Свет
(Видео) Жесток судир на војската и демонстрантите на границата меѓу Венецуела и Колумбија
Драматична станува ситуацијата на границата меѓу Венецуела и Колумбија. Како што објави Би-би-си, повикувајќи се на локални медиуми, едно лице загинало, а 14 се повредени во конфликтот меѓу војската и демонстрантите.
Конфликтот изби меѓу локалните жители и безбедносните сили на границата, додека противниците на венецуелскиот претседател, Николас Мадуро, се подготвуваа преку граничниот премин во земјата да пренесат стотици тони хуманитарна помош. Притоа, дел од венецуелските војници ги напуштија своите позиции на границата.
Ваквиот гест на некои од војниците е во контекст на напорите на венецуелската опозиција од границата со Колумбија во земјата да внесе хуманитарна помош, пренесува Би-би-си.
Околу 600 тони храна, лекови, средства за хигиена и друга хуманитарна помош главно од САД, се наоѓаат во Кукута, пограничен град во Колумбија.
Помошта беше донирана на барање на опозицискиот лидер на Венецуела, Хуан Гваидо, кого повеќе земји го признаа како привремен претседател, додека Мадуро е под притисок да поднесе оставка.
Мадуро, пак, смета дека хуманитарната операција е изговор за американска воена интервенција во Венецуела и негово соборување од власт.
Гваидо претходно ја повика армијата да им дозволи на камионите да влезат во земјата, апелирајќи до војниците да застанат на страна на народот, јави Би-би-си.
Руската агенција, „Тасс“ пак пренесе дека поддржувачи на опозицијата се собрале и на воениот аеродром во близина на главниот град Каракас.
Демонстрантите извикувале навредливи пароли на сметка на владата на Мадуро, во исто време повикувајќи ги војниците да застанат на нивна страна.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Хезболах го нападна северниот дел на Израел со беспилотни летала
ЛибанскиХезболах соопшти дека извршил напад со беспилотни летала врз израелските воени бази северно од градот Акра, во најдлабокиот напад на израелска територија од почетокот на војната во Газа.
Израелската војска соопшти дека нема сознанија за некој од нејзините објекти погодени од Хезболах, но претходно соопшти дека пресретнала две „воздушни цели“ во близина на северниот брег на Израел.
Двете страни редовно разменуваат ракетни и воздушни напади од почетокот на војната во Газа минатиот октомври, но се воздржуваат од отворена војна. Сепак, со оглед на честите напади, постојат стравувања дека несреќа или погрешна проценка на која било страна може да доведе до брза ескалација на конфликтот, како и до потенцијално вклучување на други регионални и светски сили, вклучително и САД.
Хезболах вели дека нападот е одмазда за претходниот израелски напад во кој загина еден од нивните борци. Групата објави сателитска снимка со локацијата на нападот на половина пат помеѓу Акра и Нахарија на север. На едно видео е видливо и како израелската воздушна одбрана ги пресретнува беспилотните летала.
Израелската војска соопшти дека нејзините воени авиони одговориле со гаѓање воени цели во областа Маркаб во јужен Либан.
Најмалку две лица загинаа, а уште шест се повредени откако израелски воздушен напад погоди станбена област во јужниот либански град Ханин, објави во вторникот официјалната либанска новинска агенција NNA.
Регион
Убиен работник од Украина во Славонски Брод
Во центарот на Славонски Брод во попладневните часови е пронајдено машко тело.
Полициската управа Брод-Посавина соопшти дека е приведено едно лице поврзано со инцидентот.
Се работи за млад градежен работник од Украина. Конфликт се случил во стан во центарот на градот каде што биле сместени работниците (родени во 90-тите).
Полицијата соопшти дека телото на мажот е пронајдено во куќата околу 15:17 часот и дека се води истрага, а потоа и кривична истрага која треба да ги расветли сите околности.
Свет
Макрон и градоначалничката на Париз најавија дека ќе пливаат во Сена: Сакаат да го докажат добриот квалитет на водата за Олимписките игри
Градоначалничката на Париз, Ан Идалго изјави дека ќе плива во Сена со францускиот претседател Емануел Макрон за да докаже дека квалитетот на водата на реката ќе биде на нивото потребно за претстојните Олимписки игри.
Идалго потврди дека ги поканила организаторите на Олимпијадата и високите француски функционери да пливаат во Сена на настан кон крајот на јуни или почетокот на јули оваа година, вклучувајќи го и Макрон, кој претходно ветил дека ќе плива во реката, пренесува АП.
„Ќе нуркаме во Сена и многу волонтери се појавија да нуркаат со мене и многу спортисти ќе бидат таму. Ќе биде безбедно да се плива во Сена“, изјави Идалго.
Претходно, француската невладина организација „Suffrider Foundation“ предупреди дека квалитетот на водата во Сена не е доволно добар за пливање за време на Олимпијадата, врз основа на шестмесечни мерења на квалитетот.
За чистење на оваа река ќе бидат инвестирани 1,4 милијарди евра, а од 1 јуни ќе почнат новите рутински мерења.
Организаторите на ОИ претходно најавија дека е можно да се одложат одредени настани во случај на голема загаденост на Сена, а во најлош случај ќе биде откажан пливачкиот дел од планираните триатлони.
Исто така, беше најавено дека пливањето во делови на Сена ќе биде дозволено за јавноста, за прв пат од 1923 година.