Свет
(Видео) Најмалку четворица загинати при уривање мост на Флорида
Најмалку четворица луѓе загинаа, а десет се повредени по уривањето пешачки мост во близина на Меѓународниот универзитет во Мајами, соопштија властите на Флорида.
Спасувачките екипи ја поминале ноќта во потрага по заробени луѓе под урнатините. Мостот тежок 862 тони и долг 53 метри се урнал врз автопат со осум ленти потиснувајќи најмалку осум возила, потврди полицијата.
Мостот бил подигнат во саботата за само шест часа. Бил изграден со користење на методот наречен забрзана изградба на мостови, со цел да се избегне нарушување на сообраќајот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
ЕУ и Кина повикаа на воздржаност на Блискиот исток
Кина објави дека се противи на каква било ескалација на тензиите на Блискиот Исток.
„Кина се противи на какви било активности кои би можеле дополнително да ги ескалираат тензиите“, изјави денеска Лин Џијан, портпарол на кинеското Министерство за надворешни работи.
Реагираше и претседатката на Европската комисија, Фон дер Лајен.
Таа ги повика Иран, Израел и нивните сојузници да се воздржат од ескалација на ситуацијата на Блискиот Исток.
„Апсолутно е неопходно регионот да остане стабилен и сите страни да се воздржат од понатамошни активности“, рече Урсула фон дер Лајен.
Претходно утрово, светските медиуми објавија дека Израел го нападнал Иран и дека се слушнале три експлозии во близина на воена база во централниот град Исфахан.
Сепак, засега нема официјални информации од двете држави за тоа што се случувало.
Свет
Разузнавачки извор за Си-ен-ен: Директните напади меѓу Израел и Иран завршија
Регионален разузнавачки извор рече дека директните напади меѓу Израел и Иран се завршени.
Изворот разговарал за Си-ен-ен под услов да остане анонимен околу два и пол часа по објавувањето на нападите. Изворот вели дека, според неговите сознанија, не се очекува Иран да одговори на нападот, но не наведе причина.
Претходно и висок ирански функционер изјави за „Ројтерс“ дека „Иран нема план за итна одмазда против Израел“.
Израел сѐ уште не потврдил дека го извршил нападот врз Иран, а тврдењата за нападот дојдоа од Вашингтон.
Од друга страна, од Иран доаѓаат контрадикторни информации, но нема официјален извештај.
Пред само еден час ирански аналитичар изјави за иранската државна телевизија дека „мини дроновите соборени од противвоздушната одбрана во Исфахан биле управувани од инфилтратори од Иран“.
Претходно, пак, ирански функционер изјави за „Ројтерс“ дека немало ракетен напад и дека експлозиите биле резултат на активирање на иранските системи за противвоздушна одбрана.
Свет
Украина тврди дека соборила руски бомбардер
Украинските воздухопловни сили денеска соопштија дека собориле руски стратешки бомбардер првпат од почетокот на руската инвазија, а Москва објави дека авионот се урнал поради технички дефект и дека еден член на екипажот загинал.
„Првпат противвоздушните ракетни единици на Военото воздухопловство во соработка со одбранбеното разузнавање на Украина го уништија стратешкиот бомбардер со долг дострел ‘ту-22М3’, кој носи крстосувачки ракети ‘Х-22’“, изјави командантот на украинските воздухопловни сили на „Телеграм“.
Украинската воена разузнавачка служба (ГУР) соопшти дека рускиот авион „бил соборен благодарение на специјалната операција спроведена од украинското одбранбено разузнавање во соработка со воздухопловните сили“.
Руското Министерство за одбрана не потврди дека украинската страна нападнала еден нејзин авион, но воен извор изјавил за новинската агенција ТАСС дека бомбардерот „туполев-22М3“ се урнал во регионот Ставропол по борбена мисија додека се враќал во базата. Според овој извор, авионот не носел оружје.