Свет
Во Виетнам откриен нов опасен вид на коронавирус, најлесно се пренесува преку воздух
Виетнам ќе ги тестира сите жители на градот Хо Ши Мин за појава на нов вид коронавирус и ќе воведе нови мерки на социјално дистанцирање.
Ваквата мерка во градот со 13 милиони жители уследи по појавата на нов кластер кој е поврзан со религиозна мисија.
Виетнам досега беше релативно успешен во контролата на коронавирусот, но бројот на нови случаи се зголеми во последните неколку недели. Официјални лица викендов предупредија на нова многу опасна мутација на вирусот, откриен во оваа земја.
Владата соопшти дека новиот вид е комбинација од претходните видови коронавирус, кои за првпат беа откриени во Индија и Британија, и лесно се пренесуваат преку воздух.
Досега се регистрирани над 7.000 заразени лица во Виетнам, додека 47 лица починале како резултат на инфекцијата со новиот вид Ковид-19, но последниот кластер учествува со повеќе од половина од вкупниот број на заразени лица.
Најновиот фокус во градот Хо Ши Мин е насочен кон религиозната мисија, од каде се појавиле најмалку 125 позитивни случаи на коронавирусот и од каде потекнува најголем дел на лица заразени со коронавирус во градот.
Оние што живеат во близина на кластерот се веќе тестирани и тие се во изолација.
Официјалните лица сега планираат да ги тестираат преостанатите 13 милиони жители на градот Хо Ши Мин. Со стапка на тестирање од 100.000 лица на ден, на властите ќе им требаат повеќе од четири месеци да ја завршат оваа работа, пренесува Би-би-си.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Австралискиот премиер: Маск е арогантен милијардер
Австралискиот премиер го нарече Илон Маск арогантен милијардер, откако неговата платформа на социјалните мрежи „Икс“ го одложи отстранувањето на снимките од минатонеделниот напад во Сиднеј.
Вчера, австралискиот суд нареди „Икс“ (поранешен Твитер) да ги отстрани видеата од настанот. „Икс“ претходно најави дека ќе ја отстрани наведената содржина по законска одредба, пишува „Би-Би-Си“.
Сепак, Маск оттогаш објави меме во кој ја обвинува владата за цензура. Затоа, премиерот Ентони Албанес денеска изјави за „Еј-би-си њуз“ рече дека Маск е арогантен милијардер кој мисли дека е над законот.
Минатата недела, независниот интернет регулатор им се закани на „Икс“ и другите компании за социјални медиуми со високи казни доколку не ги отстранат видеата од нападот со нож во црквата Христос Добриот Пастир, кој полицијата го прогласи за терористички чин.
„Икс“ тврдеше дека оваа одредба не е во опсегот на австралиското право. Регулаторот потоа побара судска забрана за објавување на спорните снимки, а набрзо дојде до расправија на социјалните мрежи и во медиумите.
„Би сакал да го искористам овој момент за да му се заблагодарам на премиерот што ѝ посочи на јавноста дека оваа платформа е единствената што ја покажува вистината“, напиша Маск. Тој претходно ја критикуваше австралиската комесарка за безбедност на Интернет, Џули Инман Грант, опишувајќи ја како „австралиски комесар за цензура“.
Албанес застана во одбрана на Инман Грант, велејќи дека таа ги штити граѓаните на Австралија.
„Социјалните медиуми мора да бидат и општествено одговорни. Ова не е случај со Маск“, додаде тој. X мора да ги отстрани спорните снимки во рок од 24 часа по одлуката на судот.
Свет
САД подготвува огромен пакет помош за Украина: вклучува и тенкови и противвоздушна одбрана
Администрацијата на претседателот на САД, Џо Бајден подготвува поголем од вообичаениот пакет воена помош за Украина, кој ќе вклучува оклопни возила, заедно со итно потребната артилерија и противвоздушна одбрана, според двајца американски претставници.
