Европа
(Видео) Ново обраќање на Зеленски: Зад нас е ноќ што можеше да го запре текот на историјата
Украинскиот претседател Володимир Зеленски објави ново видеообраќање на социјалните мрежи во кое реагира на ситуацијата со нуклеарната централа „Запорожје“.
Најголемата европска нуклеарна централа беше запалена по гранатирање и се верува дека моментно е под руска контрола. Украинците синоќа објавија дека нуклеарната централа била гранатирана од руската армија, а денеска Русите тврдеа дека нуклеарната централа, всушност, била цел на Украинците.
Во новото обраќање Зеленски рече дека зад Украина е ноќ што можела да го запре текот на историјата и дека рускиот напад на нуклеарна централа можело да предизвика уништување споредливо со шест Чернобили. Тој исто така рече дека единствен начин да се гарантира дека Русија нема да ја бомбардира нуклеарната инфраструктура е да се воспостави зона на забранети летови над Украина.
Западните лидери не сакаат да го сторат тоа, а Борис Џонсон предупреди дека тоа би значело договор за западните сили да соборат руски авиони.
Во новото видео Зеленски исто така апелира до Русите да продолжат да протестираат против инвазијата што влезе во втората недела.
„Руски народе, сакам да ви се обратам: како е тоа можно? На крајот на краиштата, заедно се боревме во 1986 година против катастрофата во Чернобил“, рече тој.
Додаде дека руските танкери добро знаеле во што пукале синоќа во Запорожје. Тој исто така тврди дека Москва намерно ги гаѓа украинската инфраструктура и станбените области со напади врз Мариупол, Херсон, Харков и Чернигов.
Украинскиот лидер тврди дека во конфликтот досега биле убиени 9.200 руски војници. Тоа е многу повеќе од 498, како што официјално соопшти Русија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Повеќе од сто килограми кокаин пронајдени меѓу банани во супермаркети во Германија
Вработени во неколку германски супермаркети во Берлин и Бранденбург откриле повеќе од 100 килограми кокаин во пакувања со банани, пренесува „Билд“ повикувајќи се на полициски извори.
Во Бранденбург, како што се наведува, во најмалку четири продавници биле пронајдени меѓу 20 и 100 килограми кокаин, пренесува „Танјуг“.
Полицијата во моментот спроведува истрага со проверка на стоката во продавниците поради што сѐ уште не се знае конечната количина дрога во нив, но не и информацијата во колку продавници има.
Европа
Шпанскиот премиер размислува да се повлече од функцијата, отворена истрага против неговата сопруга
Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска објави дека се повлекува од јавните должности затоа што мора „да застане и да размисли“ дали ќе продолжи да биде шеф на владата откако судот во Мадрид отвори прелиминарна истрага против неговата сопруга за корупција и трговско влијание.
„Итно ми треба одговор на прашањето дали вреди, дали да продолжам да ја водам владата или да се откажам од оваа чест“, објави тој преку социјалната мрежа „Икс“.
Синдикатот Манос Лимпијас (Чисти раце) ја пријавил неговата сопруга Бегона Гомез дека им помагала на претприемачите на јавни тендери и го искористила тоа. Судот претходно денеска соопшти дека отворил истрага, без да даде детали.
Министрите од левичарската влада на Санчез оценија дека се работи за лажен извештај и дека синдикатот што го доставил е близок до екстремната десница.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.