Свет
(Видео) Трамп предложи вбризгување дезинфекциски средства во телото на болните од коронавирус
Американскиот претседател, Доналд Трамп, повторно ги шокираше медицинските работници со последните коментари за лек за коронавирус. Неговите коментари експертите ги нарекоа неодговорни и опасни.
Трамп на прес-конференција за коронавирусот сугерирал дека вбризгувањето дезинфекциски средства како изопропилен алкохол во телото би можело да го убие коронавирусот, а предложил и зрачење на телото на болниот од Ковид-19 со УВ-зраци.
Американските научници откриле дека вирусот брзо ја губи силата кога е изложен на сонце, топлина и влага, а истражувањето го претставиле пред јавноста на прес. Заедно со тоа, истражувањето открило и дека избелувач би можел да го убие вирусот во капките или во респираторните течности во рок од пет минути, а изопропилниот алкохол наводно може да го стори истото во покусо време. Трамп истакнал дека треба многу внимателно да се сфати ова истражување.
„Да претпоставиме телото да го изложиме на големи УВ-зраци или некое друго моќно зрачење“, рекол Трамп и и` се обратил на докторката Дебора Биркс, која е координаторка за борба против коронавирусот во Белата куќа. „Мислам дека рековте дека тоа сè уште не сте го провериле, но дека ќе го тестирате“.
Тој предложил вбризгување во белите дробови.
„Јас тогаш реков што ќе се случи ако пуштиме зраци внатре во телото, што може да се направи преку кожата или на некој друг начин, па вие рековте дека ќе тестирате. Тогаш видов дезинфекциски средства кои го уништуваат вирусот во минута, постои ли начин да направиме такво нешто, преку инјекција или со чистење? Средството да влезе некако во белите дробови. Тоа е интересно да се провери“, додал Трамп.
Тој ја прашал докторката за тоа дали слушнала за третман на лекување на коронавирусот со топлина и зраци?
„Не како третман. Мислам, температурата е добра работа, помага на телото да одговори на болеста, но сè уште не сум видела третман со помош на топлина или зрачење“, рекла Биркс додека Трамп и` одговорил дека би било многу добро ако се провери такво нешто.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
(Видео) Силно невреме со поплави во Грција, Волос без струја
Силно невреме ја зафати Грција, поточно Лариса, каде обилните дождови доведоа до излевање на канализацијата, која ги поплави улиците, а во Волос е забележан и прекин на струја.
Врз основа на податоците од метеоролошката станица на Националната опсерваторија во Атина, измерени се просечни 100 милиметри дожд или максимални 312 милиметри на час, поради што полицијата мораше да го прекине сообраќајот бидејќи улиците беа поплавени.
Во градот Волос во текот на ноќта имало проблеми со струјата, но како што пренесуваат грчките медиуми, се е брзо ставено под контрола.
Министерот за цивилна заштита и климатска криза Василис Кикилијас од вчера е во Тесалија за внимателно да го следи развојот на невремето.
– Имаше оправдана загриженост на граѓаните овде во Тесалија бидејќи сеќавањата за катастрофата се свежи, затоа бевме сите овде, координирани и организирани. Драго ми е затоа што досега овој напор се исплатеше. Само со заедничка и координирана работа можеме да добиеме многу добри резултати – најави тој.
Силен дожд и невреме го зафати јужниот дел на Пелион, а како што јавуваат медиумите паднал и град. Овој регион во септември минатата година беше соочен со разорни поплави.
Ненадејна промена на времето се случи и на големите височини во централна и северна Грција, каде падна снег.
„Снежно невреме е забележано во ски-центарот на Василица“, се наведува.
Во меѓувреме, населението е најмногу загрижено за земјиштето околу езерото Карла на границата на Магнезија и Лариса, кои беа поплавени во септември минатата година. Полињата, па дури и воените инсталации во Стефановики се под тони вода.
Свет
Десетгодишно дете призна дека убило човек пред две години, полицијата во Тексас во шок
Десетгодишно дете од американската сојузна држава Тексас, кое било испрашувано поради наводна закана дека ќе го убие својот соученик, им кажало на инспекторите дека убил човекот пред две години без никаква причина, соопштија органите на редот.
Според законите во Тексас, детето не може да биде обвинето за злосторството бидејќи во моментот на убиството имало помалку од 10 години, пренесува CBS News.
Момчето им кажало на училишните службеници дека пукало и убило човек во 2022 година, соопшти канцеларијата на шерифот на округот Гонзалес.
Како што е наведено, момчето им дало на истражителите информации за убиството на 32-годишниот Брендон О’Квин Резбери на 18 јануари 2022 година во Никсон, Тексас.
Тој рече дека тој ден бил кај својот дедо на гости во паркот за кампери во близина на местото каде што живеел Резбери, и дека извадил пиштол од кабината на камионот на неговиот дедо, влегол во комбето на Резбери, пукал во него и го убил.
Тој исто така изјавил дека никогаш претходно не го видел Расбери и дека убиениот не направил ништо за да го налути.
На 12 април, инспекторите го пронајдоа пиштолот користен за убиството на Разбери во заложна продавница во блискиот град, но бидејќи детето имало помалку од 10 години кога го извршило злосторството, не може да биде обвинет за убиството во 2022 година.
Детето е обвинето во врска со заканата упатена кон соученик и се наоѓа во малолетнички притвор, каде го чека почетокот на судењето.
Свет
Северна Кореја тестираше „супер голема“ боева глава за крстосувачка ракета
Северна Кореја денеска соопшти дека тестирала боева глава со „супер-голема“ крстосувачка ракета и нова противвоздушна ракета.
Тестот за моќност на супер-големата боева глава дизајнирана за стратешката крстосувачка ракета Хвасал-1 Ра-3 и пробното лансирање на противвоздушната ракета Пјољџи-1-2 се одржаа во петокот, објавија државните медиуми.
„Пробното лансирање постигна одредена цел“, објави КЦНА.
Се наведува дека тестовите биле дел од редовните воени активности на Северна Кореја и дека немаат „никаква врска со околната ситуација“.
Резолуциите на ОН и забрануваат на Северна Кореја да тестира балистички ракети од кој било дострел, од кои некои се способни да носат нуклеарна боева глава.
Тестовите на крстосувачки ракети не подлежат на санкции против Пјонгјанг. Меѓутоа, таквото оружје може да се користи и за пренесување на нуклеарни боеви глави.
Наспроти позадината на конфликтот околу севернокорејската програма за нуклеарно оружје, тензиите на Корејскиот полуостров повторно значително се зголемија. Соединетите Американски Држави и Јужна Кореја ја зајакнаа својата воена соработка, вклучително и заеднички маневри, како одговор на повеќекратните ракетни тестови на Пјонгјанг со нуклеарни капацитети во последните две години.