Свет
Бајден: Ќе го бранам правото на абортус
Американскиот претседател Џо Бајден вети дека ќе ги брани правата на жените за абортус и остро го критикуваше исклучително рестриктивниот закон за абортус што стапи на сила.
„Овој радикален закон е флагрантно кршење на уставното право признато во пресудата ‘Рој против Вејд’“, напиша Бајден во изјавата, осврнувајќи се на одлуката на Врховниот суд од 1973 година, со која се признава правото на абортус во САД.
„Ние ќе го заштитиме и браниме тоа право“, додаде Бајден. Тој рече дека новиот закон во голема мера ќе го комплицира пристапот на жените до потребната здравствена заштита, особено оние со потемна кожа и сиромашните.
„И она што е скандалозно, законот им дава право на приватни лица да ги гонат оние што им помагале на жените да вршат абортус“, рече американскиот претседател.
Забраната за абортус во Тексас по шестата недела од бременоста стапи на сила денеска, бидејќи Врховниот суд на САД не постапи по итно барање на групите за права на абортус да го блокираат законот што ја дозволува таа забрана. Забраната важи и за случаи на инцест и силување.
Групите кои се залагаат за право на абортус велат дека 85 до 90 проценти од абортусите во Тексас се вршат по шестата недела од бременоста, што значи дека законот најверојатно ќе принуди затворање на голем број клиники. Ваквата забрана никогаш не била дозволена во ниту една држава, откако Врховниот суд во 1973 година донесе одлука „Рој против Вејд“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Северна Кореја тестираше „супер голема“ боева глава за крстосувачка ракета
Северна Кореја денеска соопшти дека тестирала боева глава со „супер-голема“ крстосувачка ракета и нова противвоздушна ракета.
Тестот за моќност на супер-големата боева глава дизајнирана за стратешката крстосувачка ракета Хвасал-1 Ра-3 и пробното лансирање на противвоздушната ракета Пјољџи-1-2 се одржаа во петокот, објавија државните медиуми.
„Пробното лансирање постигна одредена цел“, објави КЦНА.
Се наведува дека тестовите биле дел од редовните воени активности на Северна Кореја и дека немаат „никаква врска со околната ситуација“.
Резолуциите на ОН и забрануваат на Северна Кореја да тестира балистички ракети од кој било дострел, од кои некои се способни да носат нуклеарна боева глава.
Тестовите на крстосувачки ракети не подлежат на санкции против Пјонгјанг. Меѓутоа, таквото оружје може да се користи и за пренесување на нуклеарни боеви глави.
Наспроти позадината на конфликтот околу севернокорејската програма за нуклеарно оружје, тензиите на Корејскиот полуостров повторно значително се зголемија. Соединетите Американски Држави и Јужна Кореја ја зајакнаа својата воена соработка, вклучително и заеднички маневри, како одговор на повеќекратните ракетни тестови на Пјонгјанг со нуклеарни капацитети во последните две години.
Свет
Големи експлозии во база на проиранската милиција во Ирак
Проиранската милиција ПМФ (Сили за народна мобилизација) објави дека во текот на ноќта се случила голема експлозија во нивната воена база Калсо на околу 50 километри јужно од Багдад, Ирак, а два безбедносни извори тврдат дека станува збор за воздушен напад, пренесува Ројтерс.
Еден војник на ПМФ е убиен, а шестмина се ранети, соопштија два извори од болницата во блискиот град Хила.
Од експлозијата е причинета материјална штета, а има и повредени“, се вели во соопштението на ПМФ и се додава дека истрагата е во тек.
Два безбедносни извори изјавија дека се уште не знаат кој е одговорен за воздушниот напад. Американски официјален претставник изјави дека немало американска воена активност во Ирак.
Израел вчера изврши напад на иранска територија, неколку дена откако Иран го нападна Израел со беспилотни летала и проектили кои главно беа пресретнати и уништени.
Фракциите во рамките на ПМФ учествуваа во неколкумесечни ракетни и беспилотни напади врз американските сили во Ирак среде кампањата на Израел во Газа, но ги прекинаа нападите од почетокот на февруари.
Регион
Сообраќајка на бугарски автобус во Турција, повредени 11 лица
Единаесет лица се повредени кога автобус со бугарски регистарски таблици што сообраќал од Истанбул за Бугарија се превртел во областа Киркларели во Турција, јави агенција та Анадолија.
Сообраќајната несреќа се случила на 50 километри од бугарската граница. Автобусот е на компанијата „Метро туризам“.
На местото на несреќата се упатени екипи на полиција и медицински лица.
Повредените, вклучувајќи го и возачот на автобусот, се хоспитализирани во околните болници.