Европа
Висок претставник на НАТО: Белорусија би можела да ѝ се придружи на Русија во нападите
Белорусија, близок сојузник на Русија, набргу може да ја нападне Украина. Во исто време Белорусија се подготвува да им дозволи на Русите да распоредат нуклеарно оружје на нејзина територија, изјави висок претставник на НАТО, според „Гардијан“.
Тој рекол дека НАТО-алијансата стравува оти Белорусија може да ѝ се придружи на Русија во нападот на Украина.
„Белоруската влада подготвува атмосфера што ќе ги оправда белорускиот напад врз Украина и итното распоредување на руско нуклеарно оружје во Белорусија“, изјавил функционерот.
Од друга страна, украинските власти веќе подолго време предупредуваат дека Белорусија би можела да се вклучи во војната. Иако Белорусија им дозволи на руските војници да ја користат нејзината територија за да почнат копнени и воздушни операции, НАТО досега не најде докази дека белоруските војници биле директно вклучени во нападите врз Украина.
„Не велам дека утре во Белорусија ќе распоредат нуклеарно оружје. Мислам дека преземаат политички чекори за да може да прифатат нуклеарно оружје доколку се донесе таква одлука“, изјавил претставникот на НАТО.
Тој додал дека конфликтот во Украина е на прагот да влезе во фаза во која не може да се постигне напредок кон мир бидејќи ниту една страна нема предност пред другата.
Како што рекол, проблемот со таквиот исход е што ќе доведе до долготрајни борби, кои ќе резултираат со загуба на многу животи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Првиот разузнавач на Германија: Русите се подготвени и за саботажа
Кинезите се активни во Германија во собирање информации за воената технологија, изјави за „Дојче веле“, Томас Халденванг, претседател на Сојузната канцеларија за заштита на Уставот, домашната разузнавачка служба на Германија.
Халденванг зборуваше за апсењето тројца германски државјани поради сомнение дека на Кинезите им откриле информации за нови технологии, кои може да се користат за воени цели.
„Ова е случај од особено значење. Се занимаваме со проширување на активностите, се работи за знаење за производство на оружје“, додаде тој.
Халденванг разговараше за „Дојче веле“ пред новото апсење во врска со наводното кинеско шпионирање. Во вторникот вечерта, помошник на европскиот претставник на Алтернатива за Германија (AfD) беше уапсен во Дрезден за давање информации на Кинезите.
Тоа беше само продолжение на шпионските игри во последно време. Претходно, двајца руско-германски државјани беа уапсени во Баварија под сомнение дека снимиле американски воени бази во Германија и подготвувале напад.
„Со години забележуваме дека Русија има развиено големи активности овде во Германија“, вели Халденванг. „Уште пред војната во Украина реков дека заканата е слична на онаа од времето на Студената војна“.
„Се разбира, сè беше интензивирано со рускиот напад врз Украина и мораме да разбереме дека Русија се занимава со шпионажа, сајбер-шпионажа, операции за влијание, дезинформации“, продолжи првиот човек на германската разузнавачка служба.
Според него, Германија е особено нападната како важен играч во воената и политичката поддршка за Украина. Украинските војници се обучуваат и во Германија.
Халденванг рече дека во екстремен случај рускиот репертоар вклучува саботажа. „Може да се смета дека витален интерес на Москва е да ја спречи или попречи испораката на оружје за Украина. А земја што е подготвена да води војна со најбрутални средства сигурно нема да се оддалечи од саботажа. Така и ние во Германија мораме да бидеме подготвени за тоа сценарио“.
Како што наведе, германските служби се во состојба на готовност и веќе на почетокот на војната во Украина прогласиле „голем број руски агенти“ за непожелни, што ги „ослабнало можностите на руските служби во Германија“.
Како што додаде Томас Халденванг за „Дојче вече“, исламистички групи и поединци се на радарот на службата поради можни терористички напади. Особено што летово претстојат два големи спортски настана: Европското фудбалско првенство во Германија и Олимписките игри во Париз.
„И на тоа поле нивото на закана е високо. Во моментот, иако не се познати конкретни планови за напад, апстрактната опасност е исклучително висока“, додаде тој.
Тој изјави дека особено Исламската држава Корасан, активна во Авганистан и Пакистан, се залага за голем, спектакуларен напад.
„Можеме да замислиме разни сценарија. Едно многу опасно е, на пример, тимови на напаѓачи да доаѓаат во Германија, можеби некои веќе дошле, а потоа да извршат напад како група“, рече Халденванг.
Други сценарија вклучуваат радикализација на поединци, додаде тој. Како една од новите причини за радикализација тој ги наведе ситуацијата во Појасот Газа и пропагандата на исламистичките групи, кои поттикнуваат поединци да вршат напади.
Европа
Евакуиран хотел во Рим поради отровни испарувања од базенот: пет лица отруени, затворени и околните улици
Најмалку пет лица се повредени во хотел во центарот на Рим кога дошло до испуштање штетни испарувања од базенот. Наредена е итна евакуација на сите присутни гости и вработени.
Според италијанските медиуми, повредените се во болница, а едно лице е во многу тешка состојба.
Повредени се вработените во хотелот, а најмалку 35 лица се евакуирани.
Во моментот кога алармот се вклучил, во хотелот имало само неколку туристи, кои биле на појадок.
Отровни испарувања доаѓале од бањата и велнес-центарот на долниот кат од хотелот, а се сомневаат дека се од базенот.
Полицијата го обезбедувала и просторот во непосредна близина на хотелот, а поради отровните испарувања, биле затворени околните улици.
Европа
Два питбула убија 13-месечно дете, трагедија во Италија
Утрово, во Италија, во провинцијата Салерно, два питбула го нападнале тринаесетмесечното момче Франческо Пио Д’Амара и го убиле. Кучињата го нападнале во дворот на селската куќа. Мајка му и вујко му се обиделе да го спасат, но кучињата ги повредиле и нив. Според првите информации на полицијата, која на местото на несреќата пристигнала со возило на брзата помош, сопствениците на кучињата биле познајници на мајката. Кучињата биле пуштени на слобода во дворот на семејната куќа, а тие го нападнале детето бидејќи го гледале или како играчка или како закана.
Паола, мајката на детето, по несогласувањата со сопругот, се преселила во Камполонго, каде што изнајмила дел од селската куќа во која живеела сама со синот. Питбулите им припаѓале на сопствениците на куќата, кои живееле во друг дел од двокатната зграда, пишува „Салерно кориере“.
Според соседите, кучињата досега не покажале знаци на агресија. Градоначалникот на Еболи, Марио Конте, изјави дека администрацијата ќе ги сноси трошоците за погребот на детето. Во Италија не постои список на потенцијално опасни кучиња. Во 2006 година Министерството за здравство донесе правилник во кој беше вклучен список на раси што се сметаат за опасни, но оваа одредба подоцна беше укината.