Свет
Велика Британија утре почнува со масовна вакцинација против коронавирусот
Велика Британија се подготвува утре да стане првата земја што ќе започне да ја користи вакцината против Ковид-19 на „Фајзер/Бајонтех“. Првите дози ќе бидат достапни во болниците пред да бидат распределени на медицинските клиники, соопшти владата.
Луѓето треба да почнат да ги примаат првите дози на вакцината утре, а Националната здравствена агенција (НХС) ќе им даде приоритет на луѓето постари од 80 години, здравствените работници и жителите и вработените во домовите за стари и изнемоштени лица.
Британија минатата недела ја одобри употребата на оваа вакцина и со тоа се проби во првите редови на глобалната трка за масовна употреба на вакцината против коронавирусот.
Земјата нарача 40 милиони дози, а бидејќи се потребни две дози за секоја личност, тоа е доволно за да се вакцинираат 20 милиони луѓе во земја со 67 милиони жители.
Се очекува Британците да имаат на располагање 800.000 дози во првата недела од вакцинацијата.
Првите дози пристигнати од производствен капацитет во Белгија се складирани на безбедни локации во целата земја, каде што ќе се провери нивниот квалитет, соопшти Националната здравствена агенција.
Според планот на владата, десетици милиони дози вакцини можеле да бидат пренесени во земјата со воени авиони за да се избегне метеж на аеродромите поради брегзитот.
Министерот за земјоделство и животна средина, Џорџ Јустис, рече дека брегзитот нема да ја наруши испораката на вакцините.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Украински дрон удрил во станбена зграда во Белгород, има мртви
Едно лице загина кога украинско беспилотно летало удри во станбена зграда во рускиот град Белгород и одекна силна експлозија, изјави регионалниот гувернер Вјачеслав Гладков.
„Повредена е сопругата на починатиот, има расекотини на лицето и површна изгореница на бутот. Екипата за брза помош ја однела жената во регионалната клиничка болница. Како резултат на експлозијата, за жал, еден човек загина“, објави Гладков, а пренесува Риа Новости.
Друг жител со рана од шрапнел сам отишол во градската болница, додаде тој.
Оштетени се прозорците во пет стана, како и автомобил. Оперативните услуги се на лице место.
Европа
Бремена жена дошла на редовен преглед, лекарите по грешка ѝ направиле абортус во болница во Прага
Во трагичен инцидент претходно оваа недела во Универзитетската болница „Буловка“ во Прага 8 дошло до забуна кај лекарите за две жени што не биле од Прага, а тоа резултирало со абортус на бремена жена без нејзино знаење или желба, пренесуваат тамошните медиуми.
Здравствениот експерт вели дека, освен големата негрижа од страна на персоналот, за шокантниот настан придонела и јазичната бариера.
Кобната грешка се случила на 25 март, јавуваат чешките медиуми. Имено, една трудница дошла во болница на редовен преглед на бременоста. Меѓутоа, медицинските сестри, лекарите, гинеколозите и анестезиолозите ја помешале со друга трудница, која имала закажана киретажа (метод на абортус).
Така, бремената мајка била ставена под општа анестезија и лекарите по грешка ѝ направиле абортус.
„Министерството за здравство изразува најдлабоко жалење до пациентот и целото семејство“, рече портпаролот на Министерството, Онџеј Јакоб, во соопштението за печатот во четвртокот.
„Имаше неопростлива човечка грешка, а одговорните се разрешени“, додаде тој.
Од самата болница за информативниот портал „Новинки.чз“ изјавија дека се подготвени да платат отштета.
Според чешките медиуми, и двете пациентки биле странски државјанки, кои живееле во Чешка.
Официјалните лица не објавија никакви информации за идентитетот на жените.
Регион
Детаљно пребарани тунелите, каналите и шахтите, нема траги од Данка: се огласија српските полицајци
Специјалистички екипи за спасување од урнатини на Секторот за вонредни состојби од Белград и Нови Сад заедно со други припадници на МВР од раните утрински часови темелно ги пребаруваа тунелите, подземните канали и шахтите со вкупна должина од 4,5 километри во месноста Бањско Поле до градот Бор и не се пронајдени траги што би укажувале дека таму била двегодишната Данка Илиќ, пренесуваат српските медиуми.
По повеќе од 70 часа детаљно пребарување на теренот во Бањско Поле, припадниците на Министерството за внатрешни работи продолжуваат со интензивно и оперативно пронаоѓање на девојчето и утврдување сите факти и околности за исчезнувањето на детето, според последните извештаи.
Медиумите потсетуваат, од моментот на пријавување на исчезнувањето на 26 март во потрагата по исчезнатото девојче учествуваа стотина припадници на МВР, кои темелно и сеопфатно го прегледаа поширокиот и потесниот простор на ова место со вкупна површина од 10-ина квадратни километри.