Свет
(Видео) Објавена вознемирувачка снимка од напад во Кабул, во кој загинаа 20 цивили
Војската на САД објави видеоснимки од напад со беспилотно летало во средата, во кој по грешка загинаа 10 авганистански цивили, меѓу кои седум деца.
На снимката се гледа како војската следи бело возило со беспилотно летало над Кабул верувајќи дека е на ИСИС и е натоварено со експлозив. Пентагон првично го бранеше нападот тврдејќи дека убил оперативец на ИСИС, кој планирал да ги нападне американските сили за време на последните денови од евакуацијата од Авганистан.
Имено, само три дена претходно бомбаш самоубиец уби 13 американски војници и десетици Авганистанци на Аби Гејт, клучна влезна точка на аеродромот. Поради постојаните закани за нови напади, американската војска сметаше дека следи член на ИСИС што го напуштил своето терористичко засолниште.
Војската, всушност, го следела Замараи Ахмади, Авганистанец што работел за Nutrition and Education International, невладина организација за безбедност на храна. Ахмади поднел барање за специјална имигрантска виза и имал намера да го донесе своето семејство во САД, јавува Си-ен-ен.
Речиси три недели по нападот, војската призна дека се работи за трагична грешка, во која животот го загубија 10 невини цивили. Подоцнежната проверка на активноста на воздухопловните сили на САД за време на нападот откри дека нема прекршување на законот. Така, никој не одговараше за оваа трагична грешка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Полицаец од Бор е приведен поради давање информации за исчезнувањето на девојчето
Полицаец од Бор е приведен поради давање информации од истрагата за исчезнувањето на девојчето Данка Илиќ (2).
Не се знае за какви информации станува збор и кому полицаецот ги дал, но се работи за информации од истрагата кои евентуално би можеле да ја загрозат.
Се уште трае потрагата по двегодишното девојче Данка Илиќ од околината на Бор, чие исчезнување беше пријавено во вторникот.
Се претресуваат куќи и населба, се расчистува дворот.
Две специјалистички екипи за спасување од урнатините од Белград и Нови Сад започнаа детално пребарување на просторот околу куќата, соопшти полицијата.
Свет
Украински дрон удрил во станбена зграда во Белгород, има мртви
Едно лице загина кога украинско беспилотно летало удри во станбена зграда во рускиот град Белгород и одекна силна експлозија, изјави регионалниот гувернер Вјачеслав Гладков.
„Повредена е сопругата на починатиот, има расекотини на лицето и површна изгореница на бутот. Екипата за брза помош ја однела жената во регионалната клиничка болница. Како резултат на експлозијата, за жал, еден човек загина“, објави Гладков, а пренесува Риа Новости.
Друг жител со рана од шрапнел сам отишол во градската болница, додаде тој.
Оштетени се прозорците во пет стана, како и автомобил. Оперативните услуги се на лице место.
Европа
Бремена жена дошла на редовен преглед, лекарите по грешка ѝ направиле абортус во болница во Прага
Во трагичен инцидент претходно оваа недела во Универзитетската болница „Буловка“ во Прага 8 дошло до забуна кај лекарите за две жени што не биле од Прага, а тоа резултирало со абортус на бремена жена без нејзино знаење или желба, пренесуваат тамошните медиуми.
Здравствениот експерт вели дека, освен големата негрижа од страна на персоналот, за шокантниот настан придонела и јазичната бариера.
Кобната грешка се случила на 25 март, јавуваат чешките медиуми. Имено, една трудница дошла во болница на редовен преглед на бременоста. Меѓутоа, медицинските сестри, лекарите, гинеколозите и анестезиолозите ја помешале со друга трудница, која имала закажана киретажа (метод на абортус).
Така, бремената мајка била ставена под општа анестезија и лекарите по грешка ѝ направиле абортус.
„Министерството за здравство изразува најдлабоко жалење до пациентот и целото семејство“, рече портпаролот на Министерството, Онџеј Јакоб, во соопштението за печатот во четвртокот.
„Имаше неопростлива човечка грешка, а одговорните се разрешени“, додаде тој.
Од самата болница за информативниот портал „Новинки.чз“ изјавија дека се подготвени да платат отштета.
Според чешките медиуми, и двете пациентки биле странски државјанки, кои живееле во Чешка.
Официјалните лица не објавија никакви информации за идентитетот на жените.