Свет
Британка повикала полиција поради помен во градина на паб
Британците веќе почнаа да се кодошат едни со други за прекршувања на правилото на шестмина од мерките за социјално дистанцирање поради Ковид-19, а една жена ги пријавила дури и луѓето собрани на помен во градина на паб, пренесува „Мирор“.
Министрите неделава ја повикаа јавноста да ги пријавува своите соседи ако се сомневаат дека се собираат во групи поголеми од шестмина. Секретарот за внатрешни работи, Прити Пател, дури рече и дека две семејства што се сретнале на улица и застанале за разговор постапуваат спротивно на законот.
Една Британка сметала дека е нејзина граѓанска должност да пријави ужалена група од 30-ина луѓе на помен во градината на еден паб во Вигстон, Лестершир. Полициските службеници во средата ненајавено ја посетиле „Старата круна“ откако двапати ѝ се јавиле на сопственичката Сју Хамфрис во пабот за да проверат дали луѓето од групата држат социјална дистанца.
Полицијата побарала дел од групата да биде преместена од задниот дел кон предниот дел на пабот, но сепак рекле дека не се прекршени правила.
„Бев загрижена поради она што го видов. Се чинеше дека има голема група луѓе што пијат надвор од пабот и изгледаа прилично блиску еден до друг. Почувствував дека мора да ја известам полицијата во случај да се кршат правилата. Чувствував дека е моја граѓанска должност да го пријавам ова и повторно ќе го сторам тоа“, изјави сосетката кодош.
Таа исто така призна дека направила видеоснимки од ужалените.
Во средата премиерот Борис Џонсон се обиде да го повлече тврдиот став за пријавување на соседите, но се чини дека некои веќе ја добиле оригиналната порака. Премиерот рече:
„Јас никогаш не сум бил многу за кодошката култура. Она што луѓето треба да го сторат ако се загрижени е да го споделат тоа со своите пријатели и соседи“.
Тој, сепак, им даде поддршка на луѓето што се јавуваат во полиција велејќи: „ако мислат дека постои сериозна закана за јавното здравје како резултат на активностите на нивниот сосед, тогаш е разумно да ги информираат властите“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
САД: Ќе го блокираме полноправното членство на Палестина во ОН, тие треба да преговараат со Израел
САД ќе гласаат против палестинската кандидатура за полноправно членство во Обединетите нации и ќе ја блокираат светската организација да признае палестинска држава.
„САД продолжуваат да тврдат дека најбрзиот пат до државност за палестинскиот народ е преку директни преговори со Израел и палестинската управа со поддршка на САД и други партнери“, рече американскиот претставник.
Планирано е 15-члениот совет да гласа за нацрт-резолуцијата со која се препорачува на Генералното собрание на ОН од 193 држави „Државата Палестина да биде примена во членство во ОН“.
За да усвои резолуцијата, потребни се најмалку девет гласа и никакво вето од САД, Велика Британија, Франција, Русија или Кина. Дипломатите проценуваат дека резолуцијата би можела да собере 13 гласа, што би ги принудило САД да стават вето.
„Одамна јасно ставивме до знаење дека предвремените акции во Њујорк, дури и ако се во најдобар интерес, нема да резултираат со државност за палестинскиот народ“, рече американскиот функционер. Палестинците во моментов имаат статус на набљудувач не-членка, што е де факто признавање на државноста доделена од Генералното собрание на ОН во 2012 година.
Меѓутоа, барањето за полноправно членство мора да биде одобрено од Советот за безбедност, а потоа од најмалку две третини од членовите на Генералното собрание. Засилените напори на Палестина за полноправно членство дојдоа шест месеци по масакрот на Хамас во јужен Израел и војната во Појасот Газа по започнувањето на израелската офанзива и проширувањето на еврејските населби на Западниот Брег.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, смета дека „повеќе од кога било, неопходно е да се поддржат напорите со добра волја за воспоставување траен мир меѓу Израел и независна, одржлива и суверена палестинска држава“.
Регион
Земјотрес во Србија
Земјотрес со јачина од 2,7 степени според Рихтеровата скала го погоди Чачак.
Според ЕМСЦ, епицентарот бил два километри северно од Чачак и 47 километри западно-северозападно од Крагуевац.
Земјотресот се случил на длабочина од осум километри.
Европа
Уапсен Полјак: „Планирал убиство на Зеленски“
Маж од Полска е уапсен под обвинение дека бил подготвен да шпионира за руското воено разузнавање и да и помогне да го испланира убиството на украинскиот претседател Володимир Зеленски, соопштија полските обвинители, а пренесе Асошиетед прес.
Полското национално обвинителство соопшти дека мажот, идентификуван само како Павел К., бил обвинет дека сакал да ги пренесе безбедносните информации на аеродромот на руски агенти и бил уапсен вчера во Полска.
Човекот побарал контакт со Руси директно вклучени во војната во Украина и се очекувало да пренесе детални информации за аеродромот Жешов-Јасионка во југоисточна Полска, во близина на границата со Украина, кој е портата за меѓународни воени и хуманитарни снабдувања за Украина. Аеродромот е под контрола на американски војници.
Доколку биде прогласен за виновен, тој може да добие и до осум години затвор, се вели во соопштението за печатот.
Обвинителите рекоа дека апсењето е резултат на блиска соработка со обвинителите и безбедносните служби на Украина, кои обезбедија клучни докази. Членката на ЕУ, Полска е цврст поддржувач на соседна Украина и Зеленски во одбрана од руската агресија повеќе од две години.