Европа
Берлинската полиција ја проверува автентичноста на три уметнички дела од Хитлер
Берлинската полиција денеска објави дека експерти проучуваат дали три пејзажи насликани со водени бои се дело на младиот Адолф Хитлер.
Портпаролот на полицијата, Мартин Халвег, изјави дека сликите биле одземени од аукциска куќа пред да бидат продадени, откако добиле жалба во која се посочуваат сомнежи за нивната автентичност, пренесува агенцијата АП.
Сликите датираат од 1910 и 1911 година, потпишани се А. Хитлер и требаше вчера да бидат ставени на аукција.
Халвег вели дека сега делата се испитуваат од страна на форензичари и историчари на уметност.
Како младо момче, Хитлер насликал околу 2 000 слики.
Во пресрет на Првата светска војна, Хитлер бил сиромашен, па заработувал пари со правење разгледници и сликање евтини цртежи.
Неговиот долгогодишен сон да стане уметник паднал во вода откако двапати бил одбиен на приемниот испит во Виенската академија за применети уметности.
Познато е дека постојат стотици дела на Хилтер, од кои повеќето се во сопственост на Армијата на САД, конфискувани откако сојузничките сили го победиле Хитлеровиот режим на крајот од Втората светска војна. Оваа колекција никогаш не била јавно изложена.
Сликата на Хитлер од старото градско собрание во Минхен во 2014 година беше продадена за 130.000 евра.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Повеќе од сто килограми кокаин пронајдени меѓу банани во супермаркети во Германија
Вработени во неколку германски супермаркети во Берлин и Бранденбург откриле повеќе од 100 килограми кокаин во пакувања со банани, пренесува „Билд“ повикувајќи се на полициски извори.
Во Бранденбург, како што се наведува, во најмалку четири продавници биле пронајдени меѓу 20 и 100 килограми кокаин, пренесува „Танјуг“.
Полицијата во моментот спроведува истрага со проверка на стоката во продавниците поради што сѐ уште не се знае конечната количина дрога во нив, но не и информацијата во колку продавници има.
Европа
Шпанскиот премиер размислува да се повлече од функцијата, отворена истрага против неговата сопруга
Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска објави дека се повлекува од јавните должности затоа што мора „да застане и да размисли“ дали ќе продолжи да биде шеф на владата откако судот во Мадрид отвори прелиминарна истрага против неговата сопруга за корупција и трговско влијание.
„Итно ми треба одговор на прашањето дали вреди, дали да продолжам да ја водам владата или да се откажам од оваа чест“, објави тој преку социјалната мрежа „Икс“.
Синдикатот Манос Лимпијас (Чисти раце) ја пријавил неговата сопруга Бегона Гомез дека им помагала на претприемачите на јавни тендери и го искористила тоа. Судот претходно денеска соопшти дека отворил истрага, без да даде детали.
Министрите од левичарската влада на Санчез оценија дека се работи за лажен извештај и дека синдикатот што го доставил е близок до екстремната десница.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.