Свет
Бројот на мртви во масакрот на Шри Ланка се искачи на 359
Бројот на мртви од бомбашките напади на Шри Ланка, кои се случија на католичкиот Велигден, се зголеми. Тамошната полиција за репортерите на Си-ен-ен откри дека бројот на убиени луѓе се зголемил од 320 на 359.
На 21 април терористи извршија серија координирани смртоносни бомбашки напади во градови на Шри Ланка. Досега полицијата уапси 60 лица, кои се поврзуваат со нападот, а истрагата сè уште трае, објави „Ројтерс“.
Заменик-министерот за одбрана на прес-конференција изјави дека еден од деветтемина бомбаши во нападите била жена.
„Ројтерс“ објави дека американските разузнавачи веруваат оти терористите планираат уште напади на Шри Ланка.
Премиерот на Шри Ланка, Ранил Викремесинге, синоќа предупреди дека на слобода се уште неколку осомничени за терористичките напади.
Тој рече дека некои од нив, најверојатно, имаат и експлозивни направи.
Претседателот на Шри Ланка, Маитрипала Сирисена, најави дека во рок од 24 часа ќе направи смена на челниците на одбранбените сили бидејќи тие пропуштија да ги спречат самоубиствените напади и покрај фактот што располагале со претходни информации за можни напади, специфично врз верски објекти.
„Целосно ќе ги реконструирам полицијата и безбедносните сили во текот на следните недели. Очекувам и смена на одбранбеното раководство во наредните 24 часа“, рече Сирисена.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
(Видео) Пратеник во ЕУ пушти гулаб во знак на мир
Словачки пратеник во Европскиот парламент денеска привлече внимание со пуштање жива птица од говорницата по неговиот говор. Како што рече, тоа го направил во знак на мир во светот.
На збунетост и изненадување на присутните претставници во Стразбур, Мирослав Радачовски, лидер на десничарската партија Словачки патриот, посегна во чантата што ја имаше под јакната и го пушти гулабот да одлета во собраниската сала.
Тој рече дека „сака мир за целиот свет, за Русите и Украинците“.
„Би сакал да го ослободам овој гулаб како симбол на мирот, да симболизирам дека на Европа и треба мир. Да оставиме овој гулаб да не обедини сите“, рече Радачовски.
Сепак, иако сакаше да ги обедини присутните, некои ги згрози.
Каролин Руз, француска пратеничка во Европскиот парламент од редовите на Зелените, го критикуваше велејќи дека користел живо животно за да даде политичко мислење, што е спротивно на правилата на парламентот.
„Тој употреби животно, скриено во неговата торба како едноставен предмет, само за да даде изјава за мир денес. Што ќе направите за да го вратите ова животно, господине? Каде е благосостојбата на животните во гестот на овој говорник? Сметам дека ова е апсолутно неприфатливо“, рече Руз.
Додека птицата леташе низ салата, друг колега го праша Радачовски: „Можеш ли да ја фатиш“.
Јан-Кристоф Отјен, заменик-претседател на парламентот, рече дека инцидентот ќе биде пријавен кај претседателот на домот, додавајќи: „Се надеваме дека животното ќе биде добро“.
Свет
(Видео) Воен авион се запали и се урна во Алјаска, загинаа две лица
Две лица загинаа кога авион со гориво се запали и се урна во близина на меѓународниот аеродром Фербенкс на Алјаска, соопштија властите.
Еден од двајцата пилоти во авионот кој превезувал гориво непосредно пред падот пријавил дека авионот се запалил пред да се урне и изгорел во близина на аеродромот, пренесува АП.
Шефот на регионалната канцеларија на Националниот одбор за транспорт на Алјаска, Клинт Џонсон, рече дека пилотот остварил радио контакт веднаш по полетувањето.
„Тие се обидуваа да се вратат на меѓународниот аеродром Фербенкс кога изгубија контакт“, рече тој.
Авионот полетал од Фербенкс и се урнал на околу 11 километри јужно во реката Танана, удирајќи во стрмен рид и се лизнал од насипот до брегот на реката, изгорејќи целосно. Авионот превезувал 3.200 галони (12.100 литри) мазут за Кобук, село Инупија со помалку од 200 луѓе, сместено на околу 480 километри северозападно од Фербенкс.
Федералната управа за авијација го идентификуваше авионот како Douglas DC-54, (DC-4), воен авион користен за време на Втората светска војна.
Свет
Лукашенко: Украина наскоро ќе престане да постои ако не се согласи на преговори
Украина наскоро ќе престане да постои доколку не се согласи на преговори, изјави белорускиот претседател Александар Лукашенко на седницата на Националното собрание на Белорусија.
Тој додаде дека сега е најдобрата ситуација за склучување мир во Украина, бидејќи ако Киев не почне сега да преговара, ќе ја загуби својата државност, пренесува Спутник.
Според него, ситуацијата на украинскиот фронт во моментов е во ќорсокак и се создадени услови за мировни преговори.
Лукашенко оцени дека договорите постигнати на преговорите во Истанбул минатата година можат да станат почетна точка за преговори.
Осврнувајќи се на уште еден пакет американска помош за Киев, белорускиот лидер истакна дека американската помош од 60 милијарди долари за војната во Украина е најважниот фактор за ескалацијата.
„Западот го претвори Киев во наркоман, кој го држи на краток синџир со ветувања за ново оружје и финансирање“, посочи Лукашенко.
Според него, на вооружените сили на Украина им недостига само муниција, туку и жива сила.
Тој истакна дека тие пари САД морале да ги испратат во Киев, бидејќи тоа е шанса да ги ослабат Москва и Минск.
„Затоа ќе испорачуваат ракети и други работи. Но, им недостасува работна сила. Луѓето бегаат од војна“, нагласи белорускиот лидер.
Лукашенко, исто така, коментира дека Вашингтон ја интензивирал работата на проверка на подготвеноста за употреба на компонентите на нуклеарната тријада и нивната модернизација.
„Ако Русија го искористи целиот свој арсенал како одговор на акциите на Западот, ќе дојде до апокалипса“, оцени Лукашенко.