Европа
Во Берлин отворени борделите, но засега само за масажи
Властите во Берлин им овозможија на борделите конечно да ги отворат своите врати, кои со месеци беа под клуч поради пандемијата, но за сексуални услуги сè уште нема зелено светло. Наместо тоа, клиентите ќе мора да се задоволат со еротски масажи, барем до почетокот на септември.
Поради тоа, не се фрустрирани само посетителите.
Една долгогодишна сексуална работничка, на 49-годишна возраст, вработена во еден од борделите, не е среќен поради ваквата одлука.
„И јас и моите клиенти претпочитаме целосна услуга“, изјавила таа.
Сексуалните услуги се забранети во Берлин од средината на март, како дел од напорите да се запре ширењето на коронавирусот.
Во јули, неколку сексуални работници, „вооружени“ со кукли со надувување, протестираа пред парламентот во Берлин, жалејќи се дека наметнатите ограничувања ги спречуваат да заработат за живеење и ги поттикнуваат да работат на црно.
Проституцијата во Германија е легална и има 40.000 регистрирани сексуални работници имаат кои имаат право на договори за вработување и здравствено и социјално осигурување.
Управителот на еден од борделите, Јоханес Маркс, посочува дека секој гостин мора да пополни формулар со свои податоци и контакти.
„Тие исто така треба да носат маски, исто како да се на бензинска пумпа или во продавница“, вели Маркс.
„Повеќето од нив немаат никакви проблеми со тоа, но она што не функционира добро е фактот дека многумина што доаѓаат во борделот доаѓаат со очекување дека ќе добијат секс“, додава тој.
Според Маркс, клиентите ќе треба уште малку да се воздржат и да почекаат за тоа, бидејќи понудата за сексуални услуги повторно ќе биде достапна од 1 септември, со строги мерки за хигиена.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шпанскиот премиер размислува да се повлече од функцијата, отворена истрага против неговата сопруга
Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска објави дека се повлекува од јавните должности затоа што мора „да застане и да размисли“ дали ќе продолжи да биде шеф на владата откако судот во Мадрид отвори прелиминарна истрага против неговата сопруга за корупција и трговско влијание.
„Итно ми треба одговор на прашањето дали вреди, дали да продолжам да ја водам владата или да се откажам од оваа чест“, објави тој преку социјалната мрежа „Икс“.
Синдикатот Манос Лимпијас (Чисти раце) ја пријавил неговата сопруга Бегона Гомез дека им помагала на претприемачите на јавни тендери и го искористила тоа. Судот претходно денеска соопшти дека отворил истрага, без да даде детали.
Министрите од левичарската влада на Санчез оценија дека се работи за лажен извештај и дека синдикатот што го доставил е близок до екстремната десница.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.
Европа
Судот во Русија ја одби жалбата на американскиот новинар кој е во затвор поради шпионажа
Руски суд денеска ја отфрли последната од серијата жалби на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, против истражниот затвор под обвинение за шпионажа.
Гершкович (32) е првиот американски новинар уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна. На 29 март минатата година тој беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ), а беше уапсен на задача во рускиот град Екатеринбург.
Руските власти тврдат дека тој се обидувал да дојде до доверливи информации кои требало да и ги пренесе на американската влада, но новинарот, весникот за кој работи и американската влада негираат дека тој е шпион.
Датумот на судењето се уште не е одреден, а притворот минатиот месец му беше продолжен за уште три месеци и треба да трае до 30 јуни.
Минатомесечното рочиште беше затворено за печатот, но во вторникот на новинарите им беше дозволено да го снимат Гершкович додека тој стои во стаклената кутија во судницата и им се насмевнува на колегите од медиумите.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во одреден момент Гершкович би можел да биде ослободен во замена за рускиот затвореник кој се држи во странство, но таков договор се уште не е постигнат.