Европа
Берлинската болница потврди – Навални дефинитивно бил отруен со „новичок“
Германската болница „Шарите“ во Берлин денеска го објави конечниот извештај за случајот со рускиот дисидент Алексеј Навални, потврдувајќи дека тој бил отруен со воениот отров „новичок“.
Руските власти ги отфрлија ваквите тврдења, велејќи дека не нашле цврсти докази оти Навални бил отруен од „новичок“, хемиско оружје развиено за време на советската ера.
Во извештај објавен оваа недела во медицинското издание „Лансет“, тимот од болницата „Шарите“ соопшти дека отров „новичок“ бил пронајден во крвта на Навални откако тој бил примен во болницата во август.
„Лабораторијата на германските вооружени сили назначена од Организацијата за забрана на хемиско оружје откри воен отров од групата ‘новичок’ во крвта земена веднаш откако пациентот беше примен во болницата ‘Шарите’“, се вели во извештајот.
Според германскиот болнички тим, 44-годишниот Навални едвај го преживеал труењето.
„Неговата добра здравствена состојба пред труењето веројатно имаше клучна улога во неговото закрепнување“, се вели во извештајот.
На Навални одеднаш му се слоши додека патуваше на домашен лет во Русија на 20 август, по што два дена беше лекуван во болница во сибирскиот град Омск, пред да биде пренесен во Берлин.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Повеќе од сто килограми кокаин пронајдени меѓу банани во супермаркети во Германија
Вработени во неколку германски супермаркети во Берлин и Бранденбург откриле повеќе од 100 килограми кокаин во пакувања со банани, пренесува „Билд“, повикувајќи се на полициски извори.
Во Бранденбург, како што се наведува, во најмалку четири продавници биле пронајдени меѓу 20 и 100 килограми кокаин, пренесува Танјуг.
Полицијата во моментов спроведува истрага со проверка на робата во продавниците, поради што се уште не се знае конечната количина на дрога во нив, но не и информацијата во колку продавници има.
Европа
Шпанскиот премиер размислува да се повлече од функцијата, отворена истрага против неговата сопруга
Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска објави дека се повлекува од јавните должности затоа што мора „да застане и да размисли“ дали ќе продолжи да биде шеф на владата откако судот во Мадрид отвори прелиминарна истрага против неговата сопруга за корупција и трговско влијание.
„Итно ми треба одговор на прашањето дали вреди, дали да продолжам да ја водам владата или да се откажам од оваа чест“, објави тој преку социјалната мрежа „Икс“.
Синдикатот Манос Лимпијас (Чисти раце) ја пријавил неговата сопруга Бегона Гомез дека им помагала на претприемачите на јавни тендери и го искористила тоа. Судот претходно денеска соопшти дека отворил истрага, без да даде детали.
Министрите од левичарската влада на Санчез оценија дека се работи за лажен извештај и дека синдикатот што го доставил е близок до екстремната десница.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.