Европа
Во Германија расте стравот од војна, луѓето складираат резерви, се распрашуваат за бункери
Со сите неволји, сега дојде војната во Украина, а мрачното расположение сѐ повеќе ја зафаќа Германија. Психозата првпат се гледа на полиците на супермаркетите: многумина создаваат резерви масло и брашно бидејќи Украина беше еден од главните извори на оваа храна, а од Здружението на производителите на прехранбено масло велат дека може да се смета на ограничување на понудата на семки од сончоглед, лен и соја, пишува „Дојче веле“.
Брашното тешко се складира, па за секој случај тестенините повторно се купуваат исто како пред пандемијата. Овој пат барем тоалетната хартија не е толку популарна, анализира медиумот.
При испитувањето на јавното мислење во анкета на една агенција се покажало дека 69 отсто од анкетираните Германци сметаат дека НАТО, како и Германија, ќе биде вовлечено во војната. 64 % од нив очекуваат влошување на економската состојба, но огромното мнозинство е свесно дека ништо не може да направат за тоа и дека некои акции нема многу да помогнат, пишува ДВ.
Но, руската војна против земја недалеку од Германија – и големото прашање, дали ќе се застане тука – длабоко го вознемири населението во тоа време. Ова може да се види од бројот на повици до надлежните, пишува медиумот.
„Истражувањата станаа многу интензивни“, изјавила Кристина Зајечковски во Келн.
Луѓето се плашат дека војната може да дојде во Германија со сето она што значи: „Да умрат членовите на семејството и пријателите, да им се уништи домот, да се случат сите ужаси што ги гледаат преку медиумите“. Таа вели дека им помага на луѓето да разговараат со некого за нивните стравови или да го кажат најлошото што може да го замислат.
Томас де Вахрои од кругот на Евангелистичката црква во областа Нојкелн во Берлин вели дека луѓето ужасно се плашат оти во еден момент ќе се премине црвената линија и НАТО ќе интервенира, па потоа ќе видат сѐ црно.
Многумина се во таква депресија што им треба и медицинска помош, а претседателот на Здружението на лекарите, Френк Улрих Монтгомери, крајно сериозно ги сфаќа нивните стравови од војна и уништување. „Важно е да ги разбереме, а не да го намалуваме она што го чувствуваат“, изјавил тој.
На социјалните мрежи се бараат информации што сѐ е потребно за преживување, таблети јод во случај на радиоактивност или генератори на електрична енергија.
Во компанија за бункери во Берлин вртат повиците на граѓаните. „Порано имаше можеби двесте повици дневно, а од почетокот на војната има повеќе од 10.000“, вели Марк Шмихен, кој е одговорен за односи со јавноста, пишуваат медиумите.
Интересот, според написите, бил толку голем што компанијата отворила уште шест телефонски линии.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шпанскиот премиер размислува да се повлече од функцијата, отворена истрага против неговата сопруга
Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска објави дека се повлекува од јавните должности затоа што мора „да застане и да размисли“ дали ќе продолжи да биде шеф на владата откако судот во Мадрид отвори прелиминарна истрага против неговата сопруга за корупција и трговско влијание.
„Итно ми треба одговор на прашањето дали вреди, дали да продолжам да ја водам владата или да се откажам од оваа чест“, објави тој преку социјалната мрежа „Икс“.
Синдикатот Манос Лимпијас (Чисти раце) ја пријавил неговата сопруга Бегона Гомез дека им помагала на претприемачите на јавни тендери и го искористила тоа. Судот претходно денеска соопшти дека отворил истрага, без да даде детали.
Министрите од левичарската влада на Санчез оценија дека се работи за лажен извештај и дека синдикатот што го доставил е близок до екстремната десница.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.
Европа
Судот во Русија ја одби жалбата на американскиот новинар кој е во затвор поради шпионажа
Руски суд денеска ја отфрли последната од серијата жалби на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, против истражниот затвор под обвинение за шпионажа.
Гершкович (32) е првиот американски новинар уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна. На 29 март минатата година тој беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ), а беше уапсен на задача во рускиот град Екатеринбург.
Руските власти тврдат дека тој се обидувал да дојде до доверливи информации кои требало да и ги пренесе на американската влада, но новинарот, весникот за кој работи и американската влада негираат дека тој е шпион.
Датумот на судењето се уште не е одреден, а притворот минатиот месец му беше продолжен за уште три месеци и треба да трае до 30 јуни.
Минатомесечното рочиште беше затворено за печатот, но во вторникот на новинарите им беше дозволено да го снимат Гершкович додека тој стои во стаклената кутија во судницата и им се насмевнува на колегите од медиумите.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во одреден момент Гершкович би можел да биде ослободен во замена за рускиот затвореник кој се држи во странство, но таков договор се уште не е постигнат.