Европа
(Видео) Шпанскиот суд ѝ ги одзеде четиригодишните близнаци на мајката што ги роди на 64-годишна возраст
Врховниот суд во Шпанија донесе одлука со која целата земја се крена на нозе. Судот ѝ ги одзеде близнаците на Мавриција Ибанез (69) врз основа на процена на експерти, а не врз основа на возраст. Социјалната служба ги смести децата во згрижувачко семејство.
Во системот на социјална услуга, покрај близнаците, е и ќерката на Мавриција, која има 11 години, а која беше одземена од мајка си во 2014 година. Шпанскиот суд во понеделникот донесе одлука дека Мавриција не е способна да се грижи за децата. Оваа одлука стави крај на четиригодишната правна битка. Мацриција се обиде на секој начин да си ги врати децата, близнаците Габриел и Марија, кои ги роди со ин витро оплодување во Америка.
Судот наведува дека мајката не може да соработува на квалитетен начин со социјалната служба и дека тоа им наштетило и на децата. Тие повторија дека пресудата се заснова врз процена на експерти, а не врз основа на возраста на Мавриција, ниту на нејзиното ментално здравје. Во изјавата од судот во Бургос, од каде што потекнува Мавриција, се наведува за време на нивната прва пресуда дека карактерните црти на мајката значајно влијаат врз психосоцијалниот развој на децата. Тие велат дека децата живеат во изолација без никакви врски со другите членови на семејството, како и без поддршка од општеството.
Близнаците денес имаат четири години, а социјалната служба ги сместила во згрижувачко семејство набргу по раѓањето. Ибанез потпиша документ со социјалната служба, во кој изјави дека ќе ангажира асистент кој ќе биде тука да се грижи за децата и домаќинството со неа. Но, само 10 дена по напуштањето на родилиштето, каде што беше еден месец, властите заклучија дека близнаците биле изложени на голем ризик.
„Кога се врати дома, тимот го следеше нејзиниот напредок и сите извештаи покажуваат дека децата треба да растат во поинакво опкружување“, рече тогашниот претставник за печатот на социјалната служба во Бургос.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шпанскиот премиер размислува да се повлече од функцијата, отворена истрага против неговата сопруга
Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска објави дека се повлекува од јавните должности затоа што мора „да застане и да размисли“ дали ќе продолжи да биде шеф на владата откако судот во Мадрид отвори прелиминарна истрага против неговата сопруга за корупција и трговско влијание.
„Итно ми треба одговор на прашањето дали вреди, дали да продолжам да ја водам владата или да се откажам од оваа чест“, објави тој преку социјалната мрежа „Икс“.
Синдикатот Манос Лимпијас (Чисти раце) ја пријавил неговата сопруга Бегона Гомез дека им помагала на претприемачите на јавни тендери и го искористила тоа. Судот претходно денеска соопшти дека отворил истрага, без да даде детали.
Министрите од левичарската влада на Санчез оценија дека се работи за лажен извештај и дека синдикатот што го доставил е близок до екстремната десница.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.
Европа
Судот во Русија ја одби жалбата на американскиот новинар кој е во затвор поради шпионажа
Руски суд денеска ја отфрли последната од серијата жалби на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, против истражниот затвор под обвинение за шпионажа.
Гершкович (32) е првиот американски новинар уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна. На 29 март минатата година тој беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ), а беше уапсен на задача во рускиот град Екатеринбург.
Руските власти тврдат дека тој се обидувал да дојде до доверливи информации кои требало да и ги пренесе на американската влада, но новинарот, весникот за кој работи и американската влада негираат дека тој е шпион.
Датумот на судењето се уште не е одреден, а притворот минатиот месец му беше продолжен за уште три месеци и треба да трае до 30 јуни.
Минатомесечното рочиште беше затворено за печатот, но во вторникот на новинарите им беше дозволено да го снимат Гершкович додека тој стои во стаклената кутија во судницата и им се насмевнува на колегите од медиумите.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во одреден момент Гершкович би можел да биде ослободен во замена за рускиот затвореник кој се држи во странство, но таков договор се уште не е постигнат.