Свет
(Видео) „Спејс икс“ лансира 60 сателити во еден ден
Американската технолошката компанија „Спејс икс“ испрати ракета со 60 сателити минатата недела.
Ракетата „Фалкон 9“, лансирана од Кејп Канаверал во Флорида, во вселената понесе сателити за да им обезбеди на корисниците супербрза интернет-врска. Огромна интернет-констелација со 60 сателити „Спејс икс“ беше наречена „Старлинк“.
Холандскиот астроном Марко Лангбрук со камера ги сними сателитите додека орбитираа околу Земјата, еден ден откако „Фалкон 9“ ги испрати во орбитата на Земјата.
Елон Маск, основачот на „Спејс икс“, рече дека сателитите ќе функционираат како „ширење на шпил карти на масата”. Тој потврди дека сите 60 сателити се онлајн и дека уредите наскоро ќе ги рашират своите соларни панели со кои ќе се напојуваат додека се во орбитата.
Ако проектот на Маск се покаже успешен, „Спејс икс“ може да ги победи конкурентите како Амазон и OneWeb, кои исто така се обидуваат да постават сопствена интернет-конфигурација.
Целиот проект „Старлинк“ ќе чини 10 милијарди долари, но Маск рече дека компанијата има „доволно капитал” за да ги комплетира своите планови.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Емануел Макрон: Постои ризик Европа да умре
Францускиот претседател Емануел Макрон за време на говорот на Универзитетот „Сорбона“ во Париз изјави дека постои ризик Европа да умре.
Макрон истакна дека битката за изградба на силна Европа е далеку од завршена и ризикува да заостане зад светските ривали во наредната деценија, пренесува „Ројтерс“.
Европа, како што оцени Макрон, е на пресвртна точка и мора да стори повеќе за да се натпреварува со забрзаното вооружување на своите глобални ривали.
Свет
Хамас: Ќе станеме политичка партија ако се формира палестинска држава
Заменик-претседателот на политбирото на Хамас за Газа, Калил ал-Хаја, рече дека палестинската милитантна група е подготвена да се договори за петгодишно примирје со Израел и да се претвори во политичка партија доколку се формира палестинска држава со границите од 1976 година.
Ал Хаја, претставник на Хамас во преговорите за прекин на огнот и враќање на заложниците, рече дека групата ќе прифати „целосно суверена палестинска држава на Западниот брег и Појасот Газа и враќање на палестинските бегалци во согласност со меѓународните резолуции“.
Во интервју за „Асошиетед прес“ тој додаде дека во тој случај военото крило на Хамас ќе биде распуштено.
„Сите искуства на луѓето што се бореле против окупаторите, кога се осамостоија и ги освоија своите права и својата земја, се претворија во политички партии, а нивните борбени сили се претворија во национална армија“, рече тој.
Тој оцени дека долго најавуваната израелска копнена офанзива во градот Рафа нема да го победи Хамас.
Свет
Погодена железница во Украина, оштетен и облакодер: Русите нападнаа со моќниот „Искандер“
Руски проектил оштети критична инфраструктура и повреди шест лица во регионот Черкаси во централна Украина, изјави регионалниот гувернер.
Во нападот беше погодена цивилната и железничката инфраструктура во градот Смила, изјави портпаролот на украинските воздухопловни сили, Илја Јевлаш, во телевизиски пренос. Според првичните информации, во нападот бил употребен проектил „Искандер-К“, додаде Јевлаш.
Оштетени се и 47 приватни станбени згради и искршени се прозорци во станбена висококатница, објави на „Телеграм“ гувернерот на Черкаси, Ихор Табурец. Украинската воздушна одбрана ја собори воздушната цел, рече тој, додавајќи дека службите за итни случаи се на терен.
Руските сили претходно ја оштетија железничката инфраструктура во нападот на реонот на Днепар на 19 април, како што објавија украинските железници „Укрзализница“ на „Телеграм“.