Американскиот Сенат денеска треба да гласа за пакетот помош, кој се очекува речиси сигурно да биде усвоен бидејќи Претставничкиот дом ја одобри помошта со широка двопартиска поддршка по неколкумесечни расправии.
Конечниот пакет, кој предвидува неверојатни 95 милијарди долари вкупна воена помош за американските сојузници, вклучително и пари за Израел и Тајван, заедно со 61 милијарда долари за Украина, се очекува да стигне до бирото на претседателот Џо Бајден за одобрување до крајот на неделата.
Бајден во вчерашниот телефонски разговор му ветил на украинскиот претседател Володимир Зеленски дека Киев може да очекува брзо пристигнување на помошта.
Украинската војска се соочува со сериозен недостиг на оружје и нови регрути додека Москва врши постојан притисок од исток. Се очекува условите да се влошат на првите линии во наредните недели, а шефот на украинското разузнавање Кирило Буданов предвиде „прилично тешка ситуација“ од средината на мај.
Покрај парите за Украина, гласањето во вторник ќе донесе одлука и за 13 милијарди долари за војната на Израел со Хамас, повеќе од 9 милијарди долари за хуманитарна помош во Газа и на други места и 8 милијарди долари воена помош за Тајван за соочување со Кина.
Свет
Русија со предупредување до Европа: Ако ни го земете имотот, одговорот ќе боли
Сојузникот на претседателот Владимир Путин во вторникот ја предупреди Европа дека Русија веќе го напишала законот за да се одмазди доколку Западот заплени речиси 300 милијарди долари руски имот и ги искористи за помош на Украина.
Откако претседателот Владимир Путин испрати војници во Украина во 2022 година, Соединетите Американски Држави и нивните сојузници ги забранија трансакциите со руската централна банка и Министерството за финансии, блокирајќи околу 300 милијарди долари руски средства на Запад, пренесуваат светските агенции.
Врвните функционери во Соединетите Американски Држави сакаат да запленат имот за да и помогнат на Украина, иако некои банкари и европски функционери се загрижени дека таквите заплени на имот би создале опасен преседан.
Во саботата, Претставничкиот дом на САД усвои закон со одредба која овозможува заплена на руски имот, но лавовскиот дел од руските средства не е во САД, туку во Европа.
„Имаме подготвен одговор“, изјави Валентина Матвиенко, претседател на Горниот дом на рускиот парламент, а пренесе државната новинска агенција РИА.
„Имаме предлог-закон со одмазднички мерки што сме подготвени веднаш да го разгледаме.
„И Европејците ќе изгубат повеќе од нас“, рече Матвиенко, која е членка на рускиот Совет за безбедност.
Матвиенко не прецизираше каков ќе биде одговорот на запленувањето на рускиот имот, за што се уште се разговара на Запад.
Една од опциите за која разговара Западот е да се конфискува приходот од имотот без да се земе самиот имот.
Путин вели дека Западот започна економска војна против Русија, тврдејќи дека руската економија, која минатата година порасна за 3,6 отсто, е отпорна на западните санкции кои имаат за цел да ја запрат руската трговија.
Кремљ постојано повторува дека секое запленување на неговиот имот би било спротивно на принципите на слободниот пазар што Западот ги прокламира и ќе ја поткопа довербата во американскиот долар и еврото, додека ги одвраќа глобалните инвестиции и ја поткопува довербата во западните централни банки.
Русија соопшти дека ќе ја оспори секоја конфискација на нејзиниот имот на суд.
Некои руски функционери сугерираат дека ако се запленети руски имот, истата судбина би можела да ја доживее и имотот на странските инвеститори блокирани на специјални сметки во Русија.
Не е јасно колку точно пари има на овие сметки, според написите.
Претседателот на долниот дом на рускиот парламент, Вјачеслав Володин, во понеделникот изјави дека Русија има основа да ги заплени имотите на Западот по усвојувањето на законот во американскиот Конгрес.
Володин рече дека од 280 милијарди долари замрзнати руски средства во странство, само 5 до 6 милијарди долари се во САД, додека околу 210 милијарди евра се во Европската унија.