумите, Израел ја нападнал иранската провинција Исфахан рано во петокот како одговор на големиот ирански напад со беспилотни летала и ракети минатиот викенд.
Според израелскиот весник Jerusalem Post, нападот бил насочен кон воздушна база во Исфахан, недалеку од иранските нуклеарни постројки. Сепак, според Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), нуклеарните капацитети не биле погодени.
Свет
Шефот на МААЕ: Не ги напаѓајте иранските нуклеарни постројки
Шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Гроси, ги предупреди земјите да не ги напаѓаат иранските нуклеарни постројки.
Во Исфахан, каде што беше извршен нападот, има неколку нуклеарни постројки во земјата. Гроси за програмата на Би-би-си Радио 4 изјави дека му олеснало кога слушнал дека ниту една нуклеарна постројка не била погодена во нападот.
„Нападот врз иранските нуклеарни постројки би бил страшна работа“, вели Гроси.
Тој смета дека во светот деновиве се појавува прашањето за таргетирање на нуклеарни постројки и дека МААЕ го смета за жално.