Свет
Бугарија им екстрадира руски хакер на САД
Бугарија им екстрадираше на САД руски хакер обвинет во Америка за организирање комплексен хакерски напад, соопшти руската амбасада во Вашингтон. Според соопштението, Александар Жуков е предаден вчера во затворот во Бруклин во Њујорк.
„Службениците на рускиот генерален конзулат во Њујорк наскоро ќе го посетат“ соопшти амбасадата.
Жуков е еден од осумтемина, главно руски државјани, кои САД ги обвинија во ноември 2018 година дека организирале комплексен систем на лажни онлајн огласи, кои ги чинеле компаниите десетина милиони долари.
Украинец со руско потекло, шест Руси и двајца Казахстанци се обвинети за електронска измама, сајбер упад, кражба на идентитет и перење пари. Тројца се уапсени во странство, но останатите и натаму се во бегство.
Жуков, кој по потекло е од Санкт Петербург, е уапсен во ноември во Бугарија, каде живеел од 2010 година.
Според властите, една од измамите од овие хакери е спроведена меѓу 2014 и 2016 година и ги чинела околу седум милиони долари компаниите кои купувале онлајн реклами, кои корисниците на интернет никогаш не ги виделе.
Според обвинението, хакерите ги програмирале серверите да симулираат човечка активност на интернет.
Втората измама била применувана од 2015 до 2018 година, со која биле фалсификувани милијарди прегледи на реклами.
Според американските власти, на овој начин фирмите испалатиле повеќе од 29 милиони долари за реклами кои во стварност никогаш не биле видливи на интернет.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Повеќе од сто килограми кокаин пронајдени меѓу банани во супермаркети во Германија
Вработени во неколку германски супермаркети во Берлин и Бранденбург откриле повеќе од 100 килограми кокаин во пакувања со банани, пренесува „Билд“ повикувајќи се на полициски извори.
Во Бранденбург, како што се наведува, во најмалку четири продавници биле пронајдени меѓу 20 и 100 килограми кокаин, пренесува „Танјуг“.
Полицијата во моментот спроведува истрага со проверка на стоката во продавниците поради што сѐ уште не се знае конечната количина дрога во нив, но не и информацијата во колку продавници има.
Регион
Двајцата осомничени за убиството на малата Данка испратени во Специјалната затворска болница
Двајцата осомничени Срѓан Јанковиќ и Дејан Драгијевиќ денеска се испратени во Специјалната затворска болница во Белград на психијатриско вештачење, пишува „Телеграф“.
Во написот медиумот пишува дека осомничениот Дејан Драгијевиќ (50) деталите за убиството на детето ги изнесе во Вишото јавно обвинителство во Заечар. Сепак, тој не сакаше да открие каде го оставил телото на Данка.
Срѓан Јанковиќ (50) не зборувал за делото.
Во Вишото јавно обвинителство во Заечар биле сослушани и родителите на Данка, Ивана и Милош, кои, како што се наведува, опишале како течел денот кога исчезнала ќерка им.
Додека давале исказ, во иста просторија седеле и осомничените за убиството на детето.
Пред рочиштето исказ за „Телеграф“ дал таткото на убиената Данка.
„Смртната казна не им е доволна, треба да бидат во затвор до крајот на животот. Тоа се чудовишта, она што постојано го доживуваме не се опишува. Тоа може да го разбере само родител. Неколкупати ни дојде полиција, ѝ зедоа разни работи на Данка, ништо не знаеме, ниту за крвта на патот ниту во автомоблилот, ништо. Не ни е јасно зошто не се јавиле во итната помош, зошто не помогнале, но го направиле ова што го направиле. Тоа што јас и Ивана постојано страдаме е страшно, разни луѓе ни се јавуваат, нѐ навредуваат, ни ја префрлаат вината. Морав да побарам да го сменам бројот, не можеме повеќе. Кога сѐ ќе заврши, ќе кажеме сѐ“, рече тој.
Свет
Израел ја бобмардира Рафа, најмалку пет лица загинаа, меѓу кои и две деца
Здравствените власти соопштија дека најмалку пет лица загинале во израелските воздушни напади врз јужниот град Рафа во Појасот Газа.
Две деца, идентификувани во болничката евиденција како Шам Наџар (6) и Џамал Набахан (8), се меѓу убиените во нападите извршени во текот на ноќта и денеска, објави АП.
Членовите на семејството за американската агенција изјавиле дека биле убиени додека се обидувале да се преселат во северниот дел на Газа и дека израелската армија ги спречува луѓето да се вратат во своите домови.