Свет
Бајден со порака до терористите: ИСИС, не завршивме со вас
Американскиот претседател Џо Бајден, денеска, се обрати до нацијата по повод крајот на војната во Авганистан бранејќи го хаотичното повлекување од Кабул, ден откако последните американски воени авиони ја напуштија земјата.
Тој настан го означи крајот на најдолгата американска војна, речиси 20 години по нејзиниот почеток.
„Завршивме една од најголемите воздушни евакуации во историјата. Ниту една нација во историјата не направила вакво нешто, само САД имаа капацитет, волја и способност да го сторат тоа“, рече тој.
Бајден, бранејќи ја одлуката што предизвика серија обвинувања против него, рече дека морал да избере помеѓу „напуштање и ескалација“ претставувајќи ја својата одлука за повлекување на војниците како единствена опција што не барала пристигнување повеќе војници во Авганистан.
„Немав намера да ја продолжам оваа бескрајна војна и не сакав ни повлекувањето да биде вечно“, рече тој.
Во Авганистан останаа од 100 до 200 Американци, а повеќето од нив имаат двојно државјанство. „Крајниот резултат е дека 90 % од Американците што сакаа да заминат, си заминаа“, рече Бајден.
„Некои велат дека требаше да почнеме со евакуација порано и дека тоа можеше да се направи на поуреден начин“, рече тој. „Со почит, не се согласувам“, додаде.
Тој рече дека верува оти дури и ако евакуацијата почнала во јуни или јули, сепак ќе имало метеж на аеродромот.
Бајден рече дека стратегијата на САД треба да се промени и дека не им требаат војници на терен за борба против тероризмот.
„Ние удривме на ИСИС-К од далечина неколку дена откако тие убија 13 наши војници и десетици невини Авганистанци“, рече Бајден.
„ИСИС-К, сѐ уште не завршивме со вас“, додаде тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Нова корупциска афера во Украина, осомничен министер за земјоделство
Украинската антикорупциска полиција го именуваше министерот за земјоделство Микола Солски како осомничен во кривичната истрага за незаконско стекнување на државно земјиште во вредност од седум милиони долари.
Солски, кој го надгледува производството на жито во Украина за време на војната од март 2022 година, рече дека не разбира зошто сега се појавија наводите поврзани со настаните од 2017 и 2018 година.
„Не се согласувам со обвинувањата“, им рече тој на новинарите во Киев откако Украинското национално биро за борба против корупцијата објави соопштение со резултатите од истрагата.
Канцеларијата соопшти дека министерот го предводел планот за стекнување на државно земјиште во вредност од околу 6,9 милиони евра и обид да се стекне земјиште во вредност од 190 милиони гривни.
Солски е првиот министер во владата на претседателот Володимир Зеленски кој е осомничен во корупциски скандал.
Зеленски се обидува да спроведе стапка на нулта толеранција за корупција, а минатата година го отпушти министерот за одбрана поради обвинувања за примање мито поврзани со одбранбената индустрија.
Законодавците изминативе денови порачаа дека очекуваат реконструкција на Владата, секако до крајот на пролетта.
Регион
Никола Роквиќ тргна пеш на пат долг 1.150 километри на хумана мисија
Никола Роквиќ пеш тргна кон Грција и треба да помине 1.150 километри, а сето тоа во хуманитарна мисија.
Тој и неговата сопруга Бојана неодамна ја основаа „Фондација за семејство“, а за да им помогне на оние на кои им е потребна помош, реши да направи неверојатен чекор достоен за восхит.
Треба да стигне до Егина, каде што ќе се поклони на Свети Нектариј Егински. Пред заминувањето тој со семејството ја посети црквата Свети Сава каде се помоли.
„По овој пат решив да тргнам од љубов кон луѓето и се надевам дека ќе биде за радост на многумина, се надевам дека ќе биде за радост на многумина, се надевам дека ќе биде за помош на многумина. Првенствено да помогнам на многу семејства, на многу деца, но најважно да им помогнам на болните деца, поради што во голема мера го започнав ова патување. Започнавме фондација која ќе му помага на семејството, која ќе помага на талентирани деца, на многудетно семејство, но и на болни деца“, изјави Никола во храмот Свети Сава за „Телеграф“.
Никола последниве месеци се подготвуваше за овој потфат со големи планинарски тури.
Европа
Русија: Ќе ги таргетираме украинските магацини во кои се доставува западното оружје
Русија ќе ги интензивира нападите врз украинските бази за складирање во кои е сместено оружјето доставено од Запад, изјави денеска министерот за одбрана, Сергеј Шојгу, а Соединетите Држави се подготвуваат да одобрат и достават долго одложувана нова воена помош.
Шојгу рече дека Русија „го отфрли митот за супериорноста на западното оружје“ и дека нејзините сили презеле иницијатива на фронтот долг 1.000 километри.
Тој алудира на фактот дека в сабота, по гласањето во Претставничкиот дом, Вашингтон е подготвен да достави нов пакет воена помош за Украина, вреден речиси 61 милијарда долари.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Киев набргу ќе добие повеќе ракетни системи со долг дострел ATACMS како дел од ветениот пакет. Американските власти рекоа дека помошта ќе вклучува испорака на муниција и пресретнувачи за системи за противвоздушна одбрана за Украина.
„Со оглед на заканите од САД и нивните сојузници, ние мора да продолжиме да ги подобруваме составот и структурата на вооружените сили и да го зголемиме производството на најпопуларното оружје и воена опрема“, рече Шојгу додавајќи дека руските сили „ќе го зголемат интензитетот на нападите врз логистичките центри и базите за складирање на западното оружје“.
Рускиот министер за одбрана повтори дека Русија овој месец ги освоила селата Первомајске, Бохданивка и Новомихајливка.
Во понеделникот украинскиот командант го негира падот на Новомихајливка велејќи дека неговите војници сè уште држат 15- 20 отсто од селото.
Руското Министерство за одбрана објави дека руските маринци, кои учествувале во заземањето на Новомихајливка, заробиле оружје од западно производство, вклучувајќи шведски фрлачи на гранати, американски противоклопни системи Javelin и системи за електронско војување на НАТО.