Европа
(Видео) Русите сакаат да влезат во Киев и да ја соборат Владата, тврдат украински функционери
Пет лица загинаа денеска кога бил соборен украински воен авион, соопшти украинската полиција и Одделот за вонредни ситуации.
Во исто време, советникот на украинскиот претседател наведува дека украинската армија им дава отпор на руските сили практично по целата граница со Русија и дека се водат жестоки борби во регионите Суми, Харков, Керсон, Одеса и на воениот аеродром во близина на Киев.
Советникот на украинскиот претседател изјави дека Киев стравува oти руски падобранци ќе бидат инфилтрирани во Украина и ќе се обидат да го преземат седиштето на владата во Киев, пренесе „Ројтерс“.
Русија до 13 часот извршила повеќе од 30 напади врз цивилна и воена инфраструктура во Украина, пишува украинскиот „Интерфакс“, повикувајќи се на извештај на Генералштабот на земјата.
„Вклучени се авијација и артилерија, чија цел беше цивилната и воената инфраструктура во Украина“, соопшти Генералштабот.
Russian troops are invading the Kyiv region of Ukraine from the border of Belarus. The troops entered the territory through the “Vilcha” checkpoint, that was closed a few hours before. pic.twitter.com/eLKWAjF9TQ
— Franak Viačorka (@franakviacorka) February 24, 2022
Советникот на кабинетот на претседателот на Украина, Микаило Подолијак, денеска соопшти дека постои можност руски војници да влезат во владини објекти во центарот на Киев со цел да се спроведе специјална операција за соборување на украинската влада.
Тој оцени дека тоа е можно, имајќи предвид дека во моментот се водат жестоки битки во селото Хостомел кај Киев, пренесува „Интерфакс Украина“.
Голем пожар избувнал денеска во близина на седиштето на разузнавачката служба на украинското Министерство за одбрана во Киев, јави Би-би-си.
Според сервисот, тоа е причината за црниот чад кој е видлив во близина на оваа зграда, за која се чини дека не е оштетена.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шпанскиот премиер размислува да се повлече од функцијата, отворена истрага против неговата сопруга
Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска објави дека се повлекува од јавните должности затоа што мора „да застане и да размисли“ дали ќе продолжи да биде шеф на владата откако судот во Мадрид отвори прелиминарна истрага против неговата сопруга за корупција и трговско влијание.
„Итно ми треба одговор на прашањето дали вреди, дали да продолжам да ја водам владата или да се откажам од оваа чест“, објави тој преку социјалната мрежа „Икс“.
Синдикатот Манос Лимпијас (Чисти раце) ја пријавил неговата сопруга Бегона Гомез дека им помагала на претприемачите на јавни тендери и го искористила тоа. Судот претходно денеска соопшти дека отворил истрага, без да даде детали.
Министрите од левичарската влада на Санчез оценија дека се работи за лажен извештај и дека синдикатот што го доставил е близок до екстремната десница.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.
Европа
Судот во Русија ја одби жалбата на американскиот новинар кој е во затвор поради шпионажа
Руски суд денеска ја отфрли последната од серијата жалби на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, против истражниот затвор под обвинение за шпионажа.
Гершкович (32) е првиот американски новинар уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна. На 29 март минатата година тој беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ), а беше уапсен на задача во рускиот град Екатеринбург.
Руските власти тврдат дека тој се обидувал да дојде до доверливи информации кои требало да и ги пренесе на американската влада, но новинарот, весникот за кој работи и американската влада негираат дека тој е шпион.
Датумот на судењето се уште не е одреден, а притворот минатиот месец му беше продолжен за уште три месеци и треба да трае до 30 јуни.
Минатомесечното рочиште беше затворено за печатот, но во вторникот на новинарите им беше дозволено да го снимат Гершкович додека тој стои во стаклената кутија во судницата и им се насмевнува на колегите од медиумите.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во одреден момент Гершкович би можел да биде ослободен во замена за рускиот затвореник кој се држи во странство, но таков договор се уште не е постигнат